Општество
ВАЖЕН ПОДАРОК ОД РЕПУБЛИКА ФРАНЦИЈА ЗА ГРАЃАНИТЕ НА СКОПЈЕ
Француската влада, како дел од својата билатерална политика за соработка со Македонија, финансираше студија за изградба на пречистителна станица за отпадни води за град Скопје, во вкупен износ од околу 700.000 евра. Комплетниот документ, во којшто се содржани физибилити студијата, студијата за влијанието врз животната средина и анализата на параметрите цена - корист на понудените опции, беше предаден од страна на амбасадорот на Франција, Н.Е. господинот Кристиан Тимоние на претставниците на град Скопје и на Министерството за животна средина и просторно планирање, во среда 26 април во 18:00 часот во просториите на Амбасадата.

Документот ги содржи најдобрите можни опции за развој на проект од таков тип, од технолошки, еколошки и финансиски аспект. Презентацијата ја направија француските консултанти од групацијата ЕЖИС, во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и потенцијалните финансиски донатори (Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светска банка), како и на вклучените македонски институции: Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија, Водовод и канализација... На настанот присуствуваа Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Арбр Адеми, Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети и Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски.

"Оваа поддршка на Македонија преку еден типичен проект од областа на животната средина, ја илустрира континуираната француска поддршка на реформите за напредокот на земјата, вклучително и на животната средина, за усвојување на европските стандарди во оваа област", наведеАмбасадата на Република Франција.
Студијата за изградба на пречистителна станица за отпадни води за град Скопје е важен проект за неговите граѓани и неговата бесплатна изработка е вреден подарок од Република Франција.