Финансии / Банкарство
ЧЕТИРИ МАРКЕТИНГ ТРЕНДОВИ ЗА 2017 ГОДИНА
Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk
Како и да се свртите, каде и да се свртите, ова ќе биде година на видео.
1. Вертикално видео
Доминацијата на мобилните телефони и апликации не може никако различно да влијае, освен да „притисне“ природните формати да започнат сериозно да доминираат. Инстаграм сотри, Снапчет, па и видеото на Фејсбук не нѐ тераат повеќе да го вртиме телефонот хоризонтално за да го гледаме целото видео. Дури и Јутуб направи сериозни чекори во овој поглед.
Статистиката исто така го поткрепува фактот дека ова е насоката во која мора да се фокусираме. Вертикалните видеа добиваат 6 пати повеќе интеракции во споредба со хоризонталните. Ова го потврдува една неодамнешна студија на Анрули, најпознатата и наградувана платформа за дистрибуција на видеореклами. Тие, меѓу другото, велат дека брендовите покрај својата стратегија за производство на видеосодржина во вертикална резолуција, во 2017 година масовно ќе почнат да креираат и реклами на ист начин. Неколку големи брендови во текот на 2016 година ова го докажаа преку многу успешни кампањи на Снапчет.
На крајот на краиштата, брендовите не е дека не се навикнати да подготвуваат содржина за вертикални површини, пример се сите тие светлечки реклами, автобуските постојки, банерите и сл. Со години го носат предизвикот на вертикалниот формат. Сега на ред се и производителите на видеосодржина, и тие малку да се адаптираат.
2. 360 ° видеосодржина
Со сѐ поголемиот број употребливи евтини уреди на пазарот со кои може да се сними лесно и квалитетно содржина во 360 °, станува неопходно да се размислува и за овој тип содржина соодветно. Долго време во маркетинг светот се инсистира на креирање искуство, уникатно искуство, токму овој тип содржина го премостува тој момент на внесување на корисникот во одвоен свет каде што може да се фокусира само на она што е прикажано пред неговите очи. Вклучувањето на целосниот фокус на корисникот отвора навистина голем простор за брендовите.
Кога на ова ќе се додаде можноста за креирање комбинирано искуство со проширената реалност тогаш можностите се навистина попречени само од имагинацијата. Брендовите низ светот веќе креираат специјални апликации кои комбинираат 360 ° видео и проширена реалност каде што го пренесуваат корисникот на друга локација и му нудат реално, но сепак невистинско искуство. Па така можеме да видиме кампањи каде што преку 360 ° искуство се возиме во џип на сафари, сурфаме и сл.
Како и да е, Ricoh Theta S, Samsung Gear 360 и серијата други камери го ставаат ова искуство во рацете на самите корисници и, пред сѐ, брендовите кои за кратко време можат да креираат уникатна содржина.
Сервисите како Фејсбук и Јутуб се натпреваруваат кој побрзо и подобро ќе овозможи употреба на овој тип видеа, па така неодамна видовме и 360 ° видеострим во живо од инаугурацијата на најновиот американски претседател. Завртете се наоколу, брендовите се секаде околу вас, во 2017 година ќе бидат и во виртуелниот свет насекаде околу нас. Како поткрепа на ова вреди да се спомне и истражувањето на Ексчејнџ вајр (ExchangeWire) кое вели дека дури 43 % од закупците на медиумски простор велат дека 360 ° видеата ќе имаат најголем раст во 2017 година.
3. Видео во живо
2016 година беше година кога видеостримот во живо се врати назад како атрактивна алатка за брендовите, но 2017 година е првата година кога овој тип активност ќе влезе во годишните стратегии на компаниите, па оттаму и за очекување е многу сериозен чекор напред на ова поле. Очекувајте повеќе приказни како онаа во познатиот филм Труман шоу.
Маркетингот во реално време се чини ќе ја достигне својата врвна форма токму преку видеото во живо. Можноста брзо и лесно да се стрима со висок квалитет на места каде што публиката и онака веќе е подготвена за ваква содржина носи голема предност за брендовите. Во целото задушување од содржина, корисниците сакаат и секогаш наградуваат кога знаат дека се први, кога имаат ексклузивна можност да видат и да бидат дел од некој настан, кампања, активност која не е предмет на претерана (вештачка) продукција.
Медиумите, оние пред сѐ кои се базирани на интернет, започнаа во 2016 година да ги користат стримовите за нови форми на содржина, дебати, интервјуа и сл. Тие го трасираа патот и покажаа дека корисниците се подготвени, на ред е да ги покажат своите креативни способности во живо, пред камера.
4. Видеореклами за на интернет
Јутуб може да се каже дека и локално веќе е стандарден канал каде што се пласираат рекламите на брендовите, но она што досега го гледавме беа ТВ-
-реклами кои само го прекинуваа нашето искуство во гледање на содржината која ја посакувавме. Она што можеме да го очекуваме за оваа 2017 година, локално, е раздвојување на ТВ и на интернет видеорекламите. Со моќта која ја нудат овие канали за дистрибуција може да се дискутира дека веќе не е ни потребна телевизијата за да ги оправда поголемите инвестиции за производство на самата видеореклама.
Форматот на интернет, особено под влијание на мобилните телефони, значително се разликува од оној за на телевизија. Потребни се различни раскажувачки наративи, должини и техничка реализација. Потребно е видео кое може да се гледа на мал екран и порака која може да се прими и без вклучен звук. Секако во игра влегуваат и т. н. нативни видеа кои се во форма на копродукција или вметната реклама креирана како содржина за самиот медиум. Локално може да се посведочат некои примери кај Види вака, сервисот за видеосодржина, и Риброн.
___________
Не, не е грешка, не треба да се менува насловот, сите трендови се поврзани со видео, а во насловот тоа не е потенцирано. Тоа е така затоа што сѐ што се случува и ќе се случува оваа година во полето на маркетингот ќе се „врти“ околу видеосодржината. Секоја статистика покажува дека растот е таму, дека корисниците најмногу одвојуваат време за видео и дека тоа има најголем ефект.
Ова, секако, не значи дека сѐ останато треба да се занемари, но што и да сте планирале или доколку допрва планирате, поставете ја видеосодржината во центарот на вашата стратегија. Нема да згрешите. Ве уверувам.