Финансии / Банкарство
ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА НА МОДЕРНАТА КОМПАНИЈА
Никола Главинче
Авторот е адвокат
За успешно функционирање на трговските друштва, меѓу другото, потребна е квалитетна правна поддршка и хармонизирани меѓучовечки односи во процесот на работа. Колку е поголем бројот на вработени во компанијата, толку поголема е потребата од унифицирање на стандардите кои имаат цел да го регулираат или да го канализираат постапувањето, дејствувањето и начинот на извршување на работните обврски. Исто така придржувањето и примената на принципите, кои компанијата ги определила, придонесува за нејзината препознатливост во општеството и за нејзината деловна успешност.
За разлика од минатото, кога во деловните згради и фабричките хали се поставуваа соопштенија, куќен ред или упатства, денес сѐ почесто се донесуваат и се подготвуваат правилници за работа во кои се обработуваат повеќе прашања кои се од битно значење за самото функционирање на компаниите. Вообичаено тие се доставуваат или електронски се испраќаат до секој нововработен како содржина со која неопходно е секој да се запознае пред започнување на работниот ангажман. Таквите правила претставуваат „soft law“, односно меко право кое своја инспирација има во законските одредби, но во исто време тие правила вршат и нивна разработка, објаснување и адаптација имајќи ги предвид воспоставените деловни обичаи и морални вредности кои се неопходност за успешност во современите услови.
Во македонскиот Закон за работните односи, во согласност со чл. 81, предвидено е откажување на договорот за вработување, меѓу другото и поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со Закон, колективен договор, со акт на работодавачот и договорот за вработување. Причина за тоа, меѓу другото, е и ако работникот не ги почитува работниот ред и дисциплина и правилата пропишани од страна на работодавачот. Поради тоа значењето на оваа материја и регулирањето на ова прашање има и законска поддршка.
СОДРЖИНАТА НА ПРАВИЛНИКОТ И ПОСТИГНУВАЊЕТО НА ЦЕЛИТЕ КОИ СЕ ОБРАБОТЕНИ СО НЕГО МОЖАТ ДА ИМААТ СЕРИОЗНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ УСПЕШНОСТА НА КОМПАНИЈАТА. ЗАТОА СЕ ПРЕПОРАЧУВА СЕКОЈА МОДЕРНА КОМПАНИЈА ДА ИЗРАБОТИ ТАКОВ АКТ. ЗА НЕГОВИОТ КОНЦЕПТ И АДАПТАЦИЈА ВО КОНКРЕТНИОТ СУБЈЕКТ КОРИСНИ СЕ СОВЕТИТЕ ОД БИЗНИС И ПРАВНИТЕ КОНСУЛТАНТИ, ОДНОСНО АДВОКАТИТЕ
Во правилникот за работа, кој го донесува работодавачот, најнапред се наведуваат „мисијата и визијата на компанијата“ и „целите и деловните принципи“ по кои се постапува. Посебно треба да се посвети внимание и да се истакне сервисната ориентација на компанијата, начинот на извршување на услугите и методите на одржување на долгорочен одржлив развој. Во овој дел вработените треба да бидат упатени за обврската од почитување на работното време, работната дисциплина, нивниот однос спрема работата и целокупното однесување на работното место. Во продолжение работникот треба да се потсети дека не смее да заборави дека и надвор од работното место, односно и надвор од работното време тој на некој начин ја претставува компанијата во која работи, како и тоа дека преку неговото однесување остава впечаток во јавноста и за самата компанија.
Втор сегмент за регулација во правилникот е и „однесувањето на компанијата спрема клиентите“. Освен наведување на принципите на работа, правилникот треба да содржи одредби чија примена ќе придонесе купувачот (клиентот) да биде уверен дека задоволувањето на неговите потреби и барања е обврска на компанијата, како и тоа дека во секојдневната работа компанијата посебно внимание посветува и на брзата, на сигурната и на квалитетна услуга која се извршува со совесно, со професионално и со одговорно постапување.
Прашањето за „меѓусебното однесување на колегите“ е важно прашање за кое треба да се посвети соодветен простор. Од ова прашање во голема мера зависи успешноста на компанијата и компактноста на тимот. Преку правилникот, компанијата треба да повтори дека соработката и поддршката на тимската работа е услов за постигнување високи деловни резултати. Притоа од страна на колегите и на менаџментот треба да се поддржува различноста во мислењето и да се промовира дијалогот за решавање на определени прашања по кои вработените имаат различно мислење. Успешноста во работата на тимот зависи и од довербата и од структурата на тимот, но и од сознанието дека при извршување на работните обврски целите на тимот и на компанијата се поголеми од целите на поединецот, односно од личните интереси на вработениот. Определувањето на принципите и на начините за постигнување на овие цели треба да бидат предмет на обработка во овој дел.
„Однесувањето на компанијата спрема вработените“ е облигаторен сегмент во секој правилник. Овој однос има заемна релација и со „односот на вработените спрема компанијата“. Важноста да се уреди ова прашање е клучна точка од која зависи успешната работа на компанијата и успешноста во односите меѓу менаџментот и вработените. За остварување на таквите цели нужно е разбирањето за различните улоги на тие два сегмента, а тоа бара ветување за меѓусебно почитување и примена на деловните принципи. Менаџментот на компанијата треба да укаже дека има почит спрема вработените и во таа насока да се обврзе да обезбеди соодветни услови за работа во согласност со правилата на безбедност и здравје, унапредување на можностите за едукација и за усовршување. Посебно треба да се истакне дејствувањето без дискриминација. Во овој дел корисно е да се истакнат и начелата по кои вработените ќе постапуваат спрема компанијата и кон остварување на нејзината мисија и визија.
Во некои правилници, освен наведениве, се обработуваат и прашања за односот на компанијата спрема јавноста, односно медиумите, зависно од дејноста која ја врши компанијата, како и прашања за опфатот на пренесување на информациите во врска со работата на компанијата.
Содржината на правилникот и постигнувањето на целите кои се обработени со него можат да имаат сериозно влијание врз успешноста на компанијата. Затоа се препорачува секоја модерна компанија да изработи таков акт. За неговиот концепт и адаптација во конкретниот субјект корисни се советите од бизнис и правните консултанти, односно адвокатите.