Општество

НОВИОТ ПОЛИТИЧКИ ПОРЕДОК НЕ ТРОПА ПРЕД ПОРТИТЕ, ТОЈ ГИ КРШИ ВРАТИТЕ КОИ ГО ДРЖЕА НАДВОР

Мирослав Саздовски



Брзината на општествениот развој не создава само интергенерациски судир, тоа веќе создава поделба и внатре во самите генерации.
 

Светот, поточно овој дел што го сметаме за цивилизиран, како никогаш порано во изминатиов век не бил соочен со толку висок степен на политички волунтаризам кој резултира со политички експериментизам. Не се работи само за појавата на бројни радикални и навидум нелогични политички опции, тие секако отсекогаш постоеле, туку запрепастувачки и изненадувачки е енергијата која овие групации успеваат да ја агрегираат и политичката гравитација која успеваат да ја создадат за кратко време. Пред само 15 години се сметаше дека светот живее период на пребрзи научни, технички и технолошки промени, но стабилен политички раст и развој. Денес политичките промени кои се случуваат претставуваат политичка динамика која дури ни највештите политички аналитичари не можат прецизно да ја идентификуваат, а се закануваат од темел да го изменат досегашниот политички поредок.
Во досегашните анализи на новите политички движења, бројните аналитичари нив ги идентификуваа и опишуваа во согласност со локалните или со регионалните политички состојби. Причините за појавата и за успехот на новите радикални движења секогаш претставуваа производ на одредени историски или политички состојби, кои формираат специфични окружувања за развој на нова политичка мисла. Тоа е и логично имајќи предвид дека појавата на новите радикални политички движења, во различни држави, се појавуваат на различниот спектар од политичката сфера и не покажуваат некој особен заеднички темел на чии основи ја градат својата политичка платформа. Секако, обидите за идентификација на одредено светско политичко поместување отсекогаш постоеле, но ниедна сериозна анализа сѐ уште не може да даде прецизен, ако сакате филозофски одговор на новиот бран политички промени.

НАПЛИВОТ НА РАДИКАЛНИОТ ЛЕВИЧАРСКИ ПОПУЛИЗАМ
Дури и ние, на ова место, анализирајќи ја појавата и успехот на Џереми Корбин во рамките на Лабуристичката партија во Велика Британија, причините и основите за неговиот експоненцијален раст најмногу ги анализиравме врз историските и локалните политички околности во Кралството, отколку како некое светско политичко движење од кое и Британија станува дел. Кај Корбин, гледано од оваа дистанца, веќе е лесно да се препознае дека неговиот успех најмногу се должи на неговата политичка артикулација на новиот бран прогресивни левичарски ставови за кои веќе е јасно дека имаат плодна почва кај бројната млада популација која, поради несогласување со постоечкиот политички поредок, остана надвор од политичките движења на „мејнстрим“ партиите. Но, кога низ истата призма ќе се набљудува политичкиот блиц-криг на Ципрас со неговата СИРИЗА во Грција, веднаш се соочувате со огромен недостаток на конзистентност предизвикан од влијанието на локалните околности во Грција. Имено, иако на основа на новата левичарска економска доктрина, која своите основи ги наоѓа во економските постулати на нобеловецот Стиглиц или угледниот Томас Пикети, успехот на Ципрас се покажа дека е повеќе производ на бунт и заситеност од дотогашниот клански политички поредок во Грција, отколку некаква потреба за нова политичка мисла. Таму двете најголеми партии ПАСОК и НЕА ДЕМОКРАТИЈА со децении си го подаваа пинг-понг топчето на популизамот преку изборната фарса поддржана од неконтролираното задолжување. Во својата суштина партиите прераснаа во клански движења во чие управување учествуваа неколку клански фамилии, а Грција стана една од најзадолжените земји во светот. Појавата на Ципрас не претставуваше спротивност на дотогашниот популизам, туку тој може да се илустрира како појава на една баскет-топка на популизам за која двете партии немаа одговор и која не само што ги исфрли двете партии од игра туку и ја искрши и масата на која дотогаш суверено си го подаваа пинг-понг топчето на популизмот. И кога топката (баскетот) се удри од ѕидот кој го постави Европската Унија и кога Грција се соочи со реалноста за можен „Грегзит“, Ципрас не само што ја издиша популистичката позиција туку прифати и подлабоки мерки за штедење од оние поради кои гласачите првично го изгласаа за да ги укине. Дополнително веднаш го раскина линкот со Јанис Варуфакис, економистот кој ја постави и на чиј авторитет почиваше новата економска доктрина, и отиде на избори на кои повторно победи со премисата дека ги зачувал грчкиот углед и дигнитет!! На овој успешен политички лупинг тешко кој политички аналитичар може да му најде заедничка точка со општиот европски левичарски бран.

КОРБИН ОД БРИТАНИЈА, ЦИПРАС ОД ГРЦИЈА И САНДЕРС ОД САД СЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА НОВАТА РАДИКАЛНА ЛЕВА ОПЦИЈА ВО СВОИТЕ ЗЕМЈИ. АНАЛИЗАТА НА НИВНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПЛАТФОРМИ НЕ ПОКАЖУВА ЈАСНА ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА ЗАЕДНИЧКИТЕ ОСНОВИ, ТУКУ НАПРОТИВ, НИВНИОТ УСПЕХ Е СПЕЦИФИЧНО ИЗГРАДЕН И ПОЧИВА НА РАЗЛИЧНИ ПРЕДУСЛОВИ ВО СЕКОЈА ОД ЗЕМЈИТЕ.

Парадоксите и неконзистентноста на новата левичарска доктрина уште повеќе излегуваат на површина кога во истиот кош се вметнува и продорот во рамките на Демократската партија на САД и експоненцијалниот успех кај општата јавност на сенаторот Берни Сандерс. И за овој политички феномен веќе пишувавме на ова место и повторно поголемиот дел од заклучоците беа врзани за општествените, за политичките, па и за историските околности во САД отколку на идентификацијата на некои светски движења. Во САД се покажа јасно и недвосмислено дека новата генерација гласачи, таканаречени „милениумци“ (Millennials), очекуваат побрз општествен и политички развој и, слично како кај Корбин во Британија, за тоа беа во потрага по нова политичка доктрина. На крилата на движењето „Окупај“ и „Ние сме 99 %“, Берни Сандерс се наметна како носечка политичка опција и успеа да ја собере оваа нова енергија. Иако спектакуларен, успехот на Сандерс сепак не успеа да му ја обезбеди номинацијата од страна на Демократската партија и тој, во согласност со неговите убедувања, целиот свој габарит го стави на располагање на неговата противкандидатка Хилари Клинтон во борбата против, за нив политичката непогода, Доналд Трамп. Овој трансфер на политичката енергија беше логиче, и внимателно конструиран, оставајќи му политички простор на Берни Сандерс за артикулација на неговите политички ставови, обврзувајќи ја Хилари да прифати, да инкорпорира и да промовира значаен дел од неговата програма. И покрај тоа, резултатите од истражувањата покажаа еден сѐ уште необјаснив парадокс. Поддржувачите на Сандерс во огромен обем покажаа резистентност од политичкиот трансфер кон Хилари Клинтон, а значаен дел од нив својот политички фокус го свртеа кон суштинската спротивност, Доналд Трамп!! Тоа само покажува дека суштинската поддршка кај значаен дел од популацијата не претставувала поддршка за политичката идеја, туку единствено поддршка за промена на политичкиот поредок.

НОВИОТ ДЕСНИЧАРСКИ ПОПУЛИЗАМ
Ако работите веќе изгледаат премногу сложено, анализата на новите политички движења дури сега станува комплексна. Имено, паралелно, а може да се каже дека дури и им претходеше на промените кај левицата, нови политички радикални движења се појавија и кај десницата. Како автократска десница со техно-менаџерски пристап, на бранот на популизмот, на владеењето со цврста рака и на периферијата од цивилизираното општество се појави оската Путин – Орбан – Ердоган притоа, повеќе или помалку, повлекувајќи ја линијата на влијание и низ Балканот и Источна Европа. Овие автократски движења тогаш, а и сега, најчесто се анализираат низ призмата на локалните и на регионалните политички движења, имајќи предвид дека се работи за земји произлезени од различен тип транзиции и специфични околности кои го следеле нивниот развој. Подоцна, кога на крилјата на евроскептицизмот почна да навлегува радикалната десница и подлабоко на европскиот континент, одговорот за новите движења аналитичарите почнаа да го бараат во засиленото руско влијание и промена на распоредот на силите во геополитичка смисла. Тоа можеби изгледаше логично кога се анализираше појавата и делумниот успех на разни Ле Пеновци и Подемоси, но евроскептицизмот покажа политичка енергија за која веќе е јасно дека не може да произлезе под влијание и палка на, сепак, геополитички слабата Русија.

ЕРДОГАН, ТРАМП И ФАРАЖ СЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА РАДИКАЛНАТА ДЕСНИЦА ВО РАМКИТЕ НА ТУРЦИЈА, НА САД И НА БРИТАНИЈА, И ОСВЕН ТОА ВЕРОЈАТНО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИДЕНТИФИКУВА НИЕДНА ОСОБЕНА ЗАЕДНИЧКА ПОЗИЦИЈА ШТО МОЖЕ ДА ПОКАЖЕ УНИФОРМНОСТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПЛАТФОРМИ.

За пример да ја земеме Британија. Додека естаблишментот на лабуристите, предводени од политичките ѕвезди Тони Блер, Гордон Браун и Алистер Кембел, мака мачеа со влезот на радикалната левичарска доктрина преку Џереми Корбин, естаблишментот на конзервативците, предводени од харизматичниот Дејвид Камерун, релативно безгрижно ги уживаа плодовите од стабилноста на британската десница. Политичките експерименти, каква што беше и делумно сѐ уште е Партијата за независност на Обединетото Кралство УКИП (UKIP), повеќе претставуваа поле за политички тренинг, идентификација и ловење на популистички ставови или политичка забава, отколку реална закана за позицијата кај десницата. Но, кога Фараж и УКИП освоија одлични резултати на европските избори во Британија, конзервативците сфатија дека забавата веќе заврши и дека мора посериозно да се сфатат политичките пораки од електоратот за промена на парадигмата кај десницата. Тоа резултираше, од овој аспект гледано катастрофално погрешно, со популистичко кокетирање на Дејвид Камерун со гласачите, водејќи топло-ладна политика на односите со Европската Унија. Така всушност дојде и до закажување на референдумот Брегзит како предизборно кокетирање на Камерун со сѐ порадикалните десничарски гласачи и емоциите врзани за евроскептицизмот. Кога анкетите покажаа опасност од негова успешност, политичките елити и кај левицата (вклучувајќи го тука и радикалот Корбин) и кај десницата сфатија дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека евроскептицизмот се заканува не само да ја разниша позицијата на Британија визави светот туку и да го измени севкупниот политички поредок во земјата. Тие цврсто застанаа во одбрана на поредокот, но очигледно нивното кокетирање траеше предолго. Политичкиот кловн Фараж, поддржан од пресметливиот политички калкулант Борис Џонсон, успеаја да остварат успешност на референдумот и во моментов Британија е соочена со една од најголемите политички кризи по Втората светска војна. Во геополитичка смисла, постојат бројни анализи кои успехот на Фараж и на Џонсон го објаснуваат со поддршка и руско влијание, но тоа можеби изгледаше логично додека овие политички доктрини имаа занемарлива улога и влијание. Успехот на Брегзит сепак претставува преголемо поместување на фокусот на гласачите, нешто што е нелогично да се претпостави дека може да биде постигнато со манипулација или со заговор.
Оваа неконзистентност на напливот на евроскептицизам како „руска работа“ дополнително се покажа и на примерот на Полска, што беше дел од нашата анализа минатиот број. Имено, таму Јарослав Качињски, придобивајќи ги гласовите од источните делови на државата каде што живее претежно рурално и помалку образовано население, на последните избори ја победи партијата „Граѓанска платформа“ на Доналд Туск, кој во моментов е претседател на Европскиот совет. Борбата се водеше најмногу на прашањето на односите со Европската Унија при што Качињски го изгради својот национализам евроскептицизам најмногу на антируска и пронато политичка опција!! Парадоксот да биде уште поголем, таму борбата е практично меѓу двете десни партии, „Граѓанската платформа“ на Доналд Туск, која претставува умерена проевропска десница, и партијата „Право и правда“ чии основи лежат во евроскептицизмот, традиционализмот и тврдиот религиозен конзервативизам. Во Полска, левицата е практично исфрлена од политичката борба и, интересно, нема особен успех и продор на новиот бран радикална левица.
И како што милуваат да нагласат во телешопинг рекламите – тоа не е сѐ. Шареноликоста на радикалната десница добива уште поголема диверзификација ако се анализира необјаснивиот успех на политичкиот волунтаризам и популизам на Доналд Трамп. Точките на идентификација секако постојат, само што таму евроскептицизмот треба да се преслика во редефинирање на односите со земјите од двата американски континенти. Но, подлабоката анализа покажува дека неговиот политички основ за тоа се единствено односите со Мексико, користејќи ја притоа емотивната нишка на нараснатата расна нетрпеливост кон мигрантите од хиспанско потекло и муслиманите. Притоа можеби можат да се најдат заеднички линии со антиемигранското движење во Европа, но подемот на Трамп лежи многу повеќе во „антиестаблишмент“ политичките основи и поделеноста на севкупните општествени движења кои се специфични за САД, отколку изблиците на расен национализам кои повеќе служат да обезбедат внимание, но, во исто време, претставуваат и пречка за пристап до огромен контингент гласови. Обидите успехот на Трамп повторно да се објасни како руско влијание претставува дополнителен волунтаризам и неспособност за длабока анализа и за идентификација на мотивите на гласачите. Излегувањето на хакираната е-пошта на Хилари Клинтон и Демократската партија, а кои ги извршила некоја руска хакерска групација, навидум изгледаат и се предмет на анализа како да се дел од некоја голема руска завера. Сепак овие приказни претставуваат повеќе политички маркетинг кој се води од повеќе страни, не изоставувајќи ја тука и руската, која би сакала де се прикаже како влијателна и моќна, и тие немаат некое особено влијание врз политичкиот габарит на Трамп. Општите движења сигурно не остануваат незабележани и од руската страна, и веројатно тие би сакале и се обидуваат да имаат влијание врз политичките процеси низ светот, но да се посочува руското влијание за успехот на новите политички движења само го оддалечува фокусот од вистинските предизвици со кои се соочуваат современите општества.
Длабоката анализа на секоја од новите појави посебно обременува со многу специфики и детали кои го замаглуваат погледот кога тие се анализираат од повисока дистанца. Иако, како што видовме, појавата на новите радикални политички движења низ државите, за кои сметаме дека претставуваат дел од западната цивилизација, имаат свои специфичен профил и силно изразени разлики, сепак не може да се занемари фактот, или да се претстави како случајност, нивното релативно синхронизирано појавување. Светот реално се соочува со потреба за политичка промена и неможноста за идентификација на факторите и на причините кои доведуваат до неа претставува само хендикеп на општествената и на политичка наука, а не основа за непостоење на заеднички содржател.

ПОДЕЛЕНИ ОПШТЕСТВА И ОПШТЕСТВЕНА ПОДЕЛЕНОСТ
Втората половина на XX век беше карактеристична поради постоењето на блоковска поделеност на општествата кои инаку беа цврсти и релативно единствени во својата внатрешност. Студената војна, која претставуваше закана за светскиот мир и поредок, во својата дијаметрална спротивност, како резултат испорачуваше „насилен мир“, кој воспостави стабилен политички поредок. Падот на Источниот блок требаше, и на почеток релативно успешно, да обезбеди конвергенција на општествените разлики и светот влезе во нова фаза на политички развој. Глобализацијата веќе неколку децении претставува галопирачки тренд кој ги брише границите и бариерите за трансфер на добра, на луѓе и на капитал. Тоа е секако уште повеќе потпомогнато од експоненцијалниот развој на комуникацијата, па за разлика од пред половина век денес светот е неколкукратно помало место за живеење. Дихотомијата на политичкиот поредок одамна е избришана, па светот живее во мултиполарен политички поредок при што шареноликоста на светските центри на моќ само се зголемува и се диверзифицира. Глобализацијата досега обезбедуваше и сѐ уште обезбедува огромен број предности и можности за раст и развој, но очигледно новата состојба се соочува и со нови предизвици.

ЗА СВЕТОТ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ОВАА НОВА ПОЛИТИЧКА ИНВАЗИЈА ПОТРЕБНО Е ОПШТЕСТВЕНАТА И ПОЛИТИЧКАТА НАУКА ДА ГО ЗАБРЗААТ СОПСТВЕНИОТ НАУЧЕН ДОСТРЕЛ, ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ОСТАНАТИОТ РАЗВОЈ МОЖЕ САМО ДА СЕ ЗАБРЗУВА, А РАЗЛИКИТЕ МЕЃУ ЛУЃЕТО САМО ДА СЕ ПРОДЛАБОЧУВААТ

Општествата дефинитивно веќе не се толку меѓусебно поделени и далечни, но внатре, во секое од нив, се формира длабока поделеност меѓу граѓаните. Ако тоа порано беше ексклузивитет само на земјите кои произлегуваа од длабоките транзиции или на земјите во развој, денес повеќе не може да се зборува за општества кои се имуни на длабоки внатрешни општествени и политички поделби. Брзиот развој на науката, на технологијата и на индустријата само ја подгрева општествената поделба на оние кои широко го прифаќаат новото време и оние кои не успеваат да се снајдат со новите промени. За разлика од порано, брзиот развој е денес пребрз и создава преголеми разлики меѓу оние кои го прифаќаат прогресивниот начин на општествено остварување и оние кои местото во општеството очекуваат да го обезбедат со задржување на досегашните вредности и сфаќања. Тоа создава две огромни групации на луѓе, чии разлики стануваат непремостливи и за кои сѐ потешко може да се најде компромис. Едните се чувствуваат задржани, блокирани, спречени да ги воспримат и да ги уживаат придобивките од техничкиот и пред сѐ општествениот развој, а другите се чувствуваат отфрлени, отстранети од општествените текови, игнорирани и оставени незаштитени од напливот на тешко разбирливите промени. Овој цивилизациски судир сѐ помалку претставува судир меѓу држави, нации или блокови, туку сѐ повеќе претставува судир меѓу политичките опции внатре во самите општества, кои несомнено трпат сериозна радикализација. Развојот денес е толку многу брз, што формирањето на разликите се случува со поголема динамика од она што општествената и политичка наука може да го идентификува, анализира и понуди решенија за него. За светот да излезе од оваа нова политичка инвазија потребно е општествената и политичката наука да го забрзаат сопствениот научен дострел, имајќи предвид дека останатиот развој може само да се забрзува, а разликите меѓу луѓето само да се продлабочуваат.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано