Убава Македонија

ПЛАКЕНСКА ПЛАНИНА

Александар Матески

 

 

На средината на патниот правец Ресен – Охрид ќе забележите патоказна табла со имињата на селата Куратица, Плаќе, Речица. Сите се на западната страна на Плакенска Планина. Патот е релативно добар и за брзо време сте на која било од овие локации. Ретки се туристите во тој дел. На само неколку минути возење од деснаta страна има и рибник, па посетата можете да ја искористите и за добра пауза тука или пак од спротива во селото Опеница, второто познато село и по една од најстарите и најрепрезентативните фотографии на македонските села, фотографирана токму во Опеница од познатиот Аугусте Леон во 1913 година. Не пропуштајте да ја побарате на интернет. Во селото со својата импресивна големина лесно и од самиот пат се забележува Црквата „Свети Никола“.


Валавиците се едни од најпрепознатливите белези на овoј регион. Ретко кој денес го знае значењето на зборот валавица, иако често како архаизам се употребува за означување на лице кое непрекинато зборува. Ако сакате непосредно да се запознаете со нив како неопходна алка во изработката на јамболии и други платна и на лице место да го видите стариот традиционален начин на производство, тогаш селата под Плакенска Планина го нудат токму тоа. Чистата вода која ја има во изобилие во недопрената околина брзо се спушта создавајќи совршени услови за изградба на најстариот вид перални. Јамболиите, под силниот пад на водата и создадениот силен вртлог меѓу дрвените штици, се вртеле и по два дена за потоа, на крај, откако ќе се исушат на дрвените огради, со одличниот квалитет и препознатлива мекост да бидат подготвени за продажба и за употреба. Валавичарството е занает кој е во целосно замирање, а претставува вистинска атракција. Освен валавиците во село Речица, познати и побројни се валавиците од спротивната страна на Плакенска Планина, во селото Вирово.
Ако сакате да бидете физички активни, посетата искористете ја за да се искачите на Плакенска Планина. Наесен претставува идиличен предел во доминантно златни бои. Планината е пространа и препорачливо е подолгите движења да бидат со водич или со некој локален жител кој добро ја познава областа. Највисоко е врвот Плаке, висок 1 998 метри. Други врвови во близина се Дупен Камен, Дамов Гроб, Грамада, Црни Врв... Од спротива, во делот кон Демир Хисар, е и селото Слоештица, родното место на великанот Петре М. Андреевски, авторот на „Пиреј“, можеби и најдобриот роман од Македонија, како и на неповторливата стихозбирка „Дениција“. На празникот Голема Богородица на 28 август секоја година се одржува манифестацијата „Славење на пирејот“.


Од врвовите на Плакенска Планина, при подобри временски услови, лесно се забележува и Црквата „Свети Илија“ подигната на падините на Илинска Планина на надморска височина од 1 544 м н. в., на самата граница меѓу општините Дебарца и Демир Хисар, една од највисоките цркви во Република Македонија. Црквата е често посетувана од голем број планинари кои најчесто пристигнуваат преку селото Големо Илино. Но, тоа е во делот на Илинска Планина со највисокиот врв Лиска со 1 909 м н. в. Всушност се работи за истиот масив кој на југоисток е наречен Плакенска Планина.
Планината е посебно богата со дивеч. Тоа веднаш се забележува со доаѓањето во селата каде што на голем дел од куќите се сушат кожи од дивеч, пред сѐ од диви свињи кои ги има многу во тој крај.
Едно од поголемите села е Куратица. Според последниот попис во селото живеат 326 жители. Тоа е село со дури четири цркви. А да, за името. Постојат повеќе легенди, едната дека доаѓа од турски збор кој означува „сув дол“, втора дека името е изведено од зборот „корито“, трета од влашкиот збор „брз“, а последната се поврзува со личното име Курат. Токму последната ја слушнавме од мештаните како најверојатна за потеклото на името на ова село.
Сите се интересни места за посета, за запознавање со последните моменти на еден занает кој изумира и за уживање во прекрасните природни убавини.

ПРЕПОРАЧАНО