Убава Македонија

ВЕВЧАНИ

Jане Војчески

Спој на традиција, култура, прекрасна природа и гостопримливи домаќини. Вака со само неколку зборови може да се опише Вевчани – едно од најпознатите населени места во Македонија. На 800 метри надморска висина, на падините на Јабланица со над 2000 жители, Вевчани секогаш е со отворени врати за сите посетители. Населбата е стара со векови, а со сигурност знаеме дека во континуитет опстојува од четиринаесеттиот век до денес.

Вевчани е карактеристично по многу работи. Многумина во Вевчани сакаат да одат само поради природните убавини. Само еден поглед кон зеленилото кое се надвиснува нагоре по Јабланица е доволен за разбистрување на умот. Но ако тргнете од сред село нагоре, знаете дека ве чека убавина до убавина. На крајот од селото, силниот звук на шумење на водата ќе ве привлече да влезете во природниот парк на Вевчанските извори. Одејќи по уредените пешачки патеки ќе започенете едно исклучително убаво природно патешествие. Водата која ве обиколува од сите страни овозможува да уживате и целосно да се препуштите кон телесна и психичка релаксација. Во овој природен комплекс, Вевчанци овозможиле посетителите да ги имаат сите поволности. Изворите се лесно достапни за сите посетители, а за целосно уживање покрај сите патеки постојат клупи за одмор. Вевчанските извори се едни од поретките псеудопериодски сифонски врела во Република Македонија. Нивниот капацитет во овој период од годината изнесува до 1500 литри во секунда.

Ако продолжите нагоре кон планината, ве очекуваат уште поголеми изненадувања. Локалитетот Јанков камен, кој е на надморска височина од 1250 метри е уште едно место каде што спојот со природата е лесно достапен. Од ова планинско место имате поглед кон целата струшка котлина и кон Охридското езеро. А таму, планинските пејсажи се еднакви на оние кои често ги гледаме од репортажите од Алпите во Швајцарија и Аврстрија. Јабланица со целата своја убавина и сите благодети кои ги има овозможува вистинско природно доживување. За искусните планинари Јанков камен е само почетна точка од која се тргнува кон посета на Вевчанската локва и голина кои се наоѓаат на над 2000 метри надморска височина. Локвата е гордост на сите Вевчанци, но посетата до неа бара соодветна физичка подготовка и добри временски услови.

Покрај неизмерните природни реткости и убавини, Вевчани е извор на традицијата и културата. Секоја уникатно ѕидана куќа има посебна убавина, секоја фамилија има своја приказна. Едно од ретките места во Македонија каде што жителите сè уште секојдневно носат традиционална носија. Но, за 13 и 14 јануари – Василица, сите жители ги облекуваат најразличните маски и го одржуваат најстариот карневал во Македонија – Вевчанскиот карневал. Овој бал под маски е уникатен и интересен спој на паганското и модерното. Василичарите ги обиколуваат сите маала, а на сред село се одржува централниот настан и парадираат маските кои искрено ги опишуваат настаните кои се одвивале во годината што изминала.

За разлика од најголемиот број на места од ваков тип во Македонија, во Вевчани можете и подолго да престојувате, зошто постои апартманско сместување кое е по највисоки стандарди. Со повеќе дневниот престој во Вевчани, може вистински да ги доживеете настаните, да се релаксирате на природните убавини и да ја вкусите традиционалната вевчанска кујна.

ПРЕПОРАЧАНО