Општество

ЧИСТ ВОЗДУХ - ОСНОВНО ПРАВО ИЛИ ОСНОВНА ЧОВЕКОВА ПОТРЕБА

Лидија Георгиева

„Биосферата е единственото место во Универзумот, во коешто животот е возможен – или барем според нашите сегашни сознанија. Но, како резултат на човековите активности, таа се наоѓа во растечка опасност: нејзините составни елементи се во голем дел уништени, видоизменети или под закана, особено постои ризик основната рамнотежа да биде нарушена. Од крајот на 60-тите години, човештвото стана свесно за овие опасности и нормално е ова освестување да се прошири на интернационално, на светско ниво...“ – вака започнува документот „Животна средина, интернационално право, основни права“ (Environnement, droit international, droits fondamentaux) на Уставниот совет на Франција. Потпишан е од Александар Кис, претседател на Европскиот совет за право на животна средина (достапен на официјалната страница на Уставниот совет на Франција, www.conseil-constitutionnel.fr).
За споредба, Уставниот совет не е суд како нашиот, тие ги гледаат законите пред да бидат изгласани во Парламентот и кажуваат што мислат, односно дали тоа е во склад или не со Уставот на Франција. Ние, според нашиот Устав, ги гледаме законите откако ќе се изгласаат, таков е системот. Имав потреба да добијам некаква утеха или објаснување за тоа што ни се случува секоја зима, па и се обратив госпоѓата Наташа Габер, уставен судија. Иако формално дишењето чист воздух е основно човеково право, мое чувство е дека тоа е над човековите права, са работи за основна потреба, никој од нас не може да преживее без воздух. Неколку години по ред секоја зима се мери огромното загадување на воздухот кој го дишеме. Секоја година нѐ окупираат истиот страв и фрустрација – не сакаме догодина да го дишеме овој воздух! Што може да стори обичниот граѓанин, кој ќе ја ислуша неговата порака, односно потреба?

 

Овој проблем со кој граѓаните се соочуваат секоја година мора директно да се врзе со актуелната национална регулатива од Уставот на Република Македонија преку националните закони и подзаконските акти. Сметам дека треба да се нагласи дека примарно заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија (член 8, став 1, алинеја 10). Понатаму таа е разработена во членот 43 од Уставот според кој секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и да ги штити животната средина и природата, а Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Во таа смисла, во предметот 112/2000 Уставниот суд навел дека „суштината на заштитата на животната средина не е само во нејзината заштита со закон и други прописи, туку и во создавање на таков општествен систем во кој интересите на граѓанинот и општеството ќе се развиваат хармонично во кое ќе се отстранат противречностите помеѓу човекот и животната средина“, односно да има „секогаш присутно чувство на одговорност при воспоставувањето на рамнотежа помеѓу економскиот интерес и интересот на граѓаните за здрава животна средина“. Уставниот суд навел дека е должност на секој (сите граѓани, претпријатија, установите и други организации, единиците на локалната самоуправа) да ја унапредува и штити животната средина, како и дека зачувувањето на природата и на животната средина може да биде една од причините со закон да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото.

НАТАША ГАБЕР, Уставен судија:  Според горенаведеново, евидентно е дека не недостасува нормативно уредување на оваа област (во случајов амбиенталниот воздух), но со оглед на мошне слабите конкретни ефекти би требало сериозно да се запрашаме зошто постојната регулатива не заживува во пракса. Всушност, гледајќи ги последиците, би можеле да кажеме дека во оваа област царува аномија, дека потполно отсуствува суверената примена на ингеренциите на државниот апарат во функција на заштита на ова право на граѓаните, дека не постои владеење на правото како еден од основните правни принципи. Но, состојбите со загадувањето на воздухот се премногу сериозни и универзални – произведуваат тешки последици по здравјето на сите луѓе – па затоа се наметнуваат и ги обврзуваат, пред сѐ, надлежните институции, но бараат и активен притисок на сите граѓани за да се пристапи на проблемот плански, навремено и ако треба и радикално врз загадувачите. Крајно време е ова формално загарантирано човеково право кое досега било пренебрегнато наспроти други актуелни општествени прашања да се постави високо на листата на приоритети на носителите на одлуки и конечно да се имплементира онака како што е нормирано. Понатамошната разработка на овие уставни принципи се огледа во Законот за квалитет на амбиентниот воздух (100/2012-пречистен текст) кој е комплетно и опсежно разработен, придружен со забрани и обврски, со соодветен мониторинг на состојбите, надзор, предвидени се мерки и прекршоци итн. Постојат и бројни подзаконски акти кои произлегуваат од него: правилници за мерење на штетни материи; правилници за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух; правилници, уредби и упатства за максимално дозволени емисии; правилници за следење и утврдување на штетни материи; класификација на објекти и зони што го загадуваат воздухот; подготвени планови и програми, како и инспекциски надзор. 

 

Ова значи дека, за жал, одговорот на моето прашање засега би бил дека мерките кои ни стојат на располагање како граѓани се протести, пријави за загадувачи, притисок врз инспекторите – тоа го прават активистите. Но, иако двапати бев на протест за чист воздух, јас не се чувствувам како активист, тоа не е моја етикета. Јас сум дизајнер, професор и колумнист. Сепак, многу ме интересира дали одговорните за оваа состојба дишат од некој посебен воздух и кога ќе биде достапен и за нас ?!
Во потрага по светла точка ќе се радуваме на прокламацијата произлезена од КОП22 одржан во ноември 2016 година во Маракеш како резултат на Парискиот договор. Минатата година Економија и бизнис пишуваше за КОП21 одржан во Париз, денес се покажа дека исклучителниот ангажман и иницијатива на француската дипломатија донесоа резултати без преседан. Парискиот договор постигна работи кои со години Кјото договорот не можеше да ги обезбеди.

СПОРЕД ПРОКЛАМАЦИЈАТА, РАЗВИЕНИТЕ ДРЖАВИ СЕ ОБВРЗАА ДЕКА ЌЕ ДАДАТ 100 МИЛИЈАРДИ АМЕРИКАНСКИ ДОЛАРИ ЗА ПОМОШ НА ЗЕМЈИТЕ ВО РАЗВОЈ, А ТУКА ВЛЕГУВА И МАКЕДОНИЈА. СЕГА ОД НАС ЗАВИСИ КОЛКУ ЌЕ БИДЕМЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ГИ ИСКОРИСТИМЕ. ШТО ЈА ИНТЕРЕСИРА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ЗА ДА ДАДЕ СРЕДСТВА?

ШТО Е ГЛАВНО СО ОВОЈ ДОГОВОР?
„Нациите напредуваат во климатските активности на климатската конференција на Обединетите нации во 2016 година. Светските лидери објавуваат прокламација во која станува очигледна неповратноста на динамиката“, стои на веб-страницата на Обединетите нации (www.newsroom.unfccc.int).
За разлика од Кјото договорот, Парискиот договор користи таканаречен пристап одоздола нагоре (bottom up approach), додека Кјото користеше одозгора надолу (top down). Тоа значи дека Кјото договорот даваше цел намалување во проценти на емисијата на стакленички гасови во однос на 1990 година. За да се постигне таа цел, Кјото обврските беа исклучиво насочени кон развиените земји. Парискиот договор им се обраќа на сите земји, односно сите имаат обврски, но во согласност со своите можности и капацитети. Токму поради оваа разлика толку брзо влезе во сила. Незапаметено е еден договор да влезе во сила по нецела година од отворањето за потпишување. Во април 2016 година беше отворен во Њујорк, го потпишаа над 150 држави и веќе пред Маракеш во ноември влезе во сила. Во меѓународното право тоа е без преседан. Причината е во тоа што се работи за политички договор кој е правно обврзувачки, но не толку стриктен како Кјото, па затоа шансите да успее се поголеми. Сега секоја држава одредува свои одредени придонеси, податоците се достапни, може да се види на пример кои се заложувањата на Австрија во однос на тоа како да се постигне ниска јаглеродна економија (low carbon economy), како се заложила Албанија, кој е придонесот на Македонија итн. Ова потоа ќе биде предмет на глобална ревизија за да се види дали сите тие придонеси ќе помогнат да се постигне целта.
Меѓутоа, сега целта не е како кај Кјото – да се намали емисијата, туку целта е во однос на температурата, односно да не се зголеми над 2 Целзиусови степени до крајот на векот.
Имам информации дека кај нас постоел страв за овој ангажман, па била направена широка консултација дали ние како земја би имале негативни последици ако го ратификуваме договорот. Фактот што нема казни придонесе за нашиот ангажман. Заедно со ресорното Министерство кое треба да биде главна водечка сила, ние како држава би имале исклучиво позитивни ефекти од ратификацијата, пред сѐ поради можноста да се вклучиме во преземањето финансии кои се глобално достапни.
Според прокламацијата, развиените држави се обврзаа дека ќе дадат 100 милијарди американски долари за помош на земјите во развој, а тука влегува и Македонија. Сега од нас зависи колку ќе бидеме подготвени да ги искористиме. Што ја интересира меѓународната заедница за да даде средства?


Поднесок на Република Македонија, зелени работни места

Најбитно е таа да се осигури дека средствата ќе бидат искористени на правилен начин. За таа цел е направена таканаречена МРВ РАМКА (monitoring, reporting and verification framework). Оваа рамка е многу важна и за нас затоа што таа претставува и дел од европското законодавство. Постои регулатива за неа, која мора да биде транспонирана и во македонското законодавство. Ние како држава се трудиме низ овој УН процес кој е пофлексибилен и можеби не толку правно облигаторен да се подготвиме и да исполниме во иднина што е можно повеќе обврски што ни произлегуваат од европското законодавство бидејќи тоа е она што е обврзно за нас како држава. Преку Пактот за стабилизација и асоцијација што го имаме потпишано ние сме се обврзале како држава дека ќе го транспонираме и имплементираме.
Меѓу најбитните достигнувања од Маракеш, прво нешто на кое се повикуваат потписниците е т.н. рулбук, односно правила на игра за да се операционализира Парискиот договор. На пример, ако го третираме Парискиот договор како закон, Маракеш служеше да се дефинираат одредени подзаконски акти за тој да може да функционира.
Опфатени се повеќе категории во делот на климатски финансии, технолошки развој, иницијативи за транспарентност, градење капацитети итн.
Тука ние веќе имаме поднесено иницијатива да побараме средства да ни помогнат да ја унапредиме шемата за транспарентност. Потребно е да сме во состојба да докажеме дека постои начин на следење на средствата без да се лажираат податоци, дека имаме механизми кои докажуваат дека со имплементација на одреден проект за кој тие би дале средства навистина постои придонес за редукција на емисиите.
Понатаму има ред одлуки за адаптација, а ова е исто многу важно за Македонија затоа што ние спаѓаме во категоријата на многу ранливи региони во светот, имаме чувствителност на секторите земјоделство, водни ресурси, шумарство, човеково здравје.
Ова значи дека ако пред Париз беше битно само како да се намалат климатските промени, по Париз станува еднакво важна и адаптацијата. Како да се прилагодат ранливите сектори, односно како да се намали влијанието врз нив, станува подеднакво важно. Тоа е првпат на исто ниво да се митигацијата и адаптацијата. Ова е важно бидејќи на овој начин се ставаат во игра и понеразвиените земји, малите држави-острови кои се најранливи и најмногу трпат последици. На овој начин се прави коалиција, Европската Унија направи коалиција со тие мали држави-острови, на пример, а тие имаат најмногу интерес да влезе во сила Парискиот договор.
За разлика од Кјото, на пример, каде што ЕУ беше двигател, но немаше реактивност (Америка не го потпиша), сега за Парискиот договор е обратно, сите го потпишаа и дури и се воведе категорија Климатски шампион на светско ниво – кој најмногу или најдобро ќе направи нешто во врска со климатските промени.

АКО ПРЕД ПАРИЗ БЕШЕ БИТНО САМО КАКО ДА СЕ НАМАЛАТ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ПО ПАРИЗ СТАНУВА ЕДНАКВО ВАЖНА И АДАПТАЦИЈАТА

БИЗНИС-СЕКТОР
Многу е важен фактот што, иако е нормално владите да предничат во однос на активноста, сега тоа мора да биде во коалиција со невладиниот сектор и со бизнис-заедницата, таа мора да учествува. Денес големите компании на кои им е важен угледот воведуваат производство кое не ја нарушува климата (climate friendly), го минимизираат отпадот, работат со помалку метали, веќе секоја компанија што се респектира внимава на овие работи, а на тој начин се зголемува и компетитивноста. Денес во развиените и свесни општества потрошувачите читаат дали и колку производот има влијание врз климатските промени и бираат производ со помало влијание.
Нашата мудрост би била со оној минимум на капацитети што ги имаме добро да ги искористиме средствата, правилно да ги ставиме во функција, а тука треба да се вклучи и научната фела. Сега со ИПА2 фондовите ќе се направи закон за климатска акција и ќе се креира долгорочна стратегија. Тоа би требало да се случи најдоцна до почетокот на 2018 година. За да започне да се изработува законот, пред сѐ, потребно е Европската комисија да го тендерира.
Со тој закон најбитно е да се лоцираат одговорностите.
Ако носител на генералната координација е ресорното Министерство, тоа сепак не може само. Потребно е да се има привилегија, но и обврска во дејствувањето. Министерството само не може доволно да направи. Потребно е различни институции да се пронајдат во приказната како за финансирање, така и за крајната цел, а таа е активностите на сите учесници да се одвиваат на начин на кој државата ќе се развива одржливо и со пониска јаглеродна емисија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано