Општество

ШТО ЗНАЧИ Г7

Љупчо Поповски

Ексклузивниот клуб на најбогатите учествува со 46 отсто во глобалниот БДП. Зошто Г7 стана Г8 со примето на Русија и зошто таа во 2014 година беше исфрлена од него

 

Додека во малото медитеранско гратче со голема историја, Таормина на Сицилија, лидерите на седумте најбогати земји во светот расправаа за климатските промени, тероризмот во светот по нападот во Манчестер, слободната трговија, миграцијата и помошта за Африка.

Таормина не беше случајно избрано место. Гратчето, кое се наоѓа на ридот 206 метри над морето, има голема историско наследство и е едно од најпривлечните места за туристите. Особено античкиот театар кој датира триста години пред Христа. Таормина има важна географска позиција на патот на мигрантите од Африка кон Европа и затоа изборот за самит на лидерите на Г7 е симбол за бегалската криза. Како што Таормина е перфектна сцена за промоцијата на италијанскиот имиџ во странство.

Собирот на лидерите на Г7 беше 43. по ред откако најбогатите почнаа да се среќаваат во обид да влијаат во решавање на светските економски и политички прашања. На самитот во Сицилија прв пат учествуваа четворица лидери – американскиот претседател Доналд Трамп, британскиот премиер Тереза Меј, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Паоло Џентилони.

Форматот на овие средби се менуваше за сето ова време од 1975 година. Тогаш беше Г6, следната година стана Г7, по приклучувањето на Канада, во 1997 стана Г8 (откако беше присоединета и Русија), а од 2014 година повторно е Г7, откако Русија беше исклучена поради анексијата на Крим и непосредно пред да биде одржан самитот во Сочи.

Идејата за ваквите собири потекнува од поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, кој по големата нафтена криза од 1973 година го основа овој неформален светски економски самит на главните индустриски демократии. На првиот собир во Рамбује крај Париз присуствуваа лидерите на Франција, Германија, САД, Велика Британија, Јапонија и Италија. Следната година на самитот, што во Порторико го организирише американскиот претседател Џералд Форд, се приклучи и Канада. Од 1977 година, на самитот во Лондон, на собирот се приклучува и Европската заедница како член кој официјално не се брои. Овој проект на Дестен е еден од неколкуте кои тој ги етаблира заедно со тогашниот германски канцелар Хелмут Шмит.  Другите беа создавањето на Европскиот монетарен систем (од кој подоцна произлезе еврото), директниот избор на пратениците во Европскиот парламент и етаблирањето на Европскиот совет на шефовите на држави и влади.

Овие седум земји поседуваат 64 отсто од глобалното богатство на планетева (263 билиони долари), а учествуваат со 46 отсто во глобалниот БДП. Групата Г7 не е меѓународно призната институција (како Обединетите нации, ММФ или Светска банка, на пример), туку е неформално тело од кое, сепак, многу зависи правецот на развојот на светската економија. Седумте лидери на самитите расправаат за големите комплексни меѓународни прашања, донесуваат одлуки за правецот на заедничко дејствување и развиваат лични релации, кои подоцна се важни во функционирањето на политиката. Многу важен орган на Г7 е министерската група за финансии, која се состанува почесто. Таа остана група 7 дури и кога Русија беше дел од тогаш воспоставената Г8.

Во 1997 година тогашниот американски претседател Бил Клинтон ја повика Русија во ексклузивниот клуб на самитот во Денвер, Колорадо, за да му помогне на првиот пост-советски лидер, Борис Елцин, во етаблирањето на демократските вредности и да ја приближи големата земја кон Запад. Клинтон веруваше дека со тоа Русија ќе стане и партнер на НАТО во осигуривањето на светскиот мир, а и дека ќе ги отвори вратите за прием на поранешните советски републики во Алијансата. Но како најслаба економија од сите во тоа време Русија немаше некоја посебна улога во координацијата на глобалните економски политики, ниту пак останатите министри за финансии имаа желба да ја вклучат во овие расправи. Русија претседаваше со Г8 во 2006 година, кога самитот се одржа во Санкт Петерсбург. Следното нејзино претседателствување требаше да биде во 2014 година. Но зголемените авторитарни тенденции на Владимир Путин и големото разидување со другите членови на клубот околу граѓанската војна во Сирија и судбината на претседателот Башар ел Асад, како и анексијата на Крим во март 2014, доведоа до тоа Русија да биде исфрлена од групата. „Ние ќе го суспендираме нашето учество на Г8 се додека Русија не го промени правецот и условите да се вратат онаму каде што Г8 ќе биде способна да има плодотворна дискусија“, објавија во заедничко соопштение лидерите на Г7. Оттогаш клубот се врати на рамката на Г7 и според многу меѓународни познавачи сега има подобри основи за заедничка акција. Во основа, групата без Русија може полесно да ги брани и да ги застапува заедничките вредности и интереси и да зборува во еден глас.

Ако Русија беше повикана во членството на ексклузивниот клуб во 1997 година тој сега без учеството на Кина не е целосно глобален. Русија игра значајна улога во безбедноста во светот, но местото на Кина во плантерната економија е многу поголемо од руското учество. Прашање е дали со руското искуство западните демократии од Г7 сега би повикале нов член во клубот кој не ги дели западните вредности на демократијата, плурализмот и пазарната економија

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано