Општество
ЧЕТ-АПЛИКАЦИИТЕ, ВЕЌЕ ПОГОЛЕМИ ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk
Битката е веќе сериозно разгорена. Кој ќе успее да доминира во сегментот каде што, се чини, сите ние ја движиме блиската иднина?
Дали си слушнал за Ви чет (WeChat)? Не, не е Вотс ап (WhatsUp), не е ниту Месинџер (Messanger) на Фејсбук (Facebook), ниту Вајбер (Viber), а најмалку новиот Ало (Allo) на Гугл (Google). Станува збор за чет-апликација лансирана во 2011 година во Кина. Пет години подоцна оваа апликација има стотици милиони корисници, најмногу во Кина, се разбира, но овие корисници преку апликацијата можат да прават многу повеќе од она што нам ни е секојдневје користејќи ги останатите чет-апликации.
Зошто е важен Ви чет (WeChat)? Едноставен е, сите, буквално сите, гледаат во него лидер кога станува збор за иновации во ова поле. Тој е патоказ како ќе изгледа во блиска иднина една напредна апликација за размена на пораки, односно не само пораки туку и пари и добра, услуги и буквално сѐ што може да ви текне.
Наивниот старт на ерата на чет-апликациите беше мотивиран од високите цени за СМС пораките на одредени пазари. Идејата да се заштедат пари и да се овозможи полесна комуникација денес е далеку од само заштеда на пари, повеќе е животен стил, основна потреба и дел од функционирањето без кој голем дел од нас не можат да функционираат.
Веќе некое време цел свет зборува дека иднината на комуникацијата се токму овие апликции, односно сервиси, па токму затоа борбата таму е многу заострена. Секој се обидува да зафати што е можно подобра позиција и да понуди некој тип услуга што ќе биде чекор пред другите. Ако судиме според бројот на корисници, Вотс ап (WhатsUP) е во најдобра позиција. Тој е на врвот според бројот на активни корисници на глобално ниво, а неодамна реши и да ги енкриптира сите пораки меѓу корисниците со што им даде комплетна сигурност (анонимност) на своите корисници.
Фејсбук (Facebook) во својот Месинџер (Messanger) кој е втор на листата по број на глобални активни корисници започна да експериментира со ботови, односно автоматизирани и полуавтоматизирани чет-канали преку кои брендовите ќе можат да остваруваат директна комуникација со своите корисници. И тука се наѕира и конкретната причина зошто е важно да се следи развојот на овие канали за комуникација. Едноставно тие стануваат прва и најважна дестинација при користењето на своите паметни уреди (телефони, часовници, таблети...), па соодветно на тоа мора и да се размислува за стратегија за нивно соодветно користење.
Во Кина бизнис соработниците не разменуваат картички, туку само контакт на Ви чет (WeChat). Месинџер (Messanger) неодамна овозможи многу полесно стартување на чет со бренд преку клик на url или скенирање на код. Од неодамна започна да тестира и со реклами внатре во четовите на корисниците, а овозможи и опција за размена на пари.
Сета оваа доминација на овие апликации значи многу помалку групна комуникација со корисниците и многу повеќе фокус на корисникот/потрошувачот како индивидуа, она што одамна се зборуваше дека е разликата кај социјалните медиуми.
Оваа сфера на чет-апликации често се нарекува и Дарк соушл (Dark Social) затоа што многу малку може да се извлече статистика однатре од овие апликации. Па така маркетерите, всушност, се ставени пред голем предизвик да изнајдат начин да дознаат кој од каде доаѓа, по чија препорака и сл. Самите апликации делумно почнаа да дозволуваат да бидат откриени барем дел од основните податоци, но тоа е уште далеку за потребите на добра сегментација на публика. Според едно истражување на Фреш ег диџитал (FreshEggDigital) само 7 од 22 тестирани апликации оставаат отисок во Гугл аналитикс (Google Analytics). Некои од нив како Фејсбук месинџер (Facebook Messanger) на пример се доволно јасни, но посетителите кои доаѓаат од Гугл хенгаутс (Google Hangouts) се појавуваат како органски посети од Гугл срч (Google Search). Она што е поважно е дека Скајп, Вотс ап, Ви чет, Снеп чет, Слек (Skype, WhatsUp, WeChat, Snapchat, Slack) и други воопшто не можат да се идентификуваат во аналитиките и се појавуваат како директни посети.
Се чини дека предизвиците допрва ќе доаѓаат. Корисниците јасно и гласно покажуваат што и каде сакаат да користат, делумно и со цел да ги избегнат компаниите. Но, без нив не се може, сепак на крајот на краиштата тие се оние кои го прават балансот некои работи да ни останат бесплатни. Битката е заострена, Епл (Apple) се вклучи во неа со новата надградба на И месиџ (iMessage), но по сѐ изгледа Месинџер (Messanger) е во најповoлна позиција, пред сѐ, поради бројот на корисници, способноста на Фејсбук (Facebook) брзо да иновира и веќе отворените можности за развој на чет-ботови, и дополнителни апликации и сервиси.
Како и да е, ако сакате вашиот бренд и компанија да бидат подготвени да одговорат на барањата на своите корисници мора да го имате во видно поле овој дел од развојот на технологијата и со доволно податоци во вистинско време да донесете одлука да влезете во игра.