Општество
Нина Дечева: СИСИ, АВСТРОУНГАРСКАТА ЛЕДИ ДИ ОД 19 ВЕК
Ученик во НОВА Меѓународни училишта
Популарното мислење дека живееме во „машки свет“ е сè понеточно. Оваа нова рубрика е посветена на жените кои низ историјата не ги прифатиле и со своите храбри постапки ги поместиле воспоставените граници, воспоставувајќи нови стандарди во општеството. Има бројни примери на такви жени. Некои од нив се светски познати, а некои се „скриени бисери“. Еден таков бисер е Елизабета Баварска-Сиси.
Во Фолксгартен во Виена, ако имате доволно долга прошетка, би можеле да откриете делче од паркот каде што градината е посветена на една личност во чија чест е поставен споменик. Тоа е споменикот на Елизабета Баварска, позната како Сиси. Изработена од мермер, нејзината фигура е елегантно поставена врз престол издигнат на неколку скалила над земјата. Опкружена со високи столбови и со фонтани, целата композиција изгледа величествено. Но, која всушност била Сиси, зошто Виена ѝ оддава толкаво значење и што направила таа за да ги помести границите за кои зборувавме на почетокот?

Најпрвин да воведам малку контекст во приказната. Елизабета Баварска-Сиси е родена во 1837 година во Минхен. На само шеснаесетгодишна возраст таа стапила во брак со тогаш дваесет и тригодишниот Франц Јозеф I. Тој се вљубил во неа на прв поглед кога всушност требал да се запознае и да склучи брак со нејзината постара сестра Хелен. Сиси отсекогаш била дел од кралска фамилија, но не била израсната на таков начин. Детските години ѝ биле многу либерални, понекогаш бегала од часови за да јава на својот коњ. Сиси и Франц Јозеф всушност биле братучеди бидејќи нивните мајки биле сестри, но неговата мајка, надвојвотката Софи, инсистирала нејзиниот син да се ожени со девојка од истата фамилија.
Откако Сиси и Франц Јозеф официјално стапиле во брак и таа се преселила во Виена, најголемиот проблем во животот на Сиси претставувала надвојвотката Софи. Двете имале комплетно спротивни гледишта кон светот: Софи се придржувала до правилата, додека пак Сиси се залагала за индивидуализам и за емоционалност. Софи стоела зад мноштвото постапки и одлуки на својот син кој како што растел сè повеќе попримал нејзини карактеристики. По неполна година откако Сиси се омажила за Франц Јозеф ја родила нивната прва ќерка. Веднаш по раѓањето, Софи ѝ го земала бебето за Сиси да не може да се грижи за него и без нејзина согласност го крстила Софи. По една година Сиси родила уште една ќерка по име Жизела, но Софи повторно ги разделила. Не сакала Сиси да има никакво влијание врз сопствените ќерки, а внуки на Софи, за тие да можеле да пораснат во согласност со строгите правила на врвот на Монархијата, а не како што сметала Сиси дека е најдобро.
Во 1857 година Сиси за првпат ја посетила Унгарија со својот маж и со своите две ќерки. Таа веднаш почувствувала некој вид поврзаност со Унгарците и од тогаш почнала силно да се залага за нивните права во рамките на Австроунгарската Монархија. Во тоа време Сиси имала огромно влијание врз политиките на својот маж, убедувајќи го да аболира италијански и унгарски политички затвореници. Исто така таа го натерала Франц Јозеф да зборува со Андраси (кој исто така станал унгарски премиер благодарение на неа), кој сакал Унгарците да имаат одредена независност во рамките на Империјата. Така, по иницијативата на Сиси, ја спасила Империјата од поделба и од пропаст. Не само што Австро-Унгарија не се распаднала туку и Унгарците почнале да имаат неверојатна почит кон императорката. Таа во нив ја наоѓала добродушноста која ѝ недостасувала во палатата и по некое време почнала да учи да зборува унгарски јазик. Секогаш кога ќе отидела во посета ги замолувала да ѝ се обраќаат на унгарски, а тие ѝ приредувале свечени дочеци и улиците биле преполни со народ, а пак домовите им биле преполни со нејзини слики.
Сепак, посетата на Унгарија немала среќен крај за кралската фамилија бидејќи двете ќерки на Сиси и маж ѝ се разболеле од дијареја. Жизела имала силен имунитет и набргу ѝ станало подобро, но Софи не успеала да преживее и починала на само две години. Од тој момент однесувањето на Сиси трајно се променило. Неколку пати претрпела депресија и значително се оддалечила од својата жива ќерка. И покрај трагедијата во нејзиниот живот, Сиси наскоро родила машко дете наречено Рудолф. Ова била добра вест за сите бидејќи Империјата конечно се здобила со наследник, а исто така некои и се надевале дека со ова здравјето на Сиси ќе се подобри.
Интересно е дека Сиси секогаш се грижела за сопствената фигура и изглед. По смртта на својата ќерка и за време на повремените периоди на депресија во преостанатиот дел на нејзиниот живот, таа престанала да се храни во нормални количини и ретко вечерала со фамилијата. Целта ѝ била да не надмине тежина од 50 килограми, а кога ова ќе се случело почнувала да следи строг пост и не јадела речиси ништо. Што се однесува до нејзината физичка активност, таа обожувала да јава на својот коњ и го практикувала тоа секој ден, понекогаш и со часови. Во секој свој дом или место каде што престојувала барала да се формира гимнастичка сала и да се постават многу огледала за да може да си ги следи и да си ги поправа сите чекори. Во последните години од својот живот, таа исто така почнала да вежба и мечување. Една од најзначајните карактеристики на Сиси е нејзината долга, бујна и виткана коса. Во деновите кога требало да ѝ прават специјален третман на косата со разни ароматични масла, сите обврски биле откажувани или преместувани за друг ден. Ваквите долги часови поминати во нега на косата Сиси ги користела за да научи нови јазици. Течно зборувала англиски, француски, унгарски и грчки, покрај мајчиниот германски јазик. Сиси исто така многу сакала и да патува, често одела во Унгарија, во Грција и на медитеранското крајбрежје.

Во 1867 година, Сиси и Франц Јозеф биле крунисани како крал и кралица на Унгарија и добиле имот во близина на Будимпешта, а за возврат Андраси бил назначен како прв премиер на Унгарија. Тогаш Сиси решила дека сака да има и четврто дете па родила во Будимпешта уште едно девојче по име Мари Валери. Сиси конечно можела да израсне барем едно дете на нејзин начин на новодобиениот имот, без никакво мешање од страна на својата свекрва Софи. Пред да почине во 1872 година, во последните години на својот живот, свекрвата Софи го намалила своето влијание врз животите на својот син Јозеф и неговата фамилија, и врз политиките кои тој ги водел.
Животот на Сиси завршил во 1868 година во Женева, Швајцарија, на нејзина 60-годишна возраст. Врз неа извршил атентат Луиџи Лукени, италијански анархист кој, всушност, планирал да му го одземе животот на некој друг војвода, но кога разбрал дека Елизабета престојувала во градот, одлучил да ја таргетира неа. Цела Австро-Унгарија тагувала за смртта на својата сакана владетелка. Таа била позната по правење хуманитарни дела и затоа по нејзината смрт голем дел од нејзиниот накит бил дониран во религиозни и во хуманитарни цели.
Да заклучиме. Зошто е Сиси извонредна жена? Прво, Сиси покажала дека управувањето со државата е поефикасно ако се покаже искреност и почит кон сите. Со својот личен пример во односот кон Унгарците успеала да ги придобие нивните симпатии. Таа блискост со народот ја прави слична на Леди Ди од 20 век. Ваквото однесување на Сиси, во тој момент, ја спасило Империјата од пропаст.
Второ, покажала дека индивидуалноста е важна и дека човек треба да се бори за неа, без оглед на околностите и на тешкотиите со кои се судира. Фактот дека била мажена за првиот човек на Монархијата за неа не бил аргумент поради кој би правела компромис во однос на сопствените слободоумни сфаќања. Иако имала исклучително моќна, влијателна и непријателски настроена свекрва, Сиси не се откажала од работите кои сметала дека треба да бидат важни за една жена. На пример, дека жената треба да се образува најмногу што може, па затоа научила да зборува пет јазици. Или дека жената треба да се грижи за виткоста на својата фигура и за својот изглед и за таа цел треба да вежба.
Жените како Сиси биле реткост во 19 век, но остануваат вистинска инспирација и два века подоцна.