Општество

ЗА УСПЕШЕН БИЗНИС - НЕОПХОДНА Е СОРАБОТКА СО АДВОКАТ

Никола Главинче

 

 

Голем број на трговски друштва во Република Македонија транзитираа од поранешната практика наместо да вработуваат правници во својата администрација, да склучуваат договори за соработка со адвокати и адвокатски канцеларии. Причина за тоа кај некои беше потребата од намалување на трошоците и бројот на вработени, а кај други потребата од специјализирана и поквалитетна правна услуга. Најчесто средните и големите трговци, имајќи ги предвид обемот на работата и интензитетот на правните односи, решија да продолжат со вработување на правници и/или воспоставување на соработка со адвокатите и адвокатските друштва.
Потребата од меѓусебна поврзаност на правото и бизнисот заради консултација и соработка за конкретни прашања е повеќе од неопходна, особено во време на брзи законски измени чие непочитување често е предмет на сериозни последици. За помош и поддршка во правната област при успешното спроведување на секој бизнис план се јавува адвокатурата како независна и самостојна правна професија која дава правна помош. Правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.
Значајни новости во воспоставувањето и интензивирањето на соработката адвокатура – бизнис сектор се Измените и дополнувањата на Законот за едношалтерскиAот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица (Сл. весник 97/2015 од 12.6.2015) и Измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва (Сл. весник на РМ 88/2015 од 28.5.2015) кои започнаа да се применуваат од 1.11.2015 год.
Со изменетите и дополнети решенија на овие два закона, можност за поднесување на пријави за упис, промени и бришење на трговските друштва е дадена само на регистрационите агенти. Регистрационите агенти се трговци-поединци или трговски друштва што се регистрирани за вршење на сметководствена дејност, адвокат и адвокатско друштво кои имаат овластување за поднесување пријава за упис преку воспоставениот Систем за е-регистрација.
Во согласност со чл. 35-б од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, регистрациониот агент кој е трговец поединец и трговско друштво, како сметководител/овластен сметководител, може да врши електронско поднесување на пријавата за упис на основање само на трговец поединец, друштво со ограничена одговорност и друштво со ограничена одговорност на едно лице.
За разлика од ограничените овластувања на сметководителите, кои се однесуваат само на упис на ТП, ДОО и ДООЕЛ, во согласност со ст. 2 на членот 35-б, на адвокатите и адвокатските друштва им се овозможени целосни и широки овластувања за сите прашања поврзани со регистрацијата и промената на трговските друштва. Регистрационите агенти – адвокати поединци или адвокатски друштва – имаат речиси ексклузивно право да вршат електронско поднесување на пријава за упис на трговец поединец, пријава за упис на основање, промена и бришење на сите форми на трговски друштва определени со Законот за трговските друштва во единствениот трговски регистар.
Овие новости во Законот се последица на измените на ЗТД (чл. 18-а и други членови) што предвидуваат поднесувањето на пријавата за упис, прилозите, пријавата за упис на пренесување на фирма и пријавата за бришење на уписот да се врши преку Системот за е-регистрација, во согласност со Законот за едношалтерскиот систем. И во останатите членови кои се однесуваат за промените во трговските друштва, прокурата, пренос на удели и сл. предвидено е електронско доставување на документацијата преку регистрационен агент. Трошоците за ангажаманот на адвокатот се определени со адвокатската тарифа на РМ.
Адвокатите веќе се подготвени и успешно се прилагодуваат на промените. Во изминатиов период претходеа 13 дводневни обуки во 12 градови во државава, а во иднина ќе следуваат и нови едукативни обуки, спроведени од стручни лица на Централниот регистар на РМ, чие следење е неопходен услов, освен техничката опременост и соодветната документација за добивање на овластување за регистрационен агент.
Освен поголемиот квалитет во извршувањето на уписите и нивното побрзо подготвување, се очекува ваквите законски измени да имплицираат нужно и интензивно воспоставување на деловни односи речиси на сите трговски друштва со адвокатите. Таквиот однос на меѓусебна соработка ќе придонесе за подобрување на правната сигурност на трговските друштва, за креирање сериозен систем за информирање и почитување на законските права и обврски.

(јануари 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано