Финансии / Банкарство

ПО АТИНСКОТО, ГРЦИЈА ГО ПРОДАДЕ И СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ

Нов сопственик на Солунското пристаниште ќе биде конзорциум од германска, од грчка и од француска компанија, предводен од рускиот бизнисмен со грчко потекло Иван Савидис. Грчкиот фонд за приватизација ја избра понудата на конзорциумот составен од германската Дојче инвест еквити партнерс, Белтера инвестментс на Савидис и од француската Терминал линк САС, кој понуди 231,9 милиони евра за преземање на контролата на 67 отсто од акциите на пристаништето и за негова приватизација. Проценките на Фондот за приватизација на Грција се дека финалната цена и инвестициите на пристаништето се многу повисоки и ќе достигнат околу 1,1 милијарди евра. Одобрувањето на приватизацијата треба да добие зелено светло и од Парламентот на Грција и ако успее да помине без проблеми конзорциумот најрано би го презел Солунското пристаниште кон крајот на летото. Солунското пристаниште е второ по големина во Грција и е најзначајно пристаниште за Балканот. Минатата година Грција го приватизираше и најголемото пристаниште Пиреја во Атина кое го купи кинеската компанија КОСКО. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано