Финансии / Банкарство

СПОРЕД АНАЛИЗАТА НА ФАЈНЕНС ТИНК, ИМА УШТЕ МАЛ ПРОСТОР ЗА НОВИ ЗАДОЛЖУВАЊА НА ЈАВНИОТ СЕКТОР

 

Во бриф за политиките Фајненс Тинк се фокусира на темата на одржливост на долгот на Република Македонија. Нивната анализа, со помош на економетриски модели земајќи ги предвид клучните карактеристики на Македонската економија, го проценува одржливото ниво на Македонскиот државен и јавен долг под различни макроекономски претпоставки. Притоа, проценките на одржливост на државниот долг се движат во граница помеѓу 41% и 48,7% од БДП. Аналогно, одржливата граница на јавниот долг се проценува помеѓу 51% и 59,2% од БДП. Следствено, постои мал простор за дополнително зголемување на државниот и јавниот долг.

Сепак, иако моменталното ниво на државниот и јавниот долг е во одржливи рамки, анализата на Фајненс Тинк укажува дека нивото е блиску до границата на одржливоста и поголемиот дел на фискалниот простор е веќе искористен. Со тоа, се потврдуваат и препораките на меѓународниот фактор дека Македонскиот јавен долг треба да се стабилизира на ниво од околу 50% од БДП.

Фајненс Тинк ги дава следните препораки за целите на управувањето со јавните финансии на краток до среден рок:

 1. Понатамошните задолжувања на државата треба да бидат исклучиво за продуктивни цели. Се препорачува на Министерството за финансии да отвори широка јавна расправа за приоритизирање на капиталните инвестиции на државата. Во таа насока, дебатата ќе искористи од студија која го оценува фискалниот мултипликатор на различни видови капитални трошења. Проектирањето капитални трошења со висок фискален мултипликатор ќе овозможи границата на одржливост на долгот да се зголеми;

2. Фискалната консолидација треба да продолжи во насока на елиминирање на сите непродуктивни трошења, особено оние кои имаат лукративни компоненти, додека растот на тековните трошења за плати на јавната администрација, пензиите и социјалните трансфери да се усогласи најмногу со номиналниот раст на економијата. Тоа ќе остави простор за капитални инвестиции и ќе ја зголеми одржливоста на долгот;

3. Следствено на 1 и 2, се препорачува на Министерството за финансии да изврши темелна ревизија на Фискалната стратегија која ќе ги инкорпорира наодите од спроведените студии и јавната расправа и ќе даде детален преглед за предвидената динамика на државниот и јавниот долг на следен рок и ќе овозможи јасна претстава како таа динамика се споредува со одржливото ниво;

4. Стабилизацијата на деловното окружување, преку обезбедување политичка, правна и институционална стабилност, ќе даде нов поттик на растот, ќе ја намали премијата на ризикот и со тоа ќе го намали пририсокот врз каматните отплати. Сличен ефект ќе има и поголемо свртување кон задолжувања на домашниот пазар, за кои во моментов постои значаен простор. Повисок раст, пониски каматни отплати и поповолен примарен биланс ќе го намалат притисокот врз моменталниот долг и ќе ја поместат повисоко границата на неговата одржливост. Внимателност Анализата се заснова на статистичко-економетриско модел со вообичаените маргини на грешка при статистичка анализа. Дополнително, внимателност при користењето на наодите е неопходна од перспектива на тоа дека врз долгот може да влијаат и некои детерминанти кои не се земени предвид во оваа анализа, а може да се специфични за земјата. Дополнително, среднорочните вредности на детерминантите при проекцијата на одржливото ниво се добиени по пат на експертско мислење, кое секогаш вклучува елементи на субјективизам. Оттука, добиените граници за државниот и јавниот долг треба да се сметаат како ориентир при водењето на фискалната политика, а во никој случај како апсолутни тврди граници.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано