Општество

ДА ДОНИРАШ Е ЉУБОВ

Никица Кусиникова е извршна директорка на Конект, здружение кое има специфична експертиза во областа на филантропијата и општествената одговорност. Во насока на подигнување на свеста на јавноста и бизнисите за “паметно“ донирање, Конект реализираше кампања под мотото “Да донираш е љубов“. Со Никица разговаравме за кампањата, но и за други прашања од полето на нивен интерес.

Зошто „Да донираш е љубов“?

Да донираш е љубов затоа што исто како во љубовта, донирањето претставува врска со заедницата во која треба умно да одбереш, да негуваш однос, вистински да се дадеш, да бидеш поддршка и да уживаш гледајќи што е постигнато. Според последното истражување на Конект, Македонците донираат. 70% од граѓаните и 49,7% од компаниите донирале барем еднаш. Најчесто се донира за лекување, за настрадани од елементарни непогоди или на социјално загрозени семејства. Таквото хуманитарно, или таканаречено „ад-хок“ донирање е важно и честопати неопходно, но не е доволно и не го искористува максималниот потенцијал на донациите. Со него ги крпиме дупките, но не ги решаваме суштинските проблеми. Неопходно е паралелно да го развиваме и филантропското односно паметното донирање, коешто е заложба за темелно решавање на проблемите.

Како да направиме промена?

И малите донации, доколку се испланирани може да направат промена. Ако средствата се канализираат во решавање на проблемот, тогаш донациите ќе ја постигнат својата цел. Граѓанските организации (здруженијата и фондациите) се едни од клучните алки во ваквото канализирање на донациите. Државата, поради ограничените ресурси, не може целосно да одговори на потребите. Филантропијата насочена кон организации нуди можност за здружување на ресурсите во заедницата во наоѓање решенија и унапредување на благосостојбата во партнерство со институциите и со бизнис- заедницата. Во рамки на областите во кои делуваат, граѓанските организации темелно ги познаваат проблемите и редовно комуницираат и ги следат потребите на целните групи. Поради начинот на кој работат, тие се пофлексибилни и многу брзо може да преминат во акција и да овозможат донацијата да биде ефективно искористена. Во светот, граѓаните и компаниите им ги доверуваат донациите на граѓанските организации, сметајќи ги за нивни партнери во постигнувањето на општествените промени.

Како да се одбере вистинската организација во која може да се донира?

Навистина е тешко од мноштвото организации да се избере една во која ќе донирате средства, особено ако претходно не сте соработувале со нив. Прв чекор е да ги идентификувате организациите коишто нудат решенија за општествените проблеми за коишто сте загрижени. Потоа е важно во комуникацијата со организацијата да утврдите дали таа организација е од доверба. Во насока да им помогне на граѓаните, но пред сѐ на компаниите, да ги препознаат организациите кои навистина работат на решавање на одреден проблем, а при тоа се одговорни, отчетни и транспарентни, Конект воспостави т.н. „Ознака на доверба“. Преку ознаката, организациите кои се доверливи приматели на донации добиваат сертификат кој потврдува дека тие се вистински посветени на остварување на својата мисија, работат чесно и домаќински со средствата со кои располагаат и дека донацијата навистина ќе се искористи за вистинската намена. Информации за овие организации може да се најдат и на платформата www.konekt.org.mk, а секако и ние во организацијата стоиме на располагање на сите заинтересирани да им помогнеме во нивниот избор.

Да се вратиме на кампањата. Што се опфаќаше и кому му се обраќаше?

Кампањата беше доста комплексна и беше насочена кон подигнување на јавната свест за потребата и користа од планирано/ обмислено и стратешко донирање, особено во граѓанските организации. Во еден сегмент фокус беше ставен на филантропијата како семејна вредност, односно како наследство што се предава со предавање на семејниот бизнис на следните генерации. Како дел од истата, педесет јавни и познати личности добија писмо и ветување за донирање, коешто требаше да го потпишат и да го чуваат како потсетник дека во текот на годината треба да донираат. Дваесет писма, со завет за семејно донирање беа испратени до сопственици на семејни компании. За пошироката јавност, во пет кафе барови на гостите им се делеа пораки за донирање, заедно со нивното кафе или пијалак. Изработена е и онлајн апликација- квиз преку кој секој може да провери каков тип на донатор е. Исто така беа продуцирани и видеа и други промотивни материјали. Нашата проценка е дека пораката на кампањата стигна до повеќе од 20.000 граѓани, кои се надеваме ќе ја запомнат и ќе донираат паметно.

Кампањата се реализираше во рамки на проектот „Граѓанското општество посилно со бизнисот и граѓаните“, финансиски поддржан од Европската Унија. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано