Финансии / Банкарство
ИНТЕЛ ГО КУПУВА МОБАЈЛАЈ ЗА 15,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
блиц свет
Американскиот технолошки гигант Интел (Intel) за 15,3 милијарди американски долари ќе го купи израелскиот Мобајлај (Mobileye), влегувајќи со оваа аквизиција на голема врата во сегментот на автономни автомобили. Според израелските медиуми станува збор за најголемата прекугранична аквизиција на израелска компанија досега. Компанијата, заедно со Одделот на Интел за автономно возење, ќе има седиште во Израел, а ќе ја води Амнон Шашуа, коосновач на Мобајлај, претседател и главен технолошки директор. Интел и Мобајлај веќе соработуваа со германската Бе-ем-ве (BMW) на развој на автономни автомобили, а очекуваат нивното здружување да креира глобален лидер во сегментот на „автономно возење“, што на крајот може да доведе до пониски цени за потрошувачите. Минатата година Голдман сакс извршија проекција за пазарот на напредни системи за асистенција при возењето и за автономно управување. Според нив овој пазарен сегмент ќе расте од 3 милијарди во 2015 година на 96 милијарди во 2025 година, па сѐ до 290 милијарди долари во 2035 година.