Убава Македонија

БЕЛАСИЦА

Александар Матески

Првата асоцијација со Беласица е Беласичката битка. Позната e и уште како битката кај Клуч или кај Клидон (на грчки). На 29 јули 1014 година во близина на планината се одигрува најтешката борба меѓу Самуиловата и византиската војска, предводени од цар Самуил од една и императорот Василиј II од друга страна. Овој значаен и трагичен настан од балканското минато беше на неколку наврати одбележан во 2014 година како година во која измина еден милениум од големиот масакр. Славното минато од тој период е видливо и во Грција, каде што денес се наоѓа островот Свети Ахил, местото каде што е крунисан цар Самуил и каде што е откриен неговиот гроб, исто така и во Бугарија, каде што денес се наоѓа местото на најтешкиот пораз и каде што започнува ослепувањето на војниците, во Македонија, во Охрид, каде што е најпознатата тврдина во која престојувал, па и Прилеп, каде што царот ја дочекал трагичната вест и починал.


Посетата на Беласица треба да се искористи барем еднаш во животот и за посета на местото каде што започна падот на Самуиловото царство. На околу шест километри од границата, на денешна бугарска територија се наоѓа Самуиловата крепост. До тврдината се пристапува по метален мост преку реката Струмешница, најголемата десна притока на Струма. Остатоците од тврдината се видливи и денес, три ѕидини со кои се штител ридот, а горе каде што се наоѓале живеалиштата сè уште стојат остатоци од главната кула која служела за набљудување. Во состав на крепоста постои и музеј каде што се изложени реплики од стари подземни живеалишта, пронајдени артефакти од ископувањата, како и објаснувања за случувањата од минатото.


Најголемиот дел од Беласица е во Грција, дури 45%, во Република Македонија 35% и во Бугарија 20%. Планината изобилува со шума. Атрактивно е искачувањето на врвот Тумба. Врвот е висок 1.881 м н.в. кој се наоѓа на тромеѓето меѓу Република Македонија, Грција и Бугарија, додека највисокиот врв Радомир (2029 м н.в.) се наоѓа во Бугарија. Еден од поинтересните настани преку кој може да се открие многу добро планината е акцијата „Балкан без граници“ која се одржува секоја година во август. Овој период е идеален за посета на планината и за разладување од жештините, а истовремено и можност да се проба од убавите боровинки кои ги има во изобилие на врвот. Стартот на планинарењето е од село Смоларе, преку планинарскиот дом „Шарена чешма“, сѐ до тромеѓето каде што се среќаваат планинарските групи од Македонија и од Бугарија. Планината е доста стрмна и може да биде напорна за почетници. Затоа подобра опција е одмор со ноќевање во шатори пред планинарскиот дом „Шарена чешма“. Од скоро започна и реновирањето на домот. Од врвот се гледаат Дојранското Езеро и за малкумина познатото Бутковско Езеро. Второто езеро, како дел од групата на егејски езера, е многу богато со флора и фауна и едно од најубавите езера за набљудување птици во Европа.


И на оваа планина можат да се забележат бројните воени утврдувања од кои голем дел датираат уште од времето на Првата светска војна и Македонскиот фронт кој се протегал од Галичица до Беласица, по целата линија на денешната јужна граница.
Друга можност која постои за организирана посета на Беласица е по патеката која води до планинарската куќа на дедо Кољо Муртински. Тука е и спомен-обележјето на Струмичката петорка. Петте струмички студенти на возраст од 20 до 30 години во 1951 година биле погубени кај селото Дорломбос на Беласица.
Ако дводневно планинарење е преголем залак или ако не сте спремни за поголема авантура, тогаш тука е Смоларскиот Водопад кој е многу лесно достапен за сите посетители. Не пропуштајте да го видите и големиот јавор стар преку 300 години. Во близина е и с. Банско познато по топлите минерални извори од кои голем дел се користат и во производството на ран зеленчук. Во селото се и руините од римските терми, неми сведоци на еден континуитет на искористување на природните убавини.

(април 2016)

ПРЕПОРАЧАНО