Општество
ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО ЕРАТА НА ДОНАЛД ТРАМП
Мирослав Саздовски
Изминатиов месец бројни светски, а особено американски политички аналитичари, непрестајно си ја удираа главата од ѕид поставувајќи ги сите прашални зборчиња во секаков редослед и комбинација во обид да изнајдат одговор и објаснување за новата американска реалност. Што се случи?; Како можеше?; Дали навистина?; Кога, каде, колку, кој промаши? итн., и сѐ останато, во секаков формат, колумна, анализа, сторија, само за да се објасни и прифати она што изгледаше невозможно: следниот претседател на САД е г. Доналд Трамп. Ниту бројните анализи за погрешни пондери за излезност, ниту објаснувањата за погрешно насочени анкетни прашања, насочени во погрешни држави, ниту водството од преку два и пол милиони гласови на Хилари пред Трамп на национално ниво не можат да го оправдаат промашувањето на бројните рејтинг агенции и политички аналитичари кои беа подготвени да се заколнат дека практично не постојат никакви шанси за промена на резултатот и дека сигурен победник на изборите е Хилари Клинтон.
Но, како што изминува времето, мамурлакот полека исчезнува и доаѓа времето кога треба да се подвлече црта и да се направи анализа на новата американска реалност. Она што е веднаш и лесно воочливо е дека севкупниот естаблишмент како на Демократската, така и на Републиканската партија доживеa сериозен пораз. Тоа, во општества кои брзо ги применуваат и се адаптираат на новите предизвици, значи дека во американската политика се очекуваат брзи и значајни промени. Покрај естаблишментот, изборот на Трамп претставува и генерациски удар каде што постарите и поконзервативни родители им врзаа политичка „заушка“ на своите прогресивни и размазени деца и ги испратија во ќошот на општествената детска соба. Овој генерациски, па ако сакате и цивилизациски јаз претставува основа на која се исцртува поделбата на американското општество по изборот на Трамп, а тоа, пак, претставува еден од неговите најголеми и најважни предизвици со кои Доналд Трамп ќе мора веднаш да се соочи. Обединувањето на американските граѓани, како услов за мирно политичко поведение во кое би се стекнале можности за спроведување на најавените реформи, е првиот приоритет за Трамп.
ОБНОВА НА НАЦИОНАЛНОТО ЕДИНСТВО
Еден од најважните предизвици со кој Трамп се соочува, сѐ уште не избран (формално, електорите ќе го изберат Трамп на средината на овој месец), е изливот на револт по улиците, кој во најголем дел е предизвикан од неговите политички позиции во кампањата. Нормално сите очекуваат Трамп да ги направи првите чекори кон условното помирување со своите противници, но исто така сите се согласни дека низ текот на кампањата, а и воопшто низ текот на изминатиот период се создадени сериозни цивилизациски и општествени разлики за кои е тешко да се најде соодветен компромис. Ако на тоа се додаде и фактот дека неговата победа е сепак добиена со преку два процентни поени или два и пол милиони граѓани, повеќе кои гласаа против Доналд Трамп, т. е. за Хилари Клинтон, ја отежнува неговата почетна позиција при остварувањето на националното единство. Само, како пример, Трамп во моментов треба да изнајде начин за креирање политички мост со сите малцински групи во САД, кои претставуваат значајна политичка сила, а за кои, во неговата кампања, особено кај неговите најрадикални поддржувачи, се создадоа очекувања дека по изборот веднаш ќе почнат и депортации. Набрзо Трамп ќе седне во претседателската фотелја и ќе се соочи со предизвикот да создава мостови со своите неистомисленици, за враќање на националното единство, или да ги задоволи своите верни поддржувачи кои му ја обезбедија победата и да ја промовира новата политичка радикална доктрина. Неговата одлука по ова прашање, секако, ќе има сериозни импликации и во релациите на САД со надворешниот свет каде што Трамп го чекаат бројни предизвици.
МЕЃУНАРОДНА ТРГОВИЈА
Она што веројатно се сметаше за костурот, „шасијата“ на која почива економската парадигма на Доналд Трамп претставува ревизијата на меѓународната трговија, т. е. ревизија на бројните трговски договори кои се сметаат за најважниот елемент на процесот на економската глобализација. Во својот лов на гласовите од работничката „ред некс“ класа, кои на овие избори му ја донесоа клучната победа во Висконсин, во Мичиген и во Пенсилванија, ревизијата, т. е. напуштањето на договорите како НАФТА или Транспацифичкиот договор беа претставувани како основа за креирање нови и подобро платени работни места. И ако, од аспект на кампањата, овие негови позиции му донесоа политички успех, најголемиот број релевантни економисти се согласни дека недостатокот од работни места не е производ на договорите за слободна трговија, туку повеќе на напредокот во автоматизацијата, кои немаат никаква врска со слободната трговија. Од друга страна, напуштањето на овие договори со сигурност ќе има негативен ефект врз трговската размена и зголемување на цените на основните продукти, што, пак, ќе претставува значителен удар врз намалувањето на стандардот токму на оваа групација граѓани. Она што сега сите го очекуваат е на кој начин новиот претседател ќе ги претстави договорите за ревидирани, ќе обезбеди политичка и ПР-победа, без притоа реално договорите да бидат ревидирани. Дури и да добие политички амин од некои земји-потписнички на договорите, кои се позаинтересирани за зачувување на придобивките од економската глобализација и од слободната трговија, отколку за политичките игри за овие договори, Трамп ќе има проблем да ја дефинира и да ја продаде идната економска доктрина на САД.

СИРИЈА, ИРАН, ИСИС, БЛИСКИ ИСТОК, РУСИЈА
За граѓанската војна во Сирија веќе имаме пишувано, а бројните анализи покажуваат дека се работи за прокси војна која на моменти наликува на трета светска војна. Всушност, односите на терен во Сирија не претставуваат изолиран случај, туку комплексен збир на односи меѓу голем број држави кои претставуваат Гордиев јазол на политиката на Блискиот Исток. Всушност, ако внимателно се анализираат потезите на американската надворешна политика, може да се забележи дека администрацијата на Обама водеше реактивна политика, поддржувајќи ги делумно опозициските бунтовници во согласност со преземената доктрина од Џорџ Буш Помладиот за „носење на правдата кај нив“. Во кампањата Трамп промовираше нова проактивна доктрина која подразбира коалиција со Русија за смирување на состојбите на терен. Всушност, Трамп најави значително затоплување на односите со Путин за кого изјавува дека е цврст политичар од кого САД треба да научи и со кого треба активно да соработува. И, иако тоа изгледа како прудентна стратегија на масата на реал политиката, тоа би значело враќање на некои застарени политички доктрини на поддршка на диктаторски режими кои за возврат испорачуваат мир. Покрај промената на доктрината, што е веројатно прифатливо кога доаѓа нова политичка администрација на власт, затегнатоста на односите во сирискиот конфликт не дозволува промена на една варијабла без притоа да се измени целата состојба на геополитичката шаховска табла. Само на пример, поддршката на Башар Ал Асад од страна на САД би значело напуштање на досегашната поддршка за бунтовниците за кои, ако Трамп не успее да испазари мирна транзиција, ќе бидат оставени на милост и немилост на режимот на Асад. Но, натаму тоа значи поддршка од САД за шиитскиот диктатор зад чие постоење, покрај Русија, стои и Иран. Тоа значи промена во односите и со овие две земји, што предизвикува ревизија на односите кои со САД ги имаат традиционалните поддржувачи како Саудиска Арабија, Јордан, Катар, Кувајт итн., кои претставуваат сунитски земји и кои досега го гарантираа прозападниот политички дискурс на регионот. И тоа не е ништо во споредба со сложената и комплексна ситуација со Ирак. Какво било поместување на геополитичките игри во регионот ќе има огромни последици врз состојбите во Ирак, што пак има повратно влијание врз промена на силите во целиот регион. И тука не завршува приказната бидејќи ревизијата на односите на Блискиот Исток не може да се гледа изолирано од состојбите со украинската криза каде што Русија формално анектираше дел од украинската територија (Крим). Веројатно, за да можат блиску да соработуваат на теренот на Блискиот Исток, САД и Русија ќе треба да најдат заеднички јазик (некаков нов договор, барем под маса) и за конфликтот во Украина каде што резултатите од овие односи на ниеден начин не можат да бидат прифатени од страна на Европската Унија. Токму затоа и администрацијата на Обама водеше реактивна политика, ги гасеше пожарите колку што можеше и не преземаше активни мерки за завршување на конфликтот. Ова веројатно ќе претставува еден од најтешките предизвици на надворешната политика на Трамп, прашање низ кое ќе може да се дефинира севкупната негова доктрина со која планира да го истера мандатот.
СЕВКУПНАТА УЛОГА НА САД ВО СВЕТОТ
Можеби не веднаш, но кога тогаш Трамп ќе мора да им покаже на американските граѓани на кој начин Америка станала „повторно голема“ (Grate again). Ако се следат неговите позиции од кампањата, во овој сегмент веројатно постојат толку многу искажани варијабли, што навистина тешко може да се создаде прецизна слика за она што нѐ очекува. Според основните најави, од Трамп се очекува да ги намали финансиското учество и дипломатските напори при одржувањето на светскиот поредок. Тој веќе најави поголема улога за пријателска Русија, но и зголемена улога во сите мултилатерални институции за Кина и за останатите земји кои произлегуваат како центри на политичка моќ. Тоа, секако, значи редефинирање на досегашните односи со голем број земји и мултилатерали. На пример, односите со Русија значат редефинирање на односите со европските партнери во НАТО-алијансата. Во моментов никој не знае дали САД и суштински и формално ќе останат да бидат лидер и гарант за силата и за ефикасноста на НАТО-алијансата. Натаму, во односите со Кина, САД мора да ги редефинираат односите со сите останати земји од Далечниот Исток, особено со земјите на АСЕАН кои во САД гледаа партнер со кој се справуваат со обидите за хегемонизација од страна на Кина. Тоа, секако, влијае и на односите со Австралија, со Нов Зеланд итн. Сите овие релации во моментов се под знак прашање, а сите заедно ќе ја исцртаат новата доктрина на надворешната политика на САД од која несомнено ќе се исцртаат контурите на новите геополитички поместувања и изгледот на новиот светски поредок.
Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД несомнено го претставува најзначајниот политички „мајлстоун“ на дваесет и првиот век. Буквално може да се каже дека по изборот на Трамп ништо повеќе нема да биде исто како порано. Промените во светската политика кои ќе следуваат сигурно ќе ја исцртаат политичката историја во која ќе се анализира времето пред и по Трамп. Тоа веројатно е и најважната причина зошто угледниот Тајм магазин го прогласи Доналд Трамп за човек на годината, а времето за да почне да ја оправдува оваа титула набргу ќе почне.
Мирослав Саздовски