Финансии / Банкарство
ТРИ НАЧИНИ ВАШАТА РЕКЛАМА НА ИНТЕРНЕТ ДА СТИГНЕ ДО ВИСТИНСКАТА ПУБЛИКА
Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk
Добро таргетирана реклама не се прави само за да заштеди пари, туку да го зголеми ефектот на вашата комуникација и да ви помогне многу подобро да си ги дознаете своите корисници
Малиот пазар, ниските цени за огласување и недостатокот на целосна стратегија често се главен фактор за малото внимание кое му го посветуваме на прецизното таргетирање на нашите реклами. Стихијното одлучување некои понуди, производи и услуги да ги рекламираме, односно да потрошиме некое евро за да им ја зголемиме видливоста често е огромна грешка која ја правиме понекогаш и неколкупати на ден.
Основната предност на интернет-маркетингот е што најчесто нема потреба да се потпираме на одлуки кои не се базирани на податоци. Ако добро се постави работата, тогаш сѐ може да се измери и да се извлече податок за понатамошна употреба, се разбира, сѐ со цел попрецизно таргетирање на вашата комуникација.
На крајот на краиштата, и да е тоа само едно евро или еден долар, ако не ја прикажуваат пораката до вистинската публика, тогаш се потрошени залудно и не се ништо повеќе од трошок кој не го носи очекуваниот ефект.
Затоа, без разлика на тоа колкав ви е буџетот, секогаш е потребно да се размислува на време за таргетирањето на секоја следна комуникација, било тоа да е платена било неплатена. За среќа, ова многу добро го знаат големите сервиси кои нудат платформи за огласување, па секој ден се обидуваат да ни овозможат нови можности со кои ќе можеме да го зголемиме ефектот на нашите огласи. Секако, овде мислам на Гугл (adWords) и на Фејсбук. Па, согласно на тоа, во прилог ќе издвојам само 3 начини како може и треба да ги таргетирате своите следни огласи.
1. Ретаргетирање/ремаркетинг
Овој метод во голема мера е основа нa денешното успешно огласување на интернет. Ако не сте научиле досега, оваа техника подразбира прикажување реклами на целна група која претходно остварила некоја акција на вашиот вебсајт или сл. Постојат голем број можности како да го искористите овој пристап, но едно е сигурно – ефектот секогаш ќе биде драстично поголем во споредба со стандардното таргетирање. Ова значи дека публиката на која им ги прикажувате рекламите веќе изразила некаков интерес за она што вие го нудите и во некоја мера можете да бидете сигурни дека ќе бидат заинтересирани за вашата понуда во периодот кој следува. И двата сервиси кои ги посочив погоре овозможуваат голем број различни опции во рамките на оваа метода. И Гугл и Фејсбук дозволуваат да поставите специјален код на вашиот вебсајт кој во посебна листа ќе ги собира сите оние кои посетиле некоја конкретна или која било страница на вашиот вебсајт.
Секако, овој пристап бара стратешко планирање и релевантна содржина преку која може конкретно да се знае интересот на целната група која сакате да ја таргетирате. Често ова значи дека вакви листи треба да правите извесен период пред да стартувате со вашата рекламна кампања и секако значи дека вашата рекламна кампања треба да трае подолго затоа што листата на потенцијални ваши купувачи ќе расте додека трае самата кампања. Внимавајте на должината, на начините на кои се креираат овие ретаргетирани листи. Често основните поставки на самите сервиси не соодветствуваат со однесувањето на нашите корисници, што значи дека еден корисник може да стои во таа листа многу подолго отколку што е вообичаениот временски интервал потребен за донесување одлука за купување.
2. Сопствена публика
На англиски е наречена custom audience, можеби така ќе ви звучи појасно затоа што станува збор за таргетирање на публика која веќе ја знаете или имате можност да ја креирате врз основа на некој податок кој веќе го поседувате. Тука различните сервиси нудат различни можности, но најнапред се чини има стигнато Фејсбук. Овој пристап ви дава можност да креирате листа на корисници за кои веќе имате некаква лична информација, име и презиме, е-пошта, телефонски број или поопшто како место на вработување или сл.
Доколку Фејсбук најде корисници со некој од наведените детали во податоците кои ги поседувате, тогаш тој на тие корисници ќе може да им ги прикаже вашите реклами. Прво прашање кое се наметнува во оваа ситуација е дали оние кои се таргетирани знаат како таа реклама им се покажува токму нив. Одговорот е НЕ. Корисниците не знаат дека токму преку нивната е-пошта или телефонскиот број сте ги пронашле на Фејсбук. Ваквиот начин на таргетирање е совршен доколку имате голема постоечка листа на корисници на кои сакате да им понудите нешто ново, поконкретно. Во оваа ситуација знаете дека нема потреба да ја комуницирате вашата понуда или услуга како на нови корисници и ви дозволува да се обратите многу поконкретно од вообичаено.
3. Слична публика
И повторно на англиски, за да знаете како да пребарате на Гугл повеќе опции, пребарувајте lookalike audience. Ова е всушност надградба на кое било претходно прилагодено таргетирање кое го применувате. Фејсбук овозможува да изберете некоја од вашите претходно генерирани листи и тој врз основа на корисниците во таа листа ќе ви ја прошири публиката со слични корисници на нив. Во ерата на големи бази на податоци (big data) многу е веројатно дека ние сами нема да можеме да ги воочиме сите заеднички карактеристики на нашата постоечка публика, а со тоа и да ја пронајдеме следната тесно таргетирана публика наши нови корисници.
Како и во сите други тактики на интернет, и тука до израз доаѓа креативноста на употребата на одредени податоци и сигнали кои ги имаме и, нормално, сѐ е предмет на тестирање. На пример, со овој метод може на Фејсбук да креираме таргетирана публика слична на сите оние кои го прегледале нашето последно видео до крај.
Можностите кои се добиваат со комбинирање на огромниот број опции за таргетирање кои сега ги нудат Фејсбук и Гугл се огромни и се зголемуваат буквално секој ден. И двата сервиси интензивно ги развиваат овие сегменти и се обидуваат да им овозможат на огласувачите да креираат што е можно поефективна рекламна кампања која ќе ја најде својата вистинска публика и ќе обезбеди поголем поврат на инвестицијата.
Не заборавајте, нетаргетиран пристап во рекламирањето можеби нема да ви изгуби премногу пари ако се рекламирате само во Македонија, но дефинитивно ќе ве примора да бидете многу полоши (неконкретни) во својата комуникација, што директно влијае на комплетната слика на вашиот бизнис и на искуството на вашите постоечки и потенцијални потрошувачи.