Општество

АМЕРИКА ИЗБИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Мирослав Саздовски

ПРИРАЧНИК ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО САД

 

За сите оние кои барем малку се заинтересирани за меѓународните односи, геополитиката, сферите на моќ и на влијание во светот, изборот за претседател на САД претставува кулминација на личната интрига и основа за светската политичката анализа. Веќе една година на страниците на Економија и бизнис, преку разни анализи на политичките состојби во разни држави, региони и на разни континенти, се обидовме да го осветлиме политичкиот „цајтгајст“ соочен со новите предизвици на популизмот, на бегалската криза, на тероризмот итн. Сепак, ако за некој настан може да се каже дека има сила да изврши промена на светските политички текови, тогаш, без конкуренција, тоа претставува изборот за претседател на САД. Додека кампањата во САД сѐ уште трае и претседателските кандидатите се борат и за последниот неопределен глас, очекувано е, за нас надвор од САД, кои претставуваме само набљудувачи на процесот, веќе да го имаме својот фаворит. Сепак, доколку сакате суштински да ја следите изборната трка, овој т. н. прирачник ќе ви обезбеди основа за полесно следење на изборите во САД.

ИЗБОРЕН ПРОЦЕС

За земја која се смета дека има највисоко ниво на демократија, изборниот процес за избор на претседател е прилично сложен, не е директен, и секој глас не вреди точно еднакво. Иако граѓаните на САД, во најголем дел, изборното право ќе го искористат на осми ноември (секогаш во вторник), изборот за претседател на САД ќе се случи на 19 декември кога избраните претставници на т. н. „Изборен колеџ“ (Electoral college) ќе го ковертираат својот глас за еден од кандидатите. Всушност, на осми ноември граѓаните на САД ќе ги изберат претставниците на „Изборниот колеџ“ кои подоцна ќе го изберат претседателот на САД. Тука не се работи за некоја можност за заговор и за изигрување на волјата на народот (иако и тоа е возможно) имајќи предвид дека претставниците на „Изборниот колеџ“ во повеќето држави се обврзани да ги следат резултатите од изборите во соодветната држава. Познавањето на системот е важно за да се разбере техниката со која се освојуваат  т. н. „изборни гласови“ (electoral votes) во секоја држава посебно. Бројот на претставници во „Изборниот колеџ“ е точно 538, па со тоа и вкупниот број „изборни гласови“ за кои се натпреваруваат кандидатите е 538. Овие гласови се распределени по државите на САД речиси идентично според бројот на конгресмени кои ги делегира соодветната држава во Претставничкиот дом и во Сенатот. Според тоа, секоја држава за почеток има два „изборни гласа“ соодветно на претставниците во Сенатот кои ги делегира и дополнителен број „изборни гласови“ соодветно на претставниците во Претставничкиот дом кои, пак, зависат од бројноста на населението на соодветната држава. Со тоа речиси, но не целосно пропорционално, распоредот на бројот на „изборни гласови“ за претседател на САД е распределен според релативното учество на бројот на жители на секоја држава во вкупната популација на САД. На крајот, она што е клучно за разбирање на изборниот процес, е што освен државите Небраска и Меин добивањето на „изборните гласови“ во сите останати држави е на принципот „Победникот зема сѐ“ (Winner takes all) без разлика со колку гласови е извојувана победата во соодветната држава. Па така, во големата држава Флорида, во која живеат преку 15 милиони жители, доколку едниот кандидат победи со само неколку стотина гласови разлика (формално, тоа може да биде и само еден глас разлика), ќе ги добие сите 29 „изборни гласови“, а освоените гласови од граѓаните кои ги добил неговиот противкандидат целосно пропаѓаат. Ако се сеќавате на претседателските избори во САД во 2000 година и аферата „Рикаунт“ (Recount), која подоцна беше и филмувана, Џорџ Буш со само 537 гласови разлика победи во државата Флорида и ги освои тогашните 25 „изборни гласови“, колку што вкупно носеше Флорида, што беше клучно за да стане претседател на САД, иако кумулативно на национално ниво освои помалку гласови од неговиот противкандидат Ал Гор. Сѐ на сѐ, она што е важно да се запомни, за полесно да се следат изборите, е дека кандидатите се борат за вкупните „изборни гласови“ во секоја држава посебно, дека вкупниот број „изборни гласови“ е 538 и за избран ќе се смета оној кандидат кој ќе освои најмалку 270 „изборни гласови“.

ПОДЕЛБА НА ДРЖАВИТЕ СПОРЕД ПРЕФЕРЕНЦИИТЕ ЗА ГЛАСАЊЕ

За да можете да добиете појасна слика претпоставете дека Европската Унија прераснала во конфедерација и дека се избира претседател на Обединетите Европски Држави (ОЕД). Ако во замислената држава го реплицираме изборниот систем на САД, тоа би значело дека секоја од европските држави организира посебни избори за претседател на Конфедерацијата и дека победникот ги зема сите гласови во државата во која ќе победи. Тогаш веројатно полесно би можело да се предвиди исходот во некои држави како Германија, Полска или Велика Британија каде што стабилното водство на десницата ќе обезбеди поддршка во соодветната земја за кандидатот на „ЕПП“ кој, во случајов, треба да претставува пандан на Републиканската партија во САД. Слично во Франција и во Италија моменталниот распоред на силите би обезбедил стабилно водство на кандидатот на „ПЕС“ кој, во случајов, претставува пандан на Демократската партија во САД. Па, кога навистина би се одржувале избори за претседател на ОЕД, анкетите би покажале двоцифрено водство на некој од кандидатите во овие држави и со тоа овие држави, иако според бројот на жители би носеле огромен број од „изборните гласови“, ќе излезат од фокусот на кампањите и на јавноста. Имајќи предвид дека системот почива на принципот „Победникот зема сѐ“ (Winner takes all), логично е штабовите на кандидатите да се откажат од борбата во оние држави каде што има голема разлика бидејќи големината на разликата не е важна кога се освојуваат „изборните гласови“. Со тоа борбата би се водела во оние држави каде што разликата е мала и каде што кампањата може да донесе пресврт. Тоа се таканаречените држави со неизвесен исход (Toss-Up states) или држави со традиционално променливо расположение (Battleground states). Споредбата со замислениот европски пандан на системот на САД е добра и за да се добие почиста слика за тоа на кој начин гласачите во САД го перципираат и го доживуваат изборот за претседател. Тие во своите држави имаат влади и гувернери (пандан на претседатели во претседателските системи), кои од поблиску се соочуваат со проблемите на гласачите. Изборот за претседател на САД, за гласачите, повеќе претставува избор за националната администрација која се грижи за федералните прашања и, секако, за заедничката надворешна политика која, ќе се сложите, за земја како САД е многу важна.

ЦВРСТО ОПРЕДЕЛЕНИ ДРЖАВИ (SOLID STATES)

Ако и досега делумно сте ја следеле изборната кампања во САД, веројатно сте забележале дека државите како Калифорнија, Њујорк и Илиноис не добиваат соодветен третман од кампањите на двајцата кандидати. Имено, како големи држави со бројно население, Калифорнија обезбедува 59, Њујорк 29, а Илиноис 20 „изборни гласови“ за победникот. Овие три држави носат повеќе од една третина од потребните „изборни гласови“ (98 од 270) или нешто помалку од една петина од вкупните „изборни гласови“ (538); но, во секоја од нив, кандидатката за претседател од Демократската партија Хилари Клинтон има двоцифрено водство и поради тоа овие држави се класификуваат како „цврсто определени“ (Solid states) на страна на демократите. Во моментов, според распоредот на силите, постојат  вкупно 12 држави за кои анкетите покажуваат цврсто водство на кандидатката Хилари Клинтон и кои ѝ обезбедуваат цврста почетна позиција од 172 „изборни гласови“ . Доналд Трамп, од друга страна, како претседателски кандидат на Републиканската партија има обезбедено цврста поддршка од дури 15 држави; но, поради тоа што се работи за помали држави според бројот на жители, неговиот „бетон“ е само 93 „изборни гласови“. Најголемите од овие држави се Тенеси и Индијана кои, иако најголеми во ова друштво, носат само по 11 „изборни гласови“ или вкупно 22. Голем број од државите во кои анкетите покажуваат двоцифрено водство на Трамп се држави како Вајоминг, Дакота (Северна и Јужна) итн. кои се мали и носат само по 3 гласа. Со тоа, од аспект на почетната позиција од која поаѓаат претседателските кандидати, Хилари Клинтон има двојно поголема предност.

НАКЛОНЕТИ ДРЖАВИ

Покрај „бетон“ државите кои покажуваат цврста, двоцифрена предност на анкетите за еден од кандидатите за претседател, постојат и т. н. „наклонети држави“ (Leaning states) кај кои предноста за едниот кандидат е едноцифрена, но е поголема од пет процентни поени. Такви држави, кои се наклонети кон кандидатката за претседател Хилари Клинтон се држави како Мичиген, Вирџинија и Висконсин кои секоја соодветно носат по 16, 13 и 10 „изборни гласови“. Вкупно вакви „наклонети“ држави, кај кои претседателскиот кандидат на демократите Хилари Клинтон има предност меѓу 5 и 10 процентни поени, се вкупно десет и тие кумулативно обезбедуваат 90 „изборни гласови“. Кај претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп ваквите „наклонети“ држави се вкупно шест и кумулативно обезбедуваат поддршка од само 33 „изборни гласови“ . Една од поинтересните „наклонети“ држави е Пенсилванија која е голема држави и која носи 20 „изборни гласови“. Во периодот на пишување на овој текст, анкетите покажуваат водство од преку шест процентни поени за кандидатката Хилари Клинтон, што ја става во редот на „наклонети држави“, но пред само еден месец предноста на Хилари во оваа држава се движеше околу еден процентен поен, па така Пенсилванија важеше за „неизвесна“ држава (Toss-up state), т. е. држава за која резултатот се сметаше за неизвесен. Всушност, доколку сте се сретнале со некои од анализите кои ги прават светските, а особено американските медиуми во кои се прогнозира сигурна победа на кандидатката за претседател Хилари Клинтон, поместувањата на поддршката во државата Пенсилванија во корист на кандидатот на демократите претставува еден од клучните елементи за извлекување на таквиот заклучок. Како и да е, вкупниот број „изборни гласови“ од „наклонетите држави“ е 123 и тие, како што веќе кажавме, се распределени во сооднос 90 за Хилари Клинтон и 33 за Доналд Трамп. Тоа, покрај предноста кај „бетон“ државите, покажува уште поголема предност на Хилари Клинтон, чија вкупна позиција на „наклонети“ и „бетон“ држави ѝ обезбедува 262 „изборни гласови“, што претставува само осум помалку од потребните 270 за да биде избрана за претседател на САД. Доналд Трамп, од друга страна, може да се надева на само 126 „изборни гласови“ од државите кои се делумно и/или цврсто наклонети за неговиот избор.

ДРЖАВИ СО НЕИЗВЕСЕН ИСХОД (Toss-Up States)

Државата Тексас претставува втора по големина држава во САД (прва е Калифорнија), која носи 38 „изборни гласови“ за победникот на претседателските избори. Интересно е што во Тексас, од 1976 година, кога за последен пат победи претседателскиот кандидат на демократите Џими Картер, секогаш победува кандидатот на републиканците. Најчесто, на минатите изборни циклуси, државата Тексас влегувала во категоријата „наклонети“ и/или „бетон“ држави за републиканците, но анкетите на овие избори покажуваат водство на Доналд Трамп помало од пет процентни поени. Иако се работи за држава со неизвесен исход, аналитичарите прогнозираат тесна, но сигурна победа за Доналд Трамп. Флорида, од друга страна, традиционално претставува „променлива држава“ (Swing state) каде што во изминативе претседателски изборни циклуси речиси секогаш победувал кандидатот кој подоцна ја освојувал вкупната трка за претседател на САД. Иако пред само два месеци анкетите покажуваа вистинска изедначеност и неизвесност во Флорида, последните три недели од октомври предноста на Хилари Клинтон пред Доналд Трамп се движи околу 4 процентни поени. Анкетите покажуваат вкупно десет „неизвесни држави“ кои кумулативно носат 150 „изборни гласови“ за победникот.

КАДЕ СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПОБЕДНИКОТ?

Еден од основните предизвици, кои значително ги намалуваат шансите на претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп, е исходот во неколку традиционално републикански и „променливи“ држави. Погоре напишавме за еден од најважните бастиони на републиканците, Тексас, како и за водството кое успеа да го обезбеди Хилари во Пенсилванија во финишот на кампањата претворајќи ја во „наклонета држава“. Покрај овие две, кампањата на Трамп не успеа да обезбеди поддршка во „променливата“ Флорида, а за победа не смее да ја изгуби ни државата Минесота во која, во изминативе 40 години, секогаш победувале демократите (последен пат Никсон победил во 1972 година) и во која анкетите покажуваат предност од над четири процентни поени за Хилари. Всушност, анкетите покажуваат сериозна неизвесност и за државата Аризона која, во изминативе 40 години, само во 1996 година обезбедила предност од 2,2 процентни поени за претседателскиот кандидат на демократите Бил Клинтон, а во сите останати циклуси победувале републиканците. Оваа тврда републиканска држава во моментов е во делот на „неизвесните држави“ каде што благо водство, од 1,3 процентни поени, има Хилари Клинтон!? Всушност, иако на национално ниво анкетите покажуваат предност од околу шест процентни поени за Хилари, распоредот на оваа предност по државите е релативно линеарно поделена, што ја прави борбата на Трамп распрсната и неизводлива. Цврстата поддршка од „бетон“ и од „наклонетите“ држави на Хилари Клинтон ѝ обезбедуваат старт од 262 „изборни гласови“ од потребните 270 за победа, па со тоа Трамп мора да обезбеди победа практично во сите останатите „неизвесни  држави“ бидејќи победа во речиси која било од нив за Хилари Клинтон би значело поминување на прагот од 270 „изборни гласови“. Оттаму доаѓаат и бројните анализи, пред сѐ во американските медиуми, за кои борбата е веќе завршена, а веројатноста за победа на претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп се проценуваат на 10 %. Сепак, изборите претставуваат чин каде што неизвесноста е суштината на нивното постоење, па така вреди да се следат изборите за избор на претседател на САД на осми ноември, а овој прирачник, се надевам, ќе ви помогне во тоа.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано