Општество
ВИВ ЛA ФРАНС! (VIVE LA FRANCE!)
Мирослав Саздовски
@MirkoSlav
Изборната „треска“ ја тресе Франција. Целото општество е преокупирано со, за нив, најважните избори во поновата историја на Франција.
Француска демократија во целиот свој раскош
Ако за 2016 година можеме да кажеме дека политички беше одбележана со двата клучни настани, БРЕГЗИТ и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД (Брегзит/Трамп), тогаш дефинитивно 2017 година ќе се анализира низ призмата на неколку важни избори во клучните европски држави. Нормално, во динамичка и хронолошка смисла, овие точки не можат да се набљудуваат независно една од друга, туку напротив, изборите во европските држави најмногу се анализираат од аспект на влијанието кое Брегзит/Трамп го има врз севкупните политички движења кои секако ќе се одразат на изборните резултати. И без разлика дали серијата инциденти меѓу турските власти предводени од Ердоган и холандската држава на премиерот Марк Рут беа со цел да му помогнат на Рут да ја демонстрира на дело способноста да владее со цврста рака или, пак, беа насочени кон подигнување на чувството на страв и на револт кај Холанѓаните, што би резултирало со поддршка за екстремниот популист Герт Вилдерс, изборите во Холандија покажаа дека петте минути на радикалниот популизам, барем во Холандија, поминаа. Радикалниот десничар и популист Герт Вилдерс освои помал резултат и од најпесимистичките прогнози, а на политичката сцена замав земаа новите прогресивни политички ѕвезди предводени од „зелениот“ Џеси Клавер. Со тоа, како што самиот Рут истакна, четврт финалето на европските избори во 2017 година заврши со победа на „меинстрим“ западните политичари и пораз на екстремните популисти.
РАСПАДОТ НА ЛЕВИЦАТА
Кога во 2012 година на изборите во Франција се судрија Франсоа Оланд и Никола Саркози, многумина тогаш сметаа дека класичниот судир на левицата и на десницата во Франција ќе продолжи и на следните избори. Франсоа Оланд, кој на изборите во 2012 година успеа да обезбеди тесна победа и да го симне Саркози од власт, важеше за новата левичарска сила во подем на Франција и на Европа и кому со леснотија му се прогнозираше нов мандат во 2017 година. Сепак, на 1 декември минатата година, поради нискиот рејтинг, Франсоа Оланд објави дека нема да учествува на претстојните претседателски избори. Со тоа за првпат во современата историја на Франција (т. н. Петта Република) или по повеќе од половина век еден актуелен претседател на Франција нема да се натпреварува за втор мандат. Неколку дена подоцна, премиерот на Франција и најблизок соработник на Оланд, Мануел Валс, ја најави својата кандидатура во т.н. „прајмарис“ – отворените избори во рамките на Социјалистичката партија за избор на кандидат за претседател на Франција. Но, иако фаворит, Валс на внатрепартиските избори ја изгуби позицијата и кандидат на социјалистите стана Беноа Амо. Без разлика на успехот на Амо во рамките на Социјалистичката партија, гласачкото тело на левицата е веќе сериозно поделено меѓу бројни кандидати, партии и движења, па така Беноа во трката влезе како делумен аутсајдер со едноцифрен рејтинг.

ПОДЕМОТ НА ФРАНСОА ФИЈОН
Иако во 2012 година, по поразот од Оланд, Никола Саркози најави дека од политика се сели „меѓу цивилите“ (Французин меѓу Французите), сепак кон крајот на 2014 година се врати на лидерското место во централно десната Унија на народното движење. Подоцна, во мај 2015 година, на негова иницијатива, партијата се преименува во Републиканска партија, а во 2016 година и во рамките на десницата се организираа т .н. „прајмерис“, внатрепартиски избори за избор на кандидат за претседател на Франција. Како претседател на партијата и поранешен претседател на државата Никола Саркози претставува еден од фаворитите кои влегоа во внатрепартиската трка. Сепак, поранешниот премиер уште од времето на претседателствувањето на Жак Ширак, Ален Жупе, исто така влезе во трката кај десницата и за кратко време стана фаворит. Во трката се вклучи уште еден поранешен премиер и тоа од времето на претседателствувањето со Франција на Никола Саркози од 2007 до 2012 година, Франсоа Фијон, на кого рејтинг агенциите му предвидуваа само трето место на внатрепартиските избори, зад фаворитот Ален Жупе и предизвикувачот Никола Саркози. Настапувајќи како цврст конзервативец во кампањата, позиционирајќи се себе си подесно во рамките на партијата, Франсоа Фијон се чини го погоди „нервот“ кај гласачкото тело на десницата. Ова негово условно радикализирање за кратко време му овозможи да ги декласира фаворитите Жупе и Саркози, освојувајќи во првиот круг на републиканските „прајмарис“ 44 % од гласовите, оставајќи го Жупе со 29 % и Саркози со само 21 % зад себе. Во вториот круг Фијон освои две третини од гласовите и стана кандидат на десницата за претстојните претседателски избори и најважниот противкандидат на фаворитот на изборите, Мари Лепен.
НАЦИОНАЛНИОТ ФРОНТ И МАРИН ЛЕПЕН
Националниот фронт, основан од Жан Мари Лепен уште во 70-тите години од минатиот век, безмалку половина век ги предводи ултра националистите, радикалните десничари, неонацистите и останатите екстремистички политички движења во Франција. Обременет со премногу контроверзии, Жан Мари никогаш не успеа да создаде мостови кон поширокото гласачко тело на десницата и во целиот негов политички живот остана на маргините на политичката сцена. За негов најголем успех се сметаат претседателските избори во 2002 година кога освои безмалку 17 % од гласовите во првиот круг и поради разединетоста на гласовите на левицата (слично како и денес) во фотофинишот успеа да обезбеди учество во вториот круг. Овој негов успех предизвика целосна преобразба на политичката сцена, па неговиот противкандидат Жак Ширак практично го обедини целиот политички спектар на Франција и во вториот круг победи со резултат 82 % наспроти 18 %. Иако цврсто позициониран како лидер на целата екстремна десница (политички волк), Жан Мари постојано се соочува со недостаток од компромис по прашањата кои би го направиле прифатлив за конзервативната десница (овча кожа). Во таа смисла Жан Мари никогаш не успеа да ја облече овчата кожа и со тоа да се понуди себе си на пошироката база гласачи од десницата. Во 2011 година, неговата најмала ќерка Марин Лепен ја презеде лидерската позиција во Националниот фронт и започна процесот на т. н. дедемонизација на партијата. На претседателските избори во 2012 година Марин Лепен освои речиси 18 % од гласовите со што веднаш го потврди најдобриот резултат на нејзиниот татко од 2002 година. Доктрината на Марин Лепен уште од почетокот на нејзиниот политички живот се потпира на идеологија на екстремната десница, но со многу поприфатлив и посимпатичен пристап отколку оној на нејзиниот татко Жан Мари. Многу аналитичари во оваа нејзина карактеристика ја гледаа заканата за „мејнстрим“ политиката на Франција, имајќи предвид дека Марин Лепен ја поседува карактеристиката која му недостасуваше на нејзиниот татко. За оваа своја позиција таа влезе во директен конфликт со Жан Мари, што по долги судски постапки и меѓусебни обвинувања во 2015 година резултираше со негово исфрлање од Националниот фронт. Тоа на Марин Лепен ѝ остави простор за формирање мостови на компромиси со севкупната политичка десница и излегување од тесниот простор на екстремниот радикализам. На почетокот од 2017 година анкетите покажаа поддршка на Лепен од 28 %, неколку процентни поени над второпласираниот Франсоа Фијон. Со тоа за првпат во поновата политичка историја на Франција кандидат на екстремната десница доаѓа во реална можност да стане претседател на државата.
Така боите на „мејнстрим“ политичката елита во полуфиналето на европскиот политички куп остана да ги брани претставникот на десницата Фијон во кого беа свртени сите надежи за одбрана од сѐ посилниот национал популизам на Марин Лепен. Во таа смисла, доктрината за одбрана од популизмот преку зацврстување и поместување надесно на конзервативната десница, која покажа резултат на изборите во Холандија, се сметаше дека ќе се примени како рецепт и на изборите во Франција. Сепак, двата настана целосно ја изменија политичката трка во Франција и во моментов таа има сосема различен тек од оној што се предвидуваше само пред неполни три месеци, на почетокот на оваа година.
ЕМАНУЕЛ МАРКОН – НОВАТА ПОЛИТИЧКА ЅВЕЗДА НА ФРАНЦИЈА
Емануел Маркон е роден во Амени, малото гратче на северот од Франција, во 1977 година, и со своите 39 години во моментов е најмладиот кандидат за претседател на Франција. Основно и средно училиште завршил во својот роден крај каде што ја запознал и Брижит Тронио, тогаш негова професорка по мајчин јазик и драматургија, која е близу 20 години постара од него, и во која веднаш се вљубува. На инсистирање на неговите родители, токму поради контроверзната врска со постарата професорка, последната година од средното школо ја завршил во Париз каде што го продолжил образованието на Универзитетот на Париз – Нантер. Магистрирал на Институтот за политички студии во Париз, а докторирал на престижната Национална школа за администрација во Стразбур. Макрон во 2004 година се вработил во Министерството за економија каде што брзо напредувал сѐ до 2008 година кога ја напуштил администрацијата и тоа со сопствен откуп од 50 илјади евра за предвремено раскинување на договорот. Тоа очигледно претставува лукративен договор имајќи предвид дека веднаш се вработил како инвестициски банкар во Ротшилд банката каде што за кратко време заработил „мало богатство“. Од 2006 до 2009 година Макрон и формално е член на Социјалистичката партија на Франција, но оттогаш наваму себе си се декларира како независен, иако постојано близок до социјалистите. Во 2012 година претседателот Оланд го назначи за заменик на генералниот секретар, што претставува висока функција во претседателската администрација, а во 2014 година стана и министер за економија и индустрија во Владата на Мануел Валс. Иако близок до социјалистите, дури и меѓу нив Макрон важи за десничар меѓу левичарите, политички најмногу припаѓа во центарот на политичкиот спектар, близок до прогресивната мисла на „Третиот пат“ чии политички ѕвезди беа Гордон Браун, Тони Блер, Герхард Шредер, Бил Клинтон итн. Макрон во 2016 година, иако укорен за своето бунтовништво од страна на Франсоа Оланд, го формираше движењето „En Marche!“ (Напред!), а кратко потоа си даде оставки од сите функции во Владата на Валс, најавувајќи ја својата трка за претседател на Франција. Во ноември Макрон и формално се кандидираше за претседател и во трката влезе со рејтинг од 15 %, речиси двојно помалку од фаворитите Лепен и Фијон.
ОБЕДИНУВАЊЕ НА ПРОГРЕСИВНИТЕ СИЛИ ОКОЛУ МАКРОН
Иако спротивставени, Фијон и Лепен на сличен начин се обидуваат да ја прошират својата базична поддршка кај гласачите. Фијон, под влијание на нараснатиот популизам и национализам во француското општество, себе си се позиционира како десничар во рамките на десницата, давајќи ѝ на умерената центристичка идеологија поцврст карактер. Лепен, од друга страна, радикалната десничарска идеологија на нејзиниот татко се обиде да ја припитоми, обели, да ја направи прифатлива барем за умерените конзервативни гласачи. Во таа смисла може да се каже дека и Фијон и Лепен ја поместија својата идеолошка точка еден кон друг, апелирајќи притоа на заедничкиот фонд на гласови. Од аспект на политичка доктрина, Емануел Макрон претставува спротивност од претходните двајца. Тој целосно и бескомпромисно застана зад прогресивната и либерална идеологија, неправејќи отстапки за ниедно прашање. Во таа смисла тој се залага за поддршка на политиката на отвореност по прашање на мигрантите (слично на политиката на Меркел), а притоа во својата програма има предвидено зголемување на буџетот за полицијата и војската токму како одговор на заканите кои се поврзани со мигрантската криза. Се залага за намалување на данокот на добивка (политика на десницата), но и олеснување на даноците за работниците (политика на левицата). Во нараснатиот евроскептицизам тој директно застана во одбрана на Европската Унија, притоа не му пречи да го нарекуваат еврофил или федералист. Дури и по прашање на француската историја Макрон не се плаши да удри по колективното его на Французите, па во интервјуто истакна дека Франција треба да ја ревидира својата колонизаторска историја и да признае дека француската колонизација на Алжир претставува „криминал против човечноста“. Оваа прогресивна, бунтовничка, брутално искрена политичка доктрина на Макрон му носи инстант популарност, особено кај помладата и прогресивна популација. За кратко време Макрон успеа да ги собере гласовите на центарот и делумно на левицата во Франција и стана сериозен претендент на изборите.

Поддршка за кандидати за претседател според истражувањата на рејтинг агенциите во Франција
АФЕРАТА ПЕНЕЛОПА
Пробивот на Макрон се засили и со излегувањето на аферата за семејството на Фијон во која се покажа дека неговата сопруга, Пенелопа, била вработена во администрацијата на Парламентот и добивала плата без да има обврска кон работното место. По оваа „излегуваат“ уште неколку афери во кои се гледа дека целото семејство на Фијон, во подолг временски период, било на работни места на кои практично не морале ни да доаѓаат. Ова афера за непотизам ја осакати политичката кампања на Фијон и од најголем фаворит Фијон полека прејде во аутсајдер, оставајќи го слободно местото за опонентот на Лепен, на Макрон. Во моментов додека го пишувам текстот, Макрон веќе го има достигнато и преминато рејтингот на Лепен за гласањето во првиот круг, а за вториот круг агенциите покажуваат дека Емануел Макрон во моментов претставува сигурен победник на изборите за претседател на Франција. И, да, за француската приказна да биде уште посимпатична и поромантична, Емануел Макрон во 2007 година стапи во брак со неговата љубов од детството, Брижит Тронио, со што наеднаш наследи три деца од нејзиниот претходен брак и дури шест внуци.
Холандија својата победа против популистите ја извојува со зацврстување на умерената десница и нејзино спротивставување на своите радикални политички соседи. Во таа смисла Франција очигледно употребува различен концепт, каде што на радикалната десница ќе ѝ се спротивстави бескомпромисен и прогресивен либерал кој доаѓа од центарот. Без разлика на рецептот, очигледно е дека политичкиот експеримент на радикалниот популизам сѐ повеќе, барем сега за сега, губи од својата сила. По БРЕГЗИТ/Трамп, светот сѐ уште живее во политички транс внимателно следејќи ги движењата на политичката сцена, но тезата дека ќе започне домино ефект на политички успеси на десничарските популисти губи на својата актуелност. Напротив, сѐ поголема актуелност добива спротивната теза, дека БРЕГЗИТ/Трамп го претставува „пикот“ или највисокиот дострел на една доктрина која почнува да заоѓа. Изборите во Франција се на 23 април и на 7 мај и дефинитивно ќе претставуваат една од најзначајните пресвртници во натамошниот политички развој на Европа.