Финансии / Банкарство
ЕКСПОНЕНЦИЈАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ
Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант
ИНФОРМАЦИСКО БАЗИРАНА ПАРАДИГМА
Убер, Еир БНБ, Окулус ВР, Вотс ап, Гит хаб, Тесла моторс... (Uber, AirBnB, Oculus VR, WhatsApp, GitHub, Tesla Motors…) се само дел од растечката листа на стартапи кои успеаја да стекнат пазарна вредност од повеќе милијарди долари за само неколку години. Брзината на стекнување богатство за овој нов тип организации е нешто што досега не е видено во бизнис-светот.
Што, всушност, се случува и зошто ова баш сега се случува?
Денешните традиционални организации се најчесто дизајнирани преку концептот на изнаоѓање сопствени средства и/или работна сила и јасно обележување на организациската граница во нив со цел да се понуди пристап до продукти развиени преку моделот на недостаток на ресурси. Ваквите типови бизниси е многу тешко да се изградат и типично имаат спор инкрементален раст.
Од друга страна, една експоненцијална организација се потпира на брзорастечки и функционално одржливи експоненцијални средства, како на пример голема количина на податоци (big data), пристап до и барање мислење од заедницата (community) и брзорастечки технологии (accelerating technologies) за да функционира најмалку 10 пати подобро од нејзините конкуренти кои оперираат во истиот бизнис-простор.
На пример, на една типична ЦПГ (Consumer Packaged Goods – CPG) компанија како што е Проктер и Гембл (Procter & Gamble) потребно ѝ е во просек 300 дена да донесе еден производ од идеја до продажба. Кварки (Quirky), која е експоненцијална организација, истото тоа го прави во просек од 29 дена (10 пати поефикасно).
Една од дефинирачките разлики меѓу двата типа организации е начинот на размислување (mindset) кај менаџментот кој кај традиционалните организации се однесува на презумпцијата на недостаток (scarcity) во споредба со презумпцијата на изобилство (abundance) кај експоненцијалните организации. Имено, за бизнисите кои работат во рамките на идејата дека ресурсите кои им се на располагање се фиксни и во ограничен број, целта била и секогаш ќе биде да ги контролираат фазите на производство и на дистрибуција колку е можно повеќе. Но, промената кон економија на изобилство е веќе во забрзан тек. Прашање на време е кога пошироката деловна заедница ќе дојде до заедничко разбирање дека експоненцијалната организација нуди не само различни стратешки предности во денешниот свет на бизнисот туку и таа најверојатно може тој ист свет повторно да го дефинира.
Последната студија на Дел технолоџис (Dell Technologies) направена преку испитувања на 4 000 бизнис-лидери на средни и на големи организации, со опфатени 16 земји и 12 индустрии, покажува дека 78 % од овие средни и големи бизниси се чувствуваат загрозени од дигиталните стартапи. Специфично 8 % од овие глобални бизниси не знаат како нивната индустрија ќе изгледа во следните три години, околу 60 % од бизнисите не се способни да се справат со најзначајните побарувања на нивните клиенти и 73 % од нив признале дека дигиталната трансформација на бизнисот треба да биде посеопфатна.
Навистина, конкуренцијата за многу од постоечките Фортун 500 (Fortune 500) компании во Америка повеќе не доаѓа од Кина и од Индија. Според Питер Дијамандис, основач на Икс прајс фондацијата (X Prize фондацијата) и Сингуларити универзитетот (Singularity универзитетот), денес оваа конкуренција сѐ повеќе доаѓа од неколку момчиња во гаража со свој стартап кој се потпира на експоненцијално растечки технологии. Јутуб, на пример, започна како стартап финансиран од приватните кредитни картички на основачот Чад Харли за во период помалку од осумнаесет месеци да биде купен од страна на Гугл за 1,4 милијарди американски долари. Групон (Groupon) направи скок од идеја до 6 милијарди американски долари пазарна вредност за помалку од две години. Пазарната вредност на Убер (Uber) е речиси 62 милијарди американски долари, што претставува 10 пати раст на неговата вредност од пред само две години. Она на што сме сведоци во периодов од последниве десетина години е еден нов вид организација која забрзано расте и генерира вредност во согласност со темпото кое никогаш порано не е видено во бизнисот. Графиконот подолу го покажува забрзаниот метаболизам на оваа нова економија.

Слика 1. Време потребно за достигнување на пазарна вредност од $1 милијарда долари
Линеарен наспроти експоненцијален раст
За разлика од линеарниот раст, кој е резултат на повторно додавање на константа, експоненцијалниот раст е повторно множење на константна. Ова е причината зошто, со текот на времето, линеарниот раст произведува стабилна права линија, додека кај експоненцијалниот раст таа забрзано расте нагоре (слика подолу).
На пример, замислете дека треба да одите по пат со чекори од по еден метар во должина. Штом направите 6 чекори, значи сте направиле прогрес од шест метри (1, 2, 3, 4, 5, 6). По 24 чекори веќе сте на 30 метри од каде што почнавте. Лесно може да се предвиди каде ќе ве однесат уште дополнителни 30 чекори - тоа е едноставноста на линеарниот раст.
Меѓутоа, нека замислиме дека, по секој направен чекор, ние можеме да ја удвоиме должината на нашиот чекор. На овој начин, откако ќе направиме 6 чекори, ние всушност ќе напредуваме 32 метри (1, 2, 4, 8, 16, 32), што е значително повеќе од 6-те метри кои би ги поминале со еднаква должина на чекор. Неверојатно, но по чекор број 30 удвојувањето на нашиот чекор ќе нѐ пренесе на растојание од една милијарда метри од каде што започнавме, односно на растојание еднакво на дваесет и шест патувања низ целиот свет – тоа е изненадувачката, неинтуитивна моќ на забрзаниот експоненцијален раст.
Наспроти нашата интуиција, денес иднината се расплетува не линеарно, туку експоненцијално, што го прави значително тежок самиот процес на предвидување на идните технолошки трендови.
На пример, во 2009 година Гартнер предвидува дека до 2012 година Симбијан (Symbian) ќе биде главен оперативен систем за мобилни уреди, со пазарен удел од 39 % и 203 милиони продадени единици – водечка позиција која Гартнер очекуваше дека компанијата Нокија (Nokia) ќе ја одржи до 2014 година. Гартнер, исто така, во истиот извештај предвидува дека Андроид мобилниот оперативен систем ќе има пазарен удел од само 14,5 %. Реалноста? Симбијан (Symbian) престана со производство на крајот на 2012 година откако Нокија (Nokia) продаде само 2,2 милиони единици во четвртиот квартал. Андроид, од друга страна, го претекна дури и Епл ајфон оперативниот систем и денес доминира на пазарот на мобилни уреди во светот со продадени повеќе од една милијарда андроид уреди само во 2014 година.
Втор пример кој уште поочигледно го доловува традиционалното линеарно наспроти модерното експоненцијално размислување: во 1990 година, Хјуман џином (Human Genome) проектот беше лансиран со цел целосно секвенционирање на еден човечки геном. Иницијалните процени беа дека проектот ќе трае петнаесет години и ќе чини околу 6 милијарди американски долари. Сепак, во 1997 година, на половина од проценетата временска рамка, само 1 % од човечкиот геном беше секвенциониран. Секој експерт го прозва проектот како неуспешен, истакнувајќи дека за време од седум години со завршени само 1 % ќе бидат потребни 700 години да се заврши целото секвенционирање. Но, кога од Реј Курзвеил (Ray Kurzweil) беше побарано мислење, неговиот поглед на т.н. претстојна катастрофа беше сосема поинаков. „Еден отсто“, рече тој. „Тоа значи дека ние сме на половина пат.“ Она што Курзвеил (Kurzweil) го увиде, а што ниеден друг експерт не успеа да го види беше фактот што големината на секвенцираниот геном се удвојува секоја година. Имено, 1 отсто удвојување, седум пати, е 100 проценти. Математиката (и предвидувањето) на Курзвеил (Kurzweil) беше точна и всушност проектот беше завршен во 2001 година, порано од предвиденото и под планираниот буџет. Сите останати (таканаречени) експерти погрешно го предвидоа крајниот датум на завршување во ранг од 696 години.
ЕКСПОНЕНЦИЈАЛНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ, ОНИЕ ЧИЈ ИМПАКТ (ИЛИ ИЗЛЕЗ) Е ДИСПРОПОРЦИОНАЛНО ГОЛЕМ — НАЈМАЛКУ 10 ПАТИ ПОГОЛЕМ — СПОРЕДБЕНО СО НИВНАТА КОНКУРЕНЦИЈА, НАУЧИЛЕ КАКО ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ И ПОВТОРНО ДА СЕ ПРОНАЈДАТ СЕБЕСИ ВО СВЕТОТ КОЈ СЕ БАЗИРА НА ИНФОРМАЦИИ. ТОА ТИЕ УСПЕВААТ ДА ГО НАПРАВАТ НАЈМНОГУ ПОРАДИ КОРИСТЕЊЕТО НОВИ ОРГАНИЗАЦИСКИ ТЕХНИКИ ИЛИ АТРИБУТИ КОИ СЕ БАЗИРААТ НА ЕКСПОНЕНЦИЈАЛНИ ТЕХНОЛОГИИ
Информациско-базирана парадигма
Што се случува овде? Како може интелигентни и информирани аналитичари, претприемачи и инвеститори постојано да грешат во своите предвидувања, и тоа во ред на величини од ранг на 99 %? Ако ваквите предвидувања беа само мал процент погрешни, можеби ќе можевме тоа релативно едноставно да го оправдаме со невалидни податоци, па дури и со едноставна некомпетенција. Но, не, големи грешки од овој ранг речиси секогаш се должат на целосно погрешно толкување на правилата кои ја утврдуваат природата на пазарот на труд. Вакви грешки и линеарниот начин на размислување доаѓаат од фактот што експертите се потпираат на парадигма која совршено функционирала сѐ до моментот кога престанува и тогаш, одеднаш, често необјасниво веќе застарува и повеќе не функционира.
Дали тогаш постои нова парадигма која би заземала централна улога во модерната економија, таква која би дефинирала како ние би живееле и работеле, и која е таа? Одговорот лежи во усвојувањето на експоненцијалниот начин на размислување, како и во разбирањето на импактот на брзорастечките технологии врз модерните бизниси, односно начинот на кој бизнис-околините базирани на информација резултираат во фундаментално дисруптивни (обично позитивно нарушувачки) можности за иден развој. Со еден збор, последниве години сведоци сме дека бизнисот, а и целото општество, полека усвојуваат една т.н. информациско-базирана парадигма.
Традиционалните организациски структури еволуирале за да можат добро да управуваат со парадигмата на недостаток (scarcity). Концептот на сопственост функционира добро за оваа парадигма, но концептите на пристапување или на споделување функционираат подобро во информациско-базираната парадигма или во светот базиран на изобилство и на информации.
Навистина, ригидна организациска структура базирана на хиерархии и на матрици не функционира во експоненцијален, информациско-базиран свет. Експоненцијалните организации, оние чиј импакт (или излез) е диспропорционално голем — најмалку 10 пати поголем — споредбено со нивната конкуренција, научиле како да се организираат и повторно да се пронајдат себеси во светот кој се базира на информации. Тоа тие успеваат да го направат најмногу поради користењето нови организациски техники или атрибути кои се базираат на експоненцијални технологии