Општество
ЛЕВИЦА, ДЕСНИЦА, ЦЕНТРАЛНО...
Горан Петревски
Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Не знам во колкава мера на читателите им е блиска југословенската рок-сцена, ама на оние кои не ја познаваат им препорачувам да ја побараат песната „Необичен ден“ (Neobičan dan) на групата Хаустор, чиј рефрен тече вака: „О, о о, кој ќе го сфати тоа: левица, десница, централно!“ Во 80-тите години на XX век, кога бев дете, наивно мислев дека рефренот се однесува на возењето велосипед бидејќи токму така започнува песната, но денес се восхитувам на политичката асоцијација на текстот. Не знам зошто овие денови постојано низ главата ми се врти овој рефрен иако, всушност, ја нагаѓам причината: наближувањето на претстојните избори како најзначајниот настан кој ќе ја одбележи годинава што полека изминува.
Се разбира, Економија и бизнис не е политичко списание, па затоа овде нема да зборуваме за дневнополитичките сплетки. Но, имајќи предвид дека ова е списание за економијата и за бизнисот, а политиката има многу големо влијание врз двете, оваа статија е посветена на економскиот профил, т. е. економската идеологија на двете водечки политички партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ (како партија која себеси се етикетира како демохристијанска, а тоа значи конзервативна, десничарска) и СДСМ (како партија која се приклонува кон социјалдемократската идеологија и која ја перципираме како левичарска). За таа цел, во голема мера се потпираме врз една публикација на група автори од Центарот за економски анализи (ЦЕА), која ги проучува економските програми на овие две политички партии и ги споредува низ призмата на нивната декларирана економско-
-политичка идеологија.
Во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2011 – 2015 година, со наслов „Манифест за реформи и развој“, фокусот на партијата е насочен кон неколку клучни подрачја како што се: производството, извозот и инвестициите (особено странските инвестиции); подобрување на животниот стандард; заштита на ранливите категории граѓани; развој на агробизнисот; поквалитетно образование и здравство; подобрување на институциите (судството, јавната администрација итн.). Како што може да се забележи, некои од овие цели, како што се производството или институциите, не се ниту левичарски ниту десничарски, иако традиционално токму конзервативните партии ги темелат изборните кампањи врз прашањата поврзани со инвестициите, со пазарите, со правната држава итн. Но, од друга страна, лесно може да се забележи дека Програмата на ВМРО-ДПМНЕ се темели врз неколку клучни точки кои не само што немаат ништо заедничко со политичката десница туку и по својата природа се исклучително левичарски. Таков е случајот со нагласокот врз животниот стандард (зголемување на платите и на пензиите, евтиното образование и здравство итн.), заштитата на сиромашните слоеви (социјалната помош) и агробизнисот (субвенциите).
Идеолошката збрка во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ најдобро доаѓа до израз ако фрлиме површен поглед врз конкретните мерки наведени во неа како: зголемување на платите на вработените во јавната администрација за 21 %, зголемување на пензиите за 24 %, зголемување на социјалната помош за 21 %, субвенции за земјоделството во износ од 670 милиони евра, посебни програми за вработување на одредени категории невработени, субвенции и даночни ослободувања за вработување, зголемување на најниската плата, надоместок за енергетската сиромаштија, стипендии за школување, намалување на партиципацијата за школување, грантови за самовработување, изградба на социјални станови, субвенции и даночни олеснувања за странските директни инвестиции, изградба на спортски сали. Кога би ги виделе овие нешта верувам дека апостолите на конзерватизмот (од Фридман до Тачер) стопати би се превртеле во нивните гробови. Во секој случај, нешто дефинитивно не е во ред со светот (или со мене) ако горните работи се синоним за конзервативна, десничарска партија!
ВО БОРБАТА ЗА ВЛАСТ ПАРТИИТЕ ЗНААТ ДЕКА ЕКСТРЕМНИТЕ ПОЛИТИЧКИ МЕРКИ МОЖАТ ДА ГИ ЗАДОВОЛАТ САМО ОРТОДОКСНИТЕ ЛЕВИЧАРИ ИЛИ ДЕСНИЧАРИ, НО СО НИВ ТЕШКО МОЖЕ ДА СЕ ЗАДОВОЛИ НАЈБРОЈНИОТ СЛОЈ ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО. ОТТУКА СОСЕМА Е РАЗБИРЛИВО ШТО ПАРТИИТЕ НУДАТ ПРОГРАМИ НАМЕНЕТИ ЗА НАЈШИРОКОТО ГЛАСАЧКО ТЕЛО СО ШТО ТИЕ ДЕ ФАКТО СТАНУВААТ ПАРТИИ НА ЦЕНТАРОТ
Од друга страна, во изборната Програма на СДСМ од 2011 година фокусот е ставен врз следниве прашања: развој на демократијата и поттикнување на еднаквоста; намалување на невработеноста и на сиромаштијата, како и подобрување на животниот стандард; намалување на социјалните разлики; зајакнување на институциите; соработка меѓу јавниот и приватниот сектор; развој на политичката култура и толеранцијата итн. Може да се забележи дека повеќето цели во Програмата на СДСМ се типично левичарски како што се темите поврзани со сиромаштијата, толеранцијата, еднаквоста, иако акцентот врз институционалниот развој претставува омилена десничарска тема.
Сепак, ако ги разгледаме конкретните мерки од економската програма на СДСМ, тогаш повторно можеме да забележиме смеса на типично левичарски инструменти кои се карактеристични за конзервативните партии. На пример, Програмата на СДСМ вклучува цела лепеза мерки од типот на: прогресивно оданочување, вработување на невработените со ниски квалификации во инфраструктурни проекти, субвенции за вработување на одредени категории невработени, кредитна поддршка преку МБПР, субвенции на камати по кредити, масовни јавни работи (пошумување), закон за најниската плата, социјално домување и други форми на социјална помош, олеснување на пристапот до образованието, програми за купување македонски производи, даночни олеснувања при увозот, даночни ослободувања и олеснувања на бизнисот, поддршка на извозните претпријатија, трансформација на јавните претпријатија, здравствено осигурување засновано врз солидарност, јавни инвестиции во здравството, образованието и енергетиката, фискална дисциплина (буџетска рамнотежа за тековните расходи и одржување на јавниот долг на нивото од 31 % од БДП), укинување на данокот на капитална добивка, намалување на цената на бензинот итн. Навистина, инсистирањето на минималната плата, јавните инвестиции и прогресивните даноци се темели на социјалдемократската економска политика, но укинувањето на данокот на капиталната добивка и цврстата фискална дисциплина лесно би можеле да влезат во изборната програма на која и да било западна конзервативна партија.
Понатаму, врз основа на конкретните мерки содржани во програмите на двете политички партии, авторите од ЦЕА пресметуваат дека дури 54 % од мерките на ВМРО-ДПМНЕ се левичарски, додека дури 58 % од мерките во програмата на СДСМ се од десничарска природа. Најпосле, анализата покажува дека 50 % од мерките на двете политички партии се совпаѓаат, т. е. постои висок степен на консензус во нивните економски програми. Тоа може да се земе како уште еден доказ повеќе во прилог на тезата за идеолошката конфузија на водечките македонски партии. Всушност, ако етикетирањето на партиите го вршиме според нивните акции, а не според зборовите, тогаш тие најдобро би можеле да се оценат како центристички, што е во согласност со поставките на политичката теорија според која современите партии настојуваат да го придобијат „централниот“ (медијалниот) гласач. Имено, во борбата за власт партиите знаат дека екстремните политички мерки можат да ги задоволат само ортодоксните левичари или десничари, но со нив тешко може да се задоволи најбројниот слој од гласачкото тело. Оттука сосема е разбирливо што партиите нудат програми наменети за најширокото гласачко тело со што тие де факто стануваат партии на центарот.
Како што може да се забележи студијата на авторите од ЦЕА ни покажува дека однесувањето на политичките партии често не се совпаѓа со нивните декларативни заложби и определби, а понекогаш знае да биде и дијаметрално спротивно на нив. Така студијата открива дека економските програми на двете главни македонски политички партии се спротивни на нивната декларирана идеолошка ориентација (левица или десница). Исто така особено е интересен заклучокот дека за многу економски проблеми постои консензус меѓу политичките партии наспроти нивното дневнополитичко конфронтирање во медиумите. Меѓутоа, за големо чудо, токму во подрачјата во кои постои силно изразен политички консензус Македонија остварува бавен напредок (сиромаштијата, здравството, образованието, судството, јавната администрација). Всушност, сето тоа покажува дека политичката визија и решителната акција се многу поважни од празната реторика, популизмот и дневнополитичкиот маркетинг, како и тоа дека изградбата на независни, на професионални институции треба да биде приоритет во натамошниот развој на македонското општество.
(ноември 2016)