Општество

ЗА НЕКОИ НОВИТЕТИ ВО ИЗВРШУВАЊЕТО

Никола Главинче


На 1.1.2017 г. започна со примена новиот Закон за извршување (Сл. весник на РМ бр. 72/16 и бр. 142/16). Законот е донесен по спроведената анализа од Министерството за правда за примената на претходно важечкиот Закон и концептот на извршување воопшто. Притоа беше оценето дека системот на извршување на извршните исправи исклучително е функционален, ефикасен и дава позитивни резултати. Исто така воспоставениот систем на извршување овозможува брза реализација на извршните исправи, се разбира, ако должникот воопшто има средства и со тој систем целосно е надминат претходно постоечкиот проблем со екстремно бавната реализација на извршните исправи.
Со цел да се отстранат определени законски решенија, Законот беше повеќепати изменуван и дополнуван. За да се подобрат определени прашања се пристапи кон подготовка на ново законско решение кое носи поволности за доверителите, должниците и извршителите, но и за ранливите категории граѓани. Очекувани се позитивни ефекти и за бизнис-секторот.
Во Законот се предвидени повеќе новитети, а дел од нив се предмет на елаборација во овој текст.
При изработката на новиот Закон, во согласност со препораките на Дуинг бизнис (Doing business) за подобрување на бизнис-климата во Република Македонија, се направи измена и во делот на извршување врз недвижности. Притоа е скратен рокот за утврдување на вредноста на недвижностите од страна на проценителите од 15 на 8 дена и е отстранета можноста за трето јавно наддавање на недвижностите со цел да се дестимулираат манипулациите на потенцијалните купувачи за намалување на цената на недвижностите со што се оштетуваа должниците и доверителите, а бенефит имаа само „професионалните“ учесници на јавните наддавања. На тој начин се скратува времето на извршувањето врз недвижност за најмалку 45 дена и се гарантира вредноста на недвижноста бидејќи цената на недвижноста не може да спушти под 75 % од проценетата вредност. Оваа измена има цел да ги стимулира купувачите да ги купуваат недвижностите на јавното наддавање со можност на лицитирање на повисоки цени, а не да се калкулира со рушење на цените на недвижностите.
Значаен новитет во Законот е воведувањето на новото законско решение – „Вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа“ со што на доверителите им се овозможува, користејќи го неспорно ефикасниот систем на извршителите, да им ги предочат обврските на должниците, како и правните последици од нивното ненавремено подмирување. Ова дејствие ќе се презема исклучиво по барање и на трошок на доверителот, што значи дека нема да ги кумулира трошоците за должникот. Главната цел е да се обезбеди уредна достава на веродостојните исправи до должниците пред воопшто да започне постапката за нивна присилна наплата.
Во согласност со чл. 11, ст. 4 од Законот, „вонсудската наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот со согласност на должникот.
Според чл. 17 извршителот, во случај кога должник е физичко лице, а доверител правно лице кое овозможува комунални услуги, задолжително пред да преземе какви било други извршни дејствија со налог ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го подмири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.
Овие одредби важат за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2 000,00 денари; за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6 000,00 денари; за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2 000,00 денари. Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува погоре наведениот износ, доверителот поведува постапка за наплата на долгот пред нотар во согласност со одредбите на Законот за нотаријатот.

ВО СЛУЧАЈ КОГА ДОЛЖНИК Е ФИЗИЧКО ЛИЦЕ, А ДОВЕРИТЕЛ ПРАВНО ЛИЦЕ КОЕ ОВОЗМОЖУВА КОМУНАЛНИ УСЛУГИ, ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПРЕД ДА ПРЕЗЕМЕ КАКВИ БИЛО ДРУГИ ИЗВРШНИ ДЕЈСТВИЈА СО НАЛОГ ЌЕ ГО ПОВИКА ДОЛЖНИКОТ ВО РОК ОД 3 ДЕНА ДА ГО ПОДМИРИ ПОБАРУВАЊЕТО И ИСТОВРЕМЕНО ЌЕ ПОБАРА ОД НЕГО ДА ЈА СООПШТИ СВОЈАТА ИМОТНА СОСТОЈБА, СТАТУСОТ НА ВРАБОТЕНО ЛИЦЕ И ВИСИНАТА НА ПРИХОДИТЕ ОД ПЛАТА И ДРУГИ НАДОМЕСТОЦИ

Законот предвидува доверителот пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови непосредно да побара од Комората на извршителите да одреди извршител кому треба да му го поднесе барањето со што извршителите ќе имаат еднаков број на предмети од овој тип.
Во согласност со чл. 242 од Законот, по приeмот на барањето за вонсудска наплата на долгови од доверителот, извршителот во писмена форма го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена и му ги предочува на должникот сите постапки и трошоци во случај на неуспешна вонсудска наплата. По исклучок и со согласност на доверителот, наплатата на долгот може да се врши и во рок подолг од 15 дена.
За наплатата на долгот извршителот има право на надоместок за преземените дејствија и материјалните трошоци кои се авансираат од доверителот, а се наплатуваат од должникот. Извршителот наплатува награда само по успешно извршена наплата на долгот чија вредност надминува 5 000,00 денари.
Во согласност со новиот Закон нема веднаш да се пристапи кон блокирање на сметка на должник. Задолжително ќе биде предупредување пред присилно извршување.
Во согласност со чл. 149 од Законот, извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице се спроведува така што со налог за извршување ѝ се наложува на банката паричниот износ за кој е издаден налог за извршување да го исплати на сметката на извршителот. Физичкото лице од чија сметка се исплатени средствата има право во рок од 15 дена да пристапи пред извршителот и да презентира постоење основи утврдени во Законот кои се однесуваат за ограничување или изземање од извршување. Доколку физичкото лице не постапи така, извршителот веднаш, односно првиот нареден работен ден ќе изврши исплата на средствата на доверителот. Доколку, пак, физичкото лице пристапи и презентира доказ за постоење основи за ограничување или изземање од извршување на средствата, извршителот веднаш, односно првиот нареден работен ден ќе изврши исплата на соодветниот износ почитувајќи ги ограничувањето и изземањето на извршување на средствата, а остатокот од средствата ќе му ги врати на должникот.
Важен новитет е и електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде што ќе се добиваат бесплатни податоци со што ќе се намалат трошоците. Во согласност со чл. 36, ст. 10 од Законот, извршителот пред започнувањето со работа е должен да се поврзе електронски со Агенцијата за катастар на недвижности, клириншките куќи, банките, Централниот регистар, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи и за конкретен предмет по електронски пат да ги доставува налозите, записниците, заклучоците и другите документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа. Со тоа се очекува побрзо и поекономично извршување.
Новитет е и тоа што со самото поднесување на барањето за извршување доверителот задолжително ги плаќа почетните извршни трошоци (цена за администрирање, налог за извршување и материјални трошоци). Сѐ додека не се платат овие трошоци, извршителот само ќе го заведе предметот и не смее да презема дејствија. Доколку воопшто не се платат (во рок од 30 дена од поднесување на барањето), извршителот е должен да го одбие барањето за извршување. Наградата се пресметува во согласност со Тарифата за извршни трошоци. Цената за администрирање зависи од висината на главното побарување (без камата и без парнични трошоци). На пример, за предмет со главно побарување од 1 000 до 2 000 евра се плаќа цена на администрирање од 1 814,00 денари, а цената за налогот е фиксна и изнесува 1 451,00 денар. Материјалниот трошок за поштарина изнесува 118,00 денари.
Останува времето и правилната примена на Законот да покажат во кој обем и за колкав период овој Закон ќе ги донесе очекуваните ефекти.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано