Општество
ТЕХНОЛОШКИ ТРЕНДОВИ ШТО ЌЕ ЈА ОБЛИКУВААТ НАШАТА БЛИСКА ИДНИНА
Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант
Ако сакаме да бидеме чекор понапред од кривата на секојдневието, треба да сме способни да ги разбираме трендовите што ќе ја обликуваат нашата иднина. Најбитните трендови што ќе влијаат непосредно на нашата блиска иднина се сосредоточени на тоа како технолошките иновации го преобразуваат начинот на кој живееме, работиме и комуницираме.
Луѓето имаат обичај да прават планови за својата иднина врз основа на неoдамнешното минато. Проблемот со примената на оваа стратегија е тоа што следните дваесетина години нема воопшто да наликуваат на минатите дваесетина години. Стапката на промена расте пребрзо и традиционалните модели на управување со енергетските ресурси, економскиот раст и зачувувањето на животната средина мора да бидат целосно пресоздадени за да ја рестартираат глобалната економија со посилен акцент на одржливоста, емпатијата и справување со клучните причинители на проблемите, а не со нивните симптоми.
Никогаш немало вакво време како денешницава која нуди толку можности за луѓето кои сакаат да ги истражуваат проблемите и да изнаоѓаат креативни решенија за нив. Следуваат примери на неколку исклучително добри ресурси што ќе го прошират вашето знаење за технолошките трендови кои ќе имаат одлучувачка улога во создавањето на нашата иднина.
1. ВЕЌЕ НЕМА ДА МУ БИДЕТЕ ПОТРЕБНИ НА ВАШИОТ АВТОМОБИЛ
Со децении наназад на автомобилот гледавме како на наш личен печат, како на лична изјава за независност, место во кое ние сме господари. Денес сме сведоци на фактот дека последните иновации сосема ја засенуваат оваа традиција. На пример, трендовите на уберизација, на возилата што самите себе автономно се управуваат, на податочното рударење, укажуваат на фактот дека технологијата ни седнува зад волан. Затоа бидете во тек со следните автомобилски трендови и уживајте во возењето.

1. Возилата што автономно се управуваат ќе бидат присутни насекаде
Веќе постојат неверојатно добри автономни самоуправувачки Убер возила што превезуваат патници во Питсбург, флотата на автономни електрични такси возила на Баиду наголемо разнесува патници низ Вужен во Кина, а патниците, пак, во Англија и во Шведска ќе почнат да се развезуваат по автопатите во роботизирани автомобили на Волво.
2. Ќе бидете постојано следени
Осигурителните компании ќе користат паметни камери на ветробраните, како и други уреди за следење за да ги прилагодат вашите премии за осигурување. Дополнително, денот кога електричните возила ќе постанат егзистенцијална закана за такси возилата што работат на плин, владите ќе почнат да експериментираат со даноци засновани на поминати километри.
3. Електричните автомобили добиваат засилување
Очекувајте 15 целосно електрични модели на автомобили да излезат на пазарот во САД само во текот на оваа година, меѓу кои ќе бидат и прилично евтините и со подолг рок на траење шеви болт и тесла модел 3 (Chevy Bolt и Tesla Model 3). Но, погоните на бензин нема да заминат во историјата. Напротив, работите стануваат уште подобри. Веќе оваа година започнува производството на неверојатниот (и истовремено неверојатно сложен) мотор на нисан (Nissan) со променлива компресија наречен инфинити (Infiniti) – мотор што ги користи шмекот на дизелот и на ефикасноста на дволитарските турбо централи на гас.
4. Јавниот превоз ќе се здружи со стартапите
Минатата есен матичната заедница на Самит (Summit), во Њу Џерси, лансираше пилот-програма Убер (Uber) што им нуди на нивните иматели на картички за паркинг бесплатен превоз до најблиската железничка станица. Ќе бидеме сведоци на сè повеќе партнерства меѓу давателите на услуги за групен превоз и јавниот превоз.
5. По автопатите ќе возат роботизирани камиони
Автономните камиони што беа произведени од Ото (Otto) – еден стартап кој Убер го купи минатата година – веќе испорачуваат стока на разни дестинации. Првата пратка? Педесет илјади лименки пиво бадвајсер (Budweiser). Но, камионџиите сè уште нема да останат целосно без работа бидејќи (сега за сега) моќните камиони на Ото (Otto) можат да возат автономно само на автопатите.
2. НАУЧНИЦИТЕ ЌЕ СТАНАТ ЗАСТРАШУВАЧКИ ДОБРИ ВО ПРЕКРОЈУВАЊЕ НА НАШАТА ДНК
Биолозите од целиот свет буквално се вљубија во Криспр (Crispr) поради неговите брзи и ефикасни моќи на менување на гените и генетските модификации. Во споредба со минатото, биолозите сега можат многу полесно и за многу кратко време да создадат раса на глувци со одредени нарушувања за да ги проучуваат болестите и за да ги истражуваат потенцијалните методи на нивното лекување. Следни за истражување се лековите за луѓето. Стартапот на Криспр, Едитас медисин (Editas Medicine) очекува оваа година да го лансира своето прво клиничко испитување за една конгенитална очна болест што предизвикува слепило. Планираат да произведат одреден вирус со алатки што ќе го отстранат мутираниот ген, а потоа него да го вбризгаат во ретина на човек. Во меѓувреме, Националниот институт за здравје во САД веќе го има одобрено првото широкоопсежно испитување на лек за рак добиен преку методите на Криспр: научниците од Универзитетот на Пенсилванија ќе отстрануваат Т-клетки од пациенти заболени од рак, ќе направат нивни три модификации, а потоа повторно ќе ги внесат овие имунореспондери во телото на пациентот за да ги лоцираат и да ги напаѓаат клетките на ракот. Во Кина истражувачите веќе имаат спроведено слични прекројувања и модификации на белите крвни зрнца при лекување на заболени од рак. Но, тие исто така навлегуваат и во една длабоко поосетлива област, а тоа е користење на оваа техника за модификување човечки ембриони (што би овозможило модификување на идните поколенија). САД веројатно работат на слични типови модификации на наследен материјал кај популации на глувци, но немаат намера да го прават тоа и кај луѓе – барем не засега.
3. ВАШИОТ ДОМ ЌЕ ГО ПРЕДВИДУВА СЕКОЈ ВАШ ЧЕКОР И СЕКОЕ ДВИЖЕЊЕ
На нашите работни маси прво имавме компјутери, потоа лаптопи, потоа нив можевме да ги сместиме во џеб. Од тој момент натаму компјутерите нема да бидат само уред што ни треба за одредени работи. Тие веќе сè во нашиот живот. Паметните уреди, од вашиот телефон до звучниците, до вашиот ТВ-приемник, ќе станат попаметни, а исто така и повеќе персонализирани: направете „вообичаена“ нарачка, а тие ќе знаат дека мислите на голема капричиоза со кечап на страна. Нема да морате ниту да знаете на кој уред му зборувате. Само гласно кажете ги своите желби и чекајте да ви се исполнат.

1. Ќе преовладаат безжичните слушалки
Слушалките ќе бидат безжични и нема да престанете да ги носите бидејќи тие ќе бидат поврзани со вашиот личен звучен помошник (voice assistant), со личниот следач за фитнес состојба (fitness tracker) и со вашиот универзален преведувач.
2. Ќе имате гаџети на облеката
Благодарение на минијатурните батерии и неверојатно тенките сензори, вашите обувки андер армор (Under Armour) ќе ви кажат колку чекори сте направиле, а песните ќе ги менувате со замавнување со раката преку ракавот на вашата ливајз (Levi’s) јакна. Во исто време, алката за следење на вашата фитнес состојба едноставно ќе одбие да умре.
3. Домот ќе ви стане паметен…
Да им кажете на Алекса (Alexa) или на Гугл хоум (Google Home) да го изгаси светлото е само првиот чекор кон тоа тие самите да знаат кога да го изгасат светлото без вие да ги замолите да го сторат тоа – веднаш пред да ги направат пуканките и да ја симнат последната епизода од Игра на тронови.
4. … но вашиот паметен дом ќе биде и наоружан
Целосната поврзаност ги изложува паметните уреди во домот на сајбер напади. Додека вашиот паметен термостат нест (Nest) ви е веројатно прилично безбеден, повеќето работи што функционираат на принципот интернет на нештата (IoT или „internet-of-things“) ќе бидат ранливи и подложни на напади. Хакерите користат секакви средства за, на пример, да прекинат греење во цели станбени згради за време на големи студови, да си играат со алармите за пожар и целосно да ги преобразат IoT-уредите во малициозни направи.
4. СОФТВЕРИТЕ САМИ ЌЕ СИ ГИ ПОПРАВААТ СВОИТЕ ГРЕШКИ, ПОПОЗНАТИ КАКО БАГОВИ
Со сите свои бити и бајти, сајбер безбедноста е резултат на потфат на човекот. За да ги заштитиме нашите мрежи, електронски пошти и банковни апликации, ни треба вистински програмери – луѓе, а не роботи. Проблемот е во тоа што луѓето не можат секој пат да ги најдат и да ги закрпат сите проблематични пропусти/дупки во системите – или, пак, не можат да го сторат тоа доволно брзо. Така, онлајн услугите остануваат цел на хакерите. Но, минатото лето, Дарпа (Darpa), десната рака на Министерството за одбрана во САД, го одржа првиот натпревар во хакирање што беше отворен само за безбедносните ботови (секако доставени од луѓето кои ги направиле) што можат самите да си ги крпат пропустите/дупките во системите. Се востанови дека ботовите можат да најдат едноставни багови многу побрзо од луѓето инженери – а во некои случаи тие можат да ги пронајдат и да ги посочат најсложените безбедносни пропусти/дупки, односно багови што ја менуваат формата и содржината на секоја секунда. Во натпреварот имаше еден таков „трансформер“, а ботот изграден од истражувачите од Јужна Калифорнија успеа да го пронајде и да го закрпи. Тоа значи дека ботовите ќе можат да поправаат безбедносни пропусти/дупки со брзина што досега не ни била возможна. Сега безбедносната индустрија се зазема за оваа идеја и ја поддржува финансиски и логистички. Ова со тек на време ќе ги направи побезбедни онлајн услугите, а со тоа и вашите податоци ќе бидат побезбедни.
5. СНЕПЧЕТОТ ВСУШНОСТ ЌЕ СТАНЕ ВАЖЕН

Прво, вашите родители мора да научат како да праќаат текстуални пораки бидејќи вие престанавте да одговарате на нивните повици. Потоа почнаа да се закачуваат на Фесјбук (Facebook) за да гледаат што правите на училиште и кога сте надвор од нивното видно поле. Уште малку и ќе почнат да ве следат и на Снепчет (Snapchat). За хипер поврзаните тинејџери, снепирањето е исто како и зборување лице во лице – само што тоа се случува преку видеа, филтри и разни алатки. За нив Снепчет е местото каде што тие споделуваат што им се случува во животот во реално време. Во меѓувреме, самата компанија Снеп инк. (Snap Inc.) расте брзо: минатата година ги лансираа спектаклес (Spectacles), очила со камера кои станаа хит на сезоната како „личен асесоар“ прогласен за изум на милениумот. Тие го снимаат светот на начин на кој ги гледаат луѓето во реално време – исто како да ги клонирате своите очи за повеќе лица да гледаат со нив, што ќе признаете е многу возбудливо за следење. Оваа симпатично необјаснива апликација одеднаш претендира за глобална доминација. Затоа подгответе се родителите да почнат да ви досадуваат дека ако навистина ги сакате, повремено ќе треба да им овозможувате да ве следат преку снеп видеата.
Примери за некои работи што ќе изумрат: копчето хоум (Home) на мобилните телефони, електронската пошта од вашите пријатели... Но, има и такви што ќе го издржат забот на времето: ховербордите, личните алки за следење на фитнес состојба, селфијата сликани во огледало на тоалет, лажните вести на Фејсбук...
(февруари 2017)