Општество

РЕФЕРЕНДУМ ВО ИТАЛИЈА: Прашање кое наметнува повеќе од одговор

Мирослав Саздовски

 

 

Матео Ренци, премиер на Италија од 2014 година до сега „Доколку не успее референдумот за уставните измени на Италија, ќе си поднесам оставка од функцијата премиер.“

МАТЕО РЕНЦИ

Политичката кариера на Матео Ренци слободно може да се нарече дека е холивудски ѕвездена. Во 2004 година, на негова 29-годишна возраст, стана претседател на Покраината Фиренца каде што во 2009 година ја продолжи кариерата како градоначалник. Иако сѐ уште во зародиш, неговата прудентна политичка доктрина потпрена на цврсти и на брзи реформи и на силна политичка амбиција го лансираа во врвот на Демократската партија на Италија и при крајот на 2013 година стана нејзин лидер. На почетокот од 2014 година, на свои 39 години, Матео Ренци стана најмладиот премиер во историјата на Италија и веќе две години одржуваше стабилно мнозинство, што претставува вистинска реткост за Италија. За време на неговиот мандат, Ренци спроведе бројни реформи кои ја стабилизираа економската криза во Италија, а неговиот имиџ како цврст реформатор му обезбеди симпатии не само кај италијанската јавност туку и пошироко. Во својот реформски налет, Ренци во своите раце го зеде и најврелиот костен на политичкиот систем во Италија, реформа на изборниот модел и укинување на целосната дихотомија меѓу Парламентот и Сенатот. На овој системски Гордиев јазол, голем број политички ѕвезди на Италија во изминативе декади ги имаа „изгорено“ своите политички амбиции, па овој политички предизвик се смета за „светиот грал“ на политичката кариера на Ренци. По двегодишна борба во Парламентот, на почетокот на оваа година Ренци успеа да ги протурка системските измени и со тоа да обезбеди услови за одржување референдум. Неговиот амбициозен и храбар политички потег ја остави опозицијата без многу опции за борба против неговата, во тие моменти, блескава кариера, и опозицијата остана поделена по прашањето за уставните реформи. Анкетите покажуваат одобрувачка позиција за референдумот од преку 55 % наспроти 25 % кои се против, а популарноста на Ренци остана стабилна на преку 40 %. И тогаш, во април оваа година, на само неколку месеци од референдумот, Матео Ренци изјави дека доколку референдумот не успее тој ќе си поднесе оставка од својата функција. Денес овој негов политички гамбит се смета за еден од најголемите политички лапсуси, што се заканува да ја промени политичката структура во Италија, а со оглед на состојбите во Европската Унија претставува и една од најголемите закани за опстанокот на еврото и за стабилноста на целата унија.

ИТАЛИЈАНСКИОТ ДВОДОМЕН СИСТЕМ
По завршувањето на Втората светска војна, италијанското општество претставува комплексен сплет на дијаметрално спротивни политички позиции и етнички несогласувања. Како и за секоја земја која била дел од силите на Оската, и за Италија се создава посебен политички систем кој треба да обезбеди стабилност на земјата и контролни механизми за ограничување на моќта на поединците во согласност со тогашната доктрина за земјите кои поминале низ периодот на фашизам – „Никогаш повторно“. Во обид да се обедини земјата во форма на република, Уставот на Италија предвидува т. н. совршено симетричен дводомен парламент, со идентични права и должности меѓу двата дома. Долниот дом (Собранието) го претставуваат парламентарци кои се избираат на непосредни избори, додека Горниот дом (Сенатот), иако користи сличен пропорционален изборен модел како и Собранието, има поставено ограничувања со кои се обезбедува поголема регионална застапеност и политички диверзитет. Системот е така создаден за да оневозможи концентрација на моќта на одредена политичка елита и да ги примора политичките елити во формирање коалициски компромиси со цел обезбедување стабилно мнозинство. Низ текот на годините оваа совршена симетричност се покажа како успешен експеримент во смисла на создавање бројни политички ентитети и во ограничувањето на моќта на поединечни политички групации. Но, исто така, во целата своја политичка шареноликост овој систем ја претвори Италија во една од политички најнестабилните земји во светот каде што во изминативе 70 години се сменија дури 64 премиери!? Практично, во својата модерна историја како Република, Италија немала ниедна влада што успеала да го истера целиот свој мандат, а најчесто владите не можат да обезбедат мнозинство ниту за половина од својот предвиден мандат. Оваа политичка нестабилност, иако има свои демократски предности, сепак со себе носи и голем товар на неефикасност и неконзистентност на политичкиот и на општествениот развој.


Резултати од јавното мислење по прашањето за италијанскиот референдум (просечни)

УСТАВНИ РЕФОРМИ
Иако системот уште од самиот старт е проследен со бројни критики поради својата неефикасност, вистинските обиди за негово менување почнуваат во осумдесеттите години од минатиот век. Во 1983 година, под палката на Алдо Боци, искусен пратеник и влијателен политичар во италијанското општество, се формираше првиот Комитет за уставни реформи на Дводомниот парламент. Иако обезбеди првично сериозна политичка поддршка, обидот на Боци да обезбеди мнозинство заврши неуспешно и целиот негов труд пропадна. Чириако Де Мита, кој кон крајот на осумдесеттите беше премиер на Италија, во 1993 година го формираше вториот Комитет за уставни реформи на Дводомниот парламент, но набргу се откажа од оваа функција на чие место дојде Леонида Јоти која во тој период беше претседателка на Собранието. Во 1997 година се формираше и третиот Комитет за уставни реформи на Дводомниот парламент, овојпат под палката на Масимо Д’Алема, кој една година подоцна стана и премиер на Италија. Сите овие обиди во деведесеттите години завршија целосно неуспешно имајќи предвид дека политичката распределба на силите во Италија не дозволува формирање стабилно мнозинство кое ќе застане зад ваква голема системска реформа.
На почетокот од новиот век, италијанската политичка сцена почна да гравитира меѓу две силни политички групации. Едната е левоцентристичката политичка групација предводена од Романо Проди, додека на другата страна се наоѓа десноцентристичката опција предводена од магнатот Силвио Берлускони. Во 2005 година, во зенитот на популарноста, Берлускони успеа да обезбеди мнозинство во Парламентот за реформи на дводомниот систем притоа внесувајќи промени кои би ја зацврстиле позицијата на премиерот визави претседателот. Овој негов обид на мала врата преку уставните реформи да ја засили својата позиција претставува главна причина за неуспешноста на референдумот во 2006 година, а Берлускони ја изгуби премиерската функција на чие чело повторно се врати Романо Проди. Во следните неколку години настапи европската должничка и светската економска криза кои имаа силно влијание врз италијанската економија. Како една од главните причини за големите последици врз италијанското општество е посочена нефункционалноста на политичкиот систем, која не обезбедува доволно стабилност за една политичка гарнитура да може да воведе храбри реформи. Оваа нова политичка мантра, во 2011 година, резултираше со нова кампања овојпат предводена од претседателот на Италија Џорџо Наполитано. Иако и двете водечки партии имаа начелна поддршка за уставните измени, сепак не успеаја да обезбедат компромис за начинот на реализација и за деталите на оваа реформа, па така иницијативата заврши со неуспех уште при гласањето во Парламентот.

НОВИТЕ СОСТОЈБИ
Движењето 5 ѕвезди претставува млада политичка партија на италијанската политичка сцена, формирана во 2009 година, од познатиот италијански актер и комедијант Бепе Грило, како и од популарниот веб-блогер Џанроберто Казалеџо. На крилјата на популизмот, на антиестаблишментот, со цврсти ставови против глобализацијата и против брзата интеграција, за кратко време партијата успеа да се наметне како носечки претставник на новиот политички бран што го зафати поголемиот дел од континентот. За разлика од останатите појавни облици на новиот популистички бран во Европа, Движењето 5 ѕвезди тешко може да се класификува како ултрадесничарско движење, но не може ниту да припадне во категоријата на радикалната левица. Како што тие самите за себе велат, тие претставуваат антиестаблишмент движење кое не се совпаѓа со досегашната политичка поделба на леви и на десни идеолошки матрици. Она што претставува темел на нивното дејствување е нивниот цврст став за напуштање на заедничката валута, еврото, како и ревизија на односите со Европската Унија притоа не исклучувајќи и референдум за излез од унијата по примерот на Британија. Ова „грасрут“ движење на изборите во 2013 година освои повеќе гласови од коалицијата предводена од Силвио Берлускони и со тоа успеа да се наметне како втора по големина политичка опција во Италија нарушувајќи ја политичката дихотомија што трае повеќе од дваесет години. Тоа ја прави состојбата во опозициските редови нестабилна, што му овозможува на новиот млад и надежен реформатор од Демократската партија Матео Ренци да води стабилна Влада, спроведувајќи бројни реформи, меѓу кои и реформата за уставни измени на политичкиот систем на Италија.
Следејќи го општото расположение и поддршка за уставните реформи по објавување на референдумот, Матео Ренци ја стави својата функција во заложништво на успешноста на референдумот, обидувајќи се со тоа да ја трансферира поддршката за реформите врз сопствениот политички габарит. Овој негов, од денешна дистанца, незрел политички обид за кокетирање со гласачкото тело иницира сериозно политичко и општествено негодување кон неговиот политички дигнитет. Опозицијата, која дотогаш е целосно распадната и окупирана со меѓусебна борба за доминација во рамките на својот кампус, пронајде точка за обединување и излез од политичкиот ќорсокак во кој беше заглавена. Практично сите опозициски партии застанаа зад кампањата „Не“ на референдумот, а бројни интелектуалци, новинари и аналитичари сѐ погласно се противат на ароганцијата која младиот реформатор непотребно ја демонстрира. Во периодот што следуваше, поддршката за референдумот опадна, па денес, на нешто повеќе од два месеци од референдумското изјаснување, анкетите покажуваат предност на опцијата „Не“ и според бројните анализи сѐ поизвесно е дека доколку не се случи некој поголем потрес референдумот ќе биде неуспешен. Поддршката за Ренци веќе е намалена за повеќе од една третина, а евентуалната неуспешност на референдумот не само што ќе ја урниса кариерата на младиот реформатор туку и од корен ќе го разниша политичкиот поредок на Италија. Дополнително, имајќи предвид дека најголемата политичка закана во моментов доаѓа од страна на Движењето 5 ѕвезди, под закана се и стабилноста на Европската Унија и на еврото.

Ренато Брунета, координатор на Пратеничката група Форца Италија на Силвио Берлускони
„Италијанците ќе одговорат со ‘Не’ и ќе го испратат Матео Ренци да се пакува!“


Бепе Грило, основач и лидер на Движењето 5 ѕвезди
„Доколку ја освоиме власта, ќе организираме референдум за излез од европската монетарна унија.“

ПРАШАЊЕ КОЕ ЗАСЛУЖУВА ПОВЕЌЕ ОД ОДГОВОР

Уставните реформи во Италија, за напуштање на симетричниот дводомен парламент, претставуваат насушна потреба за реформа на политичкиот систем, кој треба да одговори на новите предизвици за поефикасно и за постабилно владеење. Брзите промени и потребата за брзо и за ефикасно прилагодување претставуваат основа за следење на новите општествени трендови. Сепак, поради незрелост, и според многумина поради политичка алчност и амбициозност, обидот за уставни реформи сега веќе го надминува прашањето за италијанското уставно уредување и прераснува во прашање за севкупниот општествен и политички поредок во Италија. Европската Унија сѐ уште не може да се стабилизира од политичкиот земјотрес од успешноста на Брегзит, па италијанскиот проблем сѐ повеќе надвиснува над проинтегративните европски политички елити. Матео Ренци веќе ретерираше од својот став за напуштање на премиерската функција доколку референдумот е неуспешен признавајќи дека тоа било грешка, но ова негово повлекување не може во целост да ги избрише последиците од неговиот волунтаризам. Италијанската сцена кулминацијата ја очекува на 4 декември кога е закажан референдумот, но политичките турбуленции веќе ја оптоваруваат италијанската и европската јавност. Ако на ова се додадат и новите евроскептични движења во Полска, во Шпанија, во Грција, во Унгарија итн., кои некаде доминираат, а некаде се во политички залет, тогаш може да се констатира дека Европската Унија ги живее најтешките предизвици по нејзината интеграција и стабилност.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано