Општество

НОВО ИЗДАНИЕ НА САЛОНЕ ДЕЛ МОБИЛЕ ВО МИЛАНО

Лидија Георгиева

Со рекорден број на посетители, од 12 до 17 април годинава, во Милано се одржа 55. издание на традицоналниот И Салони (Салоне дел Мобиле, Милано). Преку 2 100 изложувачи ги презентираа своите најнови колекции, а меѓу нив како и секогаш, селекција од светски познатите брендови за дизајн. Тие останаа доследни на себе, со изразен континуитет во  стилот, палетата на бои, материјали и клиентелата која ја целат. Покрај големите дизајн брендови, изложени беа и колекции на мебел и предмети за домашно уредување од линиите на неколку познати модни куќи. Возбудливи иновации, креативни мотиви со многу детали, но со практичност и употребна вредност – иднината лежи во комбинацијата од технологија, во спој со традицијата. Футуризмот е неизбежен стил, но човекот и неговата добросостојба остануваат во центарот на вниманието.

 

Во рамките на овој интернационален салон за мебел, вообичаено, беа поставени неколку изложбени сектори, како и бројни придружни манифестации:
ЕУРОКУЧИНА/ФТК – технологија за кујни
Интернационален салон за бања
Салон САТЕЛИТ – за младите креативни дизајнерски сили
ЕУРОЛУЧЕ 2017 – интернационален салон за осветлување
КОМПЛЕМЕНТО Д`АРЕДО – интернационален салон за додатоци за мебел
ВОРКПЛЕЈС 3.0 – иновативен изложбен салон посветен на дизајн и технологија во планирањето на работниот простор и човековата добробит.
Неколку тенденции доминираа оваа сезона, но секако невозможно е атмосферата да се опише детално. Доминираа најновите нијанси на пастелни бои, слични како на модниот салон„ Премиер визион“. Палетата на овие тонови не е „исплакната“ како во минатата деценија, туку боите се полни и сочни како нијансите на сладолед, тоа е логична последица во сооднос со формата бидејќи постои големо влијание од 50-тите и 60-тите години на минатиот век. Материјалите се често во комбинација на природни со луксузни материјали (на пример мермер и месинг итн.). Дрвото со своите благородни карактеристики е секогаш присутно, а изработката што ја овозможува современата технологија заедно со старите занаети дава доста поетичен ефект.

САТЕЛИТ
Иако навистина салонот понуди голем празник за очи, со прекрасни и неочекувани естетски решенија, од етички причини,овојпат го издвоив Салонот Сателит. Основан во 1998 година, тој беше меѓу првите настани кои се фокусираат на млади независни дизајнери. Со желба да се покаже свеж и оригинален поглед кон иднината, главната цел е да се стимулира креативниот потенцијал на дизајнерите помлади од 35 години, да им се даде можност да се експонираат и да се развиваат. Многу брзо тој стана референца и незаобиколно место за интеракција меѓу производителите, индустријалците, креативците и скаутите на нови таленти. Голем дел од изложените прототипи во изминатите 18 изданија на Сателит подоцна преминаа во следната фаза – производство, а многу од илјадниците презентирани дизајнери заедно со школите за дизајн денес се големи имиња на светската сцена.
Со одлука на интернационално жири составено од главните играчи во светот на дизајнот беа доделени награди за најдобар дизајн. Добитникот на првата награда за 2016 година е студиото „Филип Бајшајм“ од Германија за дизајнот „Инфлејтбл сајдтејбл“ („Inflatable Sidetable“). Се работи за маса на надувување, конципирана како одговор на потрошувачкото друштво во кое живееме. Направена е од хипалон, исклучително траен, издржлив материјал од неопрен и полиестер, кој се користи во индустријата. Втората награда беше доделена на „Бујон“ од Јапонија за дизајнот „Ворм стул“ („Warm Stool“), третата на студиото „Нито“ од Германија за „Бобина чеар“ („Bobina Chair“).
Уживајте во галеријата фотографии што ја подготвивме за вас.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано