Општество

ЕВРОПЕИЗАЦИЈА ВО БУРНИ ВРЕМИЊА

Фатмир Бесими


Ако деновиве над биро ви се наоѓаат „Судир на цивилизации“ од Самуел Хентингтон, „Нов светски поредок“ од Хенри Кисинџер и „Глобализација и незадоволството од неа“ од Џозеф Стиглиц не е возможно да бидете рамнодушни и да не ги отворите нивните страници за да се потсетите на некои констатации во овие книги кои од денешна перспектива изгледаат како алманах на геополитичките и на економските случувања на глобално ниво. Секако тука можат да се редат и низа други книги и умови кои даваат свои погледи за тоа што се случува денес на глобалната сцена, причините за тоа и како понатаму. 

 

Нѐ очекуваат промени на глобалната сцена, а со тоа и во Европската Унија, на тоа печат удри Брегзит кој ја разбуди глобалната свест дека нешто треба да се направи. Море од анализи, колумни и експертски дебати ги наполнија интернет-страниците, весниците и списанијата. Речиси не остана ниедна од значајните личности кои не пишувале на оваа тема, аналитичари, професори, нобеловци, политичари, бизнисмени, меѓународни институции, уредници и новинари.

БРЕГЗИТ И ПОТОА
Сите тие што калкулираа дека референдумот е едно тактичко дејствување и позиционирање на Велика Британија поради преговарање за подобри позиции во рамките на ЕУ, со исходот од референдумот паднаа во вода. Сега имаме нова фактичка состојба и веќе се анализираат можните сценарија за односите меѓу Европската Унија и Велика Британија. Дискусиите не престануваат во набројување на причините, можните импликации и перспективите.
Главно во причините се набројува незадоволството кај граѓаните од естаблишментот, како и бројните предизвици со кои се соочуваше Европската Унија во последнава деценија како што се: економската криза, должничката криза (Грција, Шпанија, Италија) и неефикасностите во еврозоната, потоа безбедносните ризици (Украинската криза и односите со Русија), мигрантската политика, бегалската криза (главно предизвикана од војната во Сирија) и тероризмот. Овие предизвикаа зајакнување на евроскептицизмот во рамките на земјите-членки на Европската Унија, воедно и доаѓање до поголем израз на популизмот од страна на дел од националните политички опции.
Брегзит беше капка во оваа полна чаша со незадоволство од една страна, но и слабата врска на естаблишментот со граѓаните од друга страна. Велика Британија е земја со значајна економска моќ (со БДП од 2 200 милијарди евра во 2014 година, што претставува 15.8 % од вкупниот БДП на ЕУ-28), а воедно е и важен политички и дипломатски актер на меѓународната сцена, како и воена сила која е релевантна на глобално ниво, особено со фактот што продолжува да биде членка на НАТО.
Со оглед на ова, импликациите од Брегзит можат да опфаќаат повеќе аспекти. На краток рок се видоа на во најниско ниво од 1985 година, односно во петокот веднаш по референдумот фунатата падна на 1.32 американски долари. Инаку проекциите се дека фунтата ќе продолжи да паѓа до крајот на годинава. Исто така се намали вредноста на акциите на британските фирми на финансиските пазари, се зголеми неизвесноста на финансиските пазари, а со тоа и намалување на кредитниот рејтинг за Велика Британија.
На среден и на долг рок се очекуваат дополнителни импликации врз британската економија и таа на Европската Унија. Во ситуација на неизвесност можат да продолжат турбуленциите на финансиските пазари, тоа ќе влијае и врз трговијата, пред сѐ, меѓу Велика Британија и ЕУ зависно од тоа како ќе одат преговорите за трговски односи. Тоа дополнително ќе се одрази врз инвестициите, а со тоа и врз економскиот раст, вработеноста и конкурентноста на економијата. Според проекциите на ММФ објавени пред Брегзит се очекува тоа да има импликации врз економскиот раст, и тоа на краток рок БДП се ревидираше од 2.2 % на 1.9 % и тој и во наредната година нема да биде повисок од 2.2 %.
Покрај економските, Брегзит извади на површина и одредени политички импликации како во рамките на Велика Британија така и во Европската Унија. Со оглед на фактот дека мнозинството во Шкотска, во Северна Ирска и во Лондон гласаше за останување во рамките на ЕУ и покрај вкупниот резултат 52:48 за излегување од ЕУ, веќе имаше најави за нов референдум за назависност на Шкотска и барања за останување во ЕУ, слични тенденции се најавуваат и за спојување на Северна Ирска со Република Ирска, како и Гибралтар да се припои кон Шпанија. Ова останува сериозен предизвик за Велика Британија за да се покаже лидерство во обединување на граѓаните и воедно водење преговори за новите односи со ЕУ.

 

ЕВРОСКЕПТИЦИЗАМ И ПОПУЛИЗАМ
Во вакви околности може да се каже дека импликациите ќе бидат повидливи и врз останатите земји-членки на ЕУ како што се најавите за референдуми за излез од ЕУ од страна на популистичките политичари во Холандија и Партијата на националниот фронт во Франција. Популизмот и евроскептицизмот имаат свое зголемено влијание и преку поголемиот број европратеници во последниот состав на Европскиот парламент, но и преку зголемена поддршка на популистичките и антиевропските национални политички опции. Слична агенда на Партијата за независност на Велика Британија може да се види и по резултатите на последните претседателски избори во Австрија (кои треба да се повторат, но првично најголем број гласови доби кандидат од екстремно десничарска опција), победата на конзервативците на последните парламентарни избори во Полска, како и изборите кои штотуку завршија во Шпанија, слично расположение се гледа од поддршката што ја доби популистичкото Движење пет ѕвезди на локалните избори во Рим кои бараат референдум за еврото во Италија по ефектите што ги почувствуваа на финансиските пазари со намалување од 10 проценти на вредноста на хартиите од вредност.

ОПСТАНОК НА ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА
Прво, Европската Унија треба да покаже единство и солидарност меѓу земјите-членки, не треба да се создаде простор за неизвесноста затоа што тоа директно ќе влијае врз кредибилитетот на ЕУ. Во таа насока јасни беа пораките од последниот самит на Европскиот совет кон крајот на јуни со потврда на одлучноста за справување со новата состојба, како и дефинирање на стратегија за соочување со предизвиците на економски, на политички и на безбедносен план.
Второ, подготвеност за кредибилен и фер процес на преговори меѓу ЕУ и Велика Британија во случај на активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор на Европската Унија за излез на земја-членка. Сценарија кои веќе се спомнуваат, во случај на активирање на Брегзит, можат да бидат алтернативите по примерот на Швајцарија за одредени сектори и индустрии да имаат слободен пристап во Заедничкиот европски пазар или норвешкиот пример преку членство во ЕФТА (Европска асоцијација за слободна треговија).
Трето, реформи треба да следуваат во однос на зајакнување на ЕУ институциите, односно поцврста банкарска унија во рамките на еврозоната, поголема флексибилност и хармонизација на фискалната политика во рамките на еврозоната, како и соодветни политики во рамките на слободата на движење во рамките на единствениот европски пазар: стоки и услуги, работна сила, капитал и знаење.
Четврто, зголемена демократска одговорност на ЕУ институциите и поблиска комуникација со граѓаните во однос на дизајнирање на ЕУ политиките. Ова особено доаѓа до израз во последно време преку мигрантската политика на ЕУ, како и справувањето со бегалската криза која покажа недостаток на консензус во пристапот од страна на земјите-членки на ЕУ и во исто време тоа влијаеше на зголемување на социјалната несигурност кај граѓаните во одредени земји-членки.
Петто, доследно спроведување на „Европа 2020: Стратегија за паметен, одржлив и инклузивен раст“ донесена во 2010 година од страна на Европската Унија како стратегија за закрепнување по економската криза. Слични ефекти треба да се постигнат во поддршката на економскиот раст на ЕУ и имплементацијата на тригодишниот инвестициски план на ЕУ, донесен во 2014 година, а кој има цел да генерира околу 315 милијарди инвестиции во наредните три години во ЕУ.
Шесто, надворешно безбедносната политика да се фокусира на зајакнување на соработката со НАТО со цел поефикасно справување со предизвиците и поддршка на мирот на глобално ниво, како и зголемување на финансиската поддршка преку развојни програми за помалку развиените земји и региони, која воедно ќе влијае и во намалување на приливот на бегалци и на имигранти во ЕУ.
Седмо, продолжувањето со политиката на проширување на Европската Унија, која од гледна точка на Западен Балкан ќе значи постабилен, демократски понапреднат и економски поразвиен регион, што всушност ќе биде и предност за Европската Унија во овој прериод на глобални економски и безбедносни предизвици. Последната бегалска криза покажа дека регионот де факто е дел од Европа, а со тоа и дел од проблемите и решенијата во рамките на Европската Унија.
Конечно, Европската Унија треба да продолжи во остварување на својата цел на создавање унија која ќе живее во благосостојба и мир преку промовирање на европските вредности на: единство, солидарност, транспарентност, инклузивност, одговорност, демократија, владеење на правото, човекови права и слобода, мир и просперитет.

ЕВРОПЕИЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ
Во бурни времиња полни со предизвици за Европската Унија и период на преуредување на глобалните геополитички позиции, еден недефиниран Балкан со евроатлански процеси кои се во стагнација може да биде привлечен за т.н. „вечерни пазарења Исток-Запад“, а со тоа и да испливаат понуди за „примамливи” алтернативи упатени кон оние кои се веќе изморени од барањата за исполнување на зададените обврски во агендата за интеграциите!
Излезот од оваа ситуација е целосното фокусирање кон европската реформска агенда, како и започнувањето нов циклус инвестиции – кои ќе му обезбедат на Западниот Балкан повеќе изгледи за позиционирање визави глобалните, геополитичките и економските случувања. На ова треба да се додадат регионалните иницијативи за зголемување на соработката и на интеграцијата на земјите од регионот, и тоа: Берлинскиот процес, кој оваа година во јули ќе се одржи во Париз; Агендата за поврзаност на Западен Балкан под покровителство на Европската комисија; Западен Балкан 6; Регионалниот совет за соработка и слични иницијативи. Во рамките на овие иницијативи се промовира соработката во насока на зголемување на инфраструктурната поврзаност, која ќе придонесе за подобрување на конкурентноста и на економскиот раст на земјите од регионот, воедно со имплементацијата на заедничка развојна стратегија „Југоисточна Европа 2020: Вработувања и просперитет во европска перспектива“. Исто така се промовира зајакнување на демократските капацитети преку вклучување и на граѓанскиот сектор и на младите во политиките и во носење на одлуките. Основните човекови права и доброто владеење се посочените приоритети во Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан. Тоа се норми поврзани со граѓанскиот концепт на државата според кои поединецот или граѓанинот е во центарот на вниманието, а државата му служи нему да гарантира безбедност, слобода, правда и да му овозможи просперитет и благосостојба. Всушност, интеграцијата во Европската Унија и во НАТО подразбира инсталирање на овие вредности во општеството.
На крај би додал дека мислам дека има право основачот на Европската Унија, францускиот дипломат Жан Моне, кога вели: „Кога ќе се најдете себеси во бура, единствен излез е да останете цврсто на својот правец. Тоа што не треба да го правите е да го смените правецот!“ Нашиот правец треба да биде – Европската Унија и НАТО!

(август 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано