Општество

СО ФРАНЦУСКИОТ ЈАЗИК ПОЛЕСНО ДО ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРИЕРА

Лидија Георгиева

Дваесетти март е интернационален ден на франкофонијата и се одбележува насекаде низ светот каде што живеат Французи. Во чест на прославата на франкофонијата, Амабасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, во текот на целиот месец, преку разни активности ни ја донесоа Франција. Покрај средби на дипломатско ниво, дебати и конференции, по тој повод беше отворена и Неделата на француската кујна традиционално наречена Вкусот на Франција. Како на глобално ниво, така и ние можевме да уживаме во специјалитетите подготвени од францускиот шеф-готвач Оливие Бепмал. Во Младинскиот културен центар како специјален гостин по повод празникот младиот поп-пејач Шарл Батист одржа концерт, а на 24 март беа изложени фотографии на добитниците на натпреварот „Зборувам француски“. Во рамките на регионалниот форум „Францускиот јазик, младите и вработувањето“ беше организиран форумот „Францускиот јазик, неопходен за интернационална кариера“. Имајќи го предвид актуелниот контекст кај нас и сите контроверзии кои ги носат несогласувањата за употреба на јазиците, можеби е сосема декадентно да се зборува за една фина тема како употребата на францускиот јазик. Но, можеби е токму спротивното, особено кога се зборува за развој на култура, на туризам, на вработување или на кариера во интернационална политика и дипломатија.
На сите овие теми имаме убави соговорници.



Изабел Марки Барбо – директор на Францускиот институт, советник за соработка во Амбасадата

Да се работи на Балканот е голем предизвик, а уште со моето пристигнување дадов приоритет на македонската младина. Убедена сум дека франкофонијата благодарејќи на вредностите на културен диверзитет кои ги носи може да им понуди убави перспективи на младите луѓе во Македонија

Меѓу другите секојдневни активности, со цел промоција на родовата рамноправност и заштита на женските права, на 8 март 2017 година г-ѓа Изабел Марки-Барбо им даде збор на жените од Македонија по повод Меѓународниот ден на женските права.

Колку време живеете во Македонија? Вашата претходна мисија беше во Шпанија. Какво е Вашето искуство овде?

Мојата позиција во Македонија е советник за соработка во Амбасадата и директор на Францускиот институт веќе три години. Да се работи на Балканот е голем предизвик, а уште со моето пристигнување дадов приоритет на македонската младина. Убедена сум дека франкофонијата благодарејќи на вредностите на културен диверзитет кои ги носи може да им понуди убави перспективи на младите луѓе во Македонија. Влогот е важен бидејќи тие мораат континуирано да го вперуваат погледот надвор од границите на нивната земја. Познавањето повеќе странски јазици, меѓу кои и францускиот (тоа е голем јазик зборуван на 5 континенти), отвора врати кон големиот европски простор, како и на пошироко интернационално ниво. Тоа е навистина предност за младите доколку сакаат да успеат во своите студии и подоцна на професионален план. Да се споделува францускиот јазик со другите овозможува да се гради самодоверба и да се покаже отворен дух.

Францускиот јазик е многу корисен доколку некој сака да се занимава со туризам, култура или можеби да биде дел од модната индустрија. Кои се активностите на Институтот во врска со промовирање и олеснување на учењето на јазикот?

Францускиот институт во Скоп-је е секако едно училиште кое нуди разни курсеви на преку 600 кандидати годишно, но исто така е културен центар кој организира дебати за размена на идеи, конференции за актуелни теми, културни средби ориентирани кон современото живеење и иновациите. На тој начин ја одржуваме традицијата на франкофонијата во Македонија покажувајќи дека францускиот е жив јазик, полезен и насочен кон иднината. За мене нема ништо поубаво од тоа кога секоја година ќе видам билингвални гимназијалци или одлични студенти како си ја пробуваат среќата на француските универзитети. Ние им помагаме со давање на сите корисни информации за нивниот престој и со овозможување контакти. Воедно ги придружуваме тие кои ќе се осмелат да направат чекор, да остварат професионален стаж во некоја француска или франкофонска компанија. Притоа ја валоризираме кариерата на многу Македонци кои успеале благодарејќи на нивното владеење на јазиците, а особено на францускиот. Примерите се бројни во македонското општество и ние сме многу горди. Денес сме активни во областа на туризмот, во партенаријат со универзитетите. Од основна важност во Македонија е да се формираат франкофонски придружници и водичи кои ќе им помогнат на локалните фирми да ги примат франкофонските патници, кои во сѐ поголем број ја посетуваат Македонија и уживаат во нејзините богатства. Тоа е вистински плус за професионалните хотелиери, луѓе од туризмот и рестораните.

 

Стефан Томажијан, заменик-амбасадор во Амбасадата на Швајцарија

Вашата интервенција на форумот „Францускиот јазик, неопходен за интернационална кариера“ беше многу интересна. Потекнувате од земја во која се зборуваат повеќе јазици. Кое е Вашето искуство?

Јас ќе зборувам од перспектива на франкофонски дипломат кој секојдневно работи со колегите и со претставниците на интернационални организации кои го користат францускиот како официјален јазик.
Што се однесува до употребата на јазикот во интернационална политичка кариера, ние франкофоните сакаме да го користиме јазикот за да дебатираме. Иако англискиот јазик стана „маст“ (задолжителен) во интернационалната политика, тоа значи дека владеењето на англискиот јазик веќе не е квалитет кој им овозможува на кандидатите да се издвојат од другите. Тоа е неопходен квалитет, но не е доволно. Спротивно на тоа владеењето на францускиот јазик овозможува да се истакнеш од другите кандидати. Затоа сметам дека фактот што францускиот јазик малку изгубил на терен, всушност станува драгоцена предност. Тоа е јазик кој го зборуваат луѓе од 5 континенти и 1/3 од членките на Обединетите нации. Претставниците на многу земји можат да зборуваат, да разменуваат идеи и да се согласат на француски во области од основна важност за политиката, таму каде што на другите јазици не им успеа. Еден конкретен пример беше резолуцијата „Вода, мир и безбедност“. За првпат голем број од членките се согласија за поврзаноста меѓу водата и безбедноста. Од друга страна, пак, францускиот е јазик на вмрежување, тој создава личен афинитет меѓу дипломатите и учесниците во интернационалната политика која ја делат. Истото тоа можам да го констатирам и овде во Скопје. Добро се согласувам со моите колеги од други земји на англиски, но нема да кријам дека кога имам заеднички јазик на француски, со некои соговорници се создава посебен контакт, врска. Ние не го делиме само јазикот, туку и системот на вредности, бројни културни референци, како и одредена смисла за хумор.

 

Александар Ол, одговорен за педагошка иновација и партнерство при Стопанската и индустриска комора во Париз

Која е причината за Вашиот престој во Скопје?

Бев поканет од Францускиот институт да учествувам на две тркалезни маси, во рамките на форумот „Францускиот јазик, јазик на вработувањето“ и воедно да анимирам двочасовно ателје за професорите по француски. Целта е да им покажам како со адаптирање на програмата за учење на јазик тој може да се научи на начин што ќе им овозможи на студентите да бидат пооперативни, евентуално да се приближат кон пазарот на труд. Притоа дека ќе можат да се истакнат, да се разликувааат од другите кандидати со познавањето на француски јазик, што би било еден плус во нивната кариера.

Денес многу се зборуваше за или против неопходноста на францускиот јазик, но малку се зборуваше за културното богатство што доаѓа со тоа. Кое е Вашето мислење?

Да, навистина, многу зборувавме за францускиот јазик денес кој има ориентација кон професионалната комуникација. Но, секако дека културното богатство е тука, јас имам мислење за ова прашање кое е можеби различно од вашето, ние денес живееме во конектиран свет, со т.н. Википедија култура. Многу јазици се достапни, не само францускиот, па така можете да добиете многу информации, а притоа да останете кај вас дома, па дури и во почеток без да зборувате француски. Но, секако можете да научите како се работи на друг начин, да запознаете друга култура и размислување.

 

Како резултат на иницијативата започната минатата година од Францускиот институт во Скопје, со цел да се стимулира мобилноста на студентите, беше креирана програмата Таленти на идинината. Резултатите веќе почнаа да се покажуваат, па така младиот Стефан Јовановски, поради своето познавање на јазикот, имаше можност да оди на професионален стаж во седиштето на Сосиете Женерал. Бидејќи таму имал можност да ги покаже своите способности, потоа му беше понудена и работа, а тоа е доволно интересен податок за да го следиме и понатаму.

Што работевте во Париз?

Јас работам како дата сајнтист (Data Scientist) во седиштето на групацијата Сосиете Женерал во Париз, лоцирано во финансискиот кварт Ла Дефанс (La Défense). Подетално, работам за секторот кој го покрива меѓународното комерцијално банкарство за СоцГен (SocGen), а конкретната позиција се состои од имплементација на решенија на вештачката интелигенција (т. н. машинско учење) во повеќе области од банкарското работење, како на пример: детекција на измама, обработка на природни јазици, предвидување и спречување на атриција и слично.

Кои се понатамошните опции за кариера кои ги носи работното искуство во Париз?

Бенефитите од работното искуство кое го стекнав во Париз се повеќедимензионални. Прво, добив можност да работам на поле – дата сајнтист (Data Science) – со исклучително брз подем, кое во согласност со моите познавања не е достапно на локалниот пазар. Тоа во следната декада има тендендија да биде дефинирачка технолошка парадигма во повеќето индустрии. Второ, работата во глобален финансиски центар овозможува пристап до најнапредна инфраструктура, редовна комуникација со луѓе од врвниот менаџмент на СоцГен подружниците од повеќе држави, како и поддршка од екстерни експерти од типот на еднорог (unicorn) компании од Силициумската Долина. Воедно и самата средина е стимулативна. На пример, нашиот канцелариски простор е лоциран во облакодер на 34-от кат и е опремен како технолошка компанија со разновидни играчки од иксбокс до билијард. Исто така колегите се вообичаено со интересна работна биографија, некои имаат претходно искуство во престижни компании како Голдман и Сакс или докторски студии во прилично езотерични области.

Како познавањето на францускиот јазик ќе влијае понатаму на Вашата кариера?

Ќе се обидам да бидам концизен и да набројам само неколку конкретни предности од познавањето на францускиот јазик. На пример, како студент имате пристап до светски познати универзитети како ХЕЦ Париз (HEC Paris), Екол Политекник (Ecole Polytechnique) и Сорбона (Sorbonne), а со повеќе стипендии кои ги издава француската држава тоа е и финансиски изводливо. Дополнително, како млад професионалец добивате пристап до бизнис или дипломатски центри како Париз, Брисел и Женева, а воедно и можност да опслужувате пазари од франкофонското говорно подрачје независно од вашата локација така што познавањето на францускиот јазик нуди компаративна професионална предност, од Њујорк, па сѐ до Хонг Конг.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано