Финансии / Банкарство

УСПЕХОТ НА НАРОДНА БАНКА НЕ ПАДНА ОД НЕБО И ПРЕКУ НОЌ

Љубе Трпески

Професорот Љубе Трпески е важна фигура во монетарната историја на Република Македонија. Беше дел од процесот на воведување на денарот и гувернер на Народна банка на Република Македонија во еден мандат. Повод за ова интервју беше јубилејот 25 години монетарно осамостојување на нашата земја. Отворен и директен во комуникацијата, професорот Трпески детално опишува како изгледале „одвнатре“ некои од клучните моменти во монетарната историја на Македонија. Но, не разговаравме само за минатото, туку и за идните предизвици на монетарната политика на домашен и меѓународен план, за биткоинот, за укинувањето на готовината...  

 

Неодамна во НБРМ се одржа свеченост по повод 25-годишнината од монетарното осамостојување при што на членовите на Комисијата за монетарно осамостојување, во која бевте и Вие, ви беа доделени посебни писмени признанија. Можете ли за пошироката јавност да кажете за улогата на оваа Комисија во монетарното осамостојување и за атмосферата во која работеше таа на тој исклучителен проект.

Љ. Трпески: Да, за жал, на тројца од петтемина членови на Комисијата, што ја формираше претседателот Глигоров, признанијата им беа доделени постхумно, на тогашниот премиер Никола Кљусев, на тогашниот министер за финансии Методија Тошевски и на академик Ксенте Богоев, а тогашниот гувернер Борко Станоевски и јас признанијата ги примивме лично. Како што гледате, тројца членови на Комисијата беа по функција, премиерот, министерот за финансии и гувернерот, а проф. Богоев и јас бевме повикани и членувавме како претставници на науката. Монетарното осамостојување претставува еден од најголемите проекти што се реализираа по политичкото осамостојување на Република Македонија како самостојна држава. Политичките и економските услови во тоа време беа мошне сложени. Земјава беше во вителот на хиперинфлацијата предизвикана од  високата монетарна експанзија на НБ на Југославија преку која се финансираше војната што ја водеше ЈНА во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Таквата ситуација налагаше што побрзо да се воведе самостојна валута за да се извлечеше земјава од канџите на хиперинфлацијата. Од друга страна, постоеја фактори кои предупредуваа на крајна внимателност во реализацијата на овој проект. Бевме свесни дека секое брзоплето решение, без сериозни подготовки, може да се врати како бумеранг и Македонија наместо да се извлече од канџите на хиперинфлацијата да влезе во уште поголема хиперинфлација. Како крупен проблем што се наметна беше присуството на ЈНА на територијата на Република Македонија, па претседателот Глигоров паралелно работеше ЈНА мирно да си отиде од Македонија. Сериозно се анализираше каква ќе биде платно билансната ситуација на денот на воведувањето на сопствената валута, дали ќе имаме девизи за купување на основните стратешки суровини, лекови, енергетски горива... Проценките од НБРМ беа без 300 милиони германски марки во девизните резерви да не носиме одлука за монетарно осамостојување. Но, за таа сума да се акумулира ќе беа потребни неколку години. А штетите од хиперинфлацијата бараа итно решение. Навистина, требаше да се има храброст, знаење и умеење речиси без девизни резерви да се одлучиме да воведеме сопствена валута. И успеавме. Горд сум на тој проект и на фактот што еве 25 години имаме здрава валута. 

Вие бевте гувернер на НБРМ  во периодот 1997 – 2004 година. Која е Вашата оценка за монетарната политика во изминативе 25 години?

Љ. Трпески: Монетарната политика е најздравиот и најуспешниот дел од економската политика што се водеше во изминативе 25 години. Резултатите од монетарната политика се видливи за секој човек. Ако пред 25 години имавме хиперинфлација, речиси целосно руиниран банкарски систем, сега имаме ценовна стабилност приближна на онаа од еврозоната, стабилна валута и здрав банкарски систем. Но, тоа не падна од небо ниту преку ноќ. За тоа беа потребни макотрпни напори придружени со сериозни реформи во монетарната, во фискалната и во банкарската сфера. Во тоа ни помогнаа ММФ и Светската банка. Без нивна помош не ќе можевме да ги изведеме сите стабилизациски и структурни реформи. Но, тие можеа да помогнат затоа што од другата страна имаа партнер кој ги дели истите погледи за потребата од реформи и е дисциплиниран во спроведувањето на она што е договорено. Само за споредба, ние во услови на ембарга наметнати од нашиот јужен сосед, непосредно по осамостојувањето, и затворената граница спрема нашиот северен сосед поради санкциите на ОН спрема него, успеавме да ја симнеме инфлацијата од 229,6 % во 1993 година на 9,2 % во 1995 година и да го симнеме фискалниот дефицит од 13,4 % во 1993 година на 1,2 % во 1995 година, а Грција со сета помош од ЕУ и од ММФ не може со години да го симне буџетскиот дефицит од двоцифрена бројка на едноцифрена. Уште една споредба меѓу нас и нашиот јужен сосед: сите реформи што ги спроведовме за да ги постигнеме гореспоменатите резултати нашиот народ стоички ги издржа, речиси немаше во тие години посериозни штрајкови, а секојдневно ги следиме штрајковите во Грција, се има впечаток како никој да не работи таму, а сакаат да излезат од економската криза.

Дали има некоја ситуација што посебно би ја издвоиле од периодот кога Вие бевте гувернер?

Љ. Трпески: Имаше повеќе тешки ситуации со кои се соочив и во кои не смееше да се згреши. Првата таква ситуација беше донесувањето одлука за девалвација на денарот. Непосредно пред моето именување за гувернер на НБРМ , во мај 1997 година, во посета на Република Македонија беше генералниот директор на ММФ Мишел Камдеси. Јас му бев домаќин, во својство на потпретседател на Владата, одговорен за соработката со меѓународните институции. По приемот кај премиерот, на испраќањето, кога останавме само ние тројца, во моментот кога требаше да се поздрави со премиерот, господинот Камдеси рече дека не сакал на приемот, пред другите присутни, да го покрене прашањето за потребата од девалвација на денарот поради сензитивноста на прашањето. Рече дека неговите соработници во ММФ проценуваат дека денарот е преценет и дека треба да се изврши девалвација. Го спомена и процентот. Премиерот на тоа му одговори дека ние како Влада баравме пред година дена да се изврши корекција на курсот, но ММФ тогаш сметаше дека нема потреба. Во секој случај, резултатот од тој разговор беше таа операција да ја извршам јас. Непосредно по посетата на Камдеси јас бев избран за гувернер на НБРМ . Првите недели од мандатот ми поминаа во размислување како да се изведе девалвација во услови кога според Законот курсот на денарот е флуктуирачки. Не можев со никого да се консултирам поради тоа што тајноста е најголемиот адут за успешноста на таа операција. На крајот донесов одлука и на 8.7.1997 година во девет часот навечер, кога платниот промет е затворен, ги свикав директорите на банките и им ја соопштив одлуката. За одлуката за девалвација, од македонска страна, знаевме само премиерот и јас, а за денот кога се изведе знаев само јас. Затоа неосновани се сите шпекулации кои и денес ги пласираат некои политичари дека тоа е направено за да се сврти вниманието на јавноста од гостиварските настани. Вистината е дека ниту јас знаев кога МВР ќе интервенира во Гостивар ниту премиерот знаеше за денот на девалвација на денарот.
Втора ситуација, која треба да се спомене, е банкарската паника што настана кај штедачите во банките во Македонија за време на косовската криза во 1999 година кога преку 200 000 граѓани од Косово пребегаа во Македонија. Штедачите масовно почнаа да ги подигнуваат своите штедни влогови од банките. Банките за неколку дена ја потрошија залихата на готовина што ја имаа, ја потрошија за еден ден и готовината од девизни средства што ја имаше НБРМ  во трезорот. Настана ситуација, наредниот ден, ако не донесеме девизи од странските банки каде што се чуваа девизните заштеди, банките да мора да ги затворат шалтерите. Главен проблем беше што аеродромите во Скопје и во Охрид беа затворени поради бомбардирањето на НАТО-авионите на СР Југославија. Во таа грозничава трка со времето падна одлука авион полн со германски марки да слета во Солун и од Солун да се донесат во Скопје. Но, што ако службите на аеродромот во Солун ја задржат пратката?! Доволно е само еден ден да ја задржат и целиот банкарски систем да банкротира. Во таа ситуација искра надеж ми даде гувернерот на Централната банка на Грција кој се ангажираше пратката од Солун со нивно обезбедување да се донесе до граница, а потоа со наше обезбедување да стигне доцна во ноќта во Скопје. Во тие 5-6 часа неизвесност дали ќе стигнат парите, косата, а тогаш имав повеќе коса, целосно ми побеле. Потоа цела ноќ ги дистрибуиравме парите во банките низ Републикава, и утредента кога се отворија шалтерите штедачите непречено си ги подигаа девизните влогови. Кога се уверија дека „заштедите им се во банките“, за ден, два, три дена исчезнаа редиците и се смири ситуацијата.
Втора банкарска паника од големи размери настана во 2001 година, предизвикана од воениот конфликт, но тогаш полесно се справивме со ситуацијата затоа што аеродромот беше отворен, а бевме побогати за едно искуство, и навреме и банките и НБРМ  се подготвивме за една таква ситуација. 
Имаше уште слични ситуации, но за нив повеќе во мемоарите кои ги пишувам.

ВО НАШАВА ЗЕМЈА НА ОВА НИВО НА РАЗВОЈ НА КОЈ СМЕ ЌЕ ПРОТЕЧЕ УШТЕ МНОГУ ВОДА НИЗ ВАРДАР ДОДЕКА НИЕ УСПЕЕМЕ УЧЕСТВОТО НА ГОТОВИТЕ ПАРИ ВО ПАРИЧНАТА МАСА ДА ГО СВЕДЕМЕ ОД ПЕДЕСЕТИНА ПОСТО НА ПОМАЛКУ ОД ДЕСЕТ ПОСТО КАКО ШТО Е ВО НАЈРАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ

А можете да ни кажете со кои постигнувања сте посебно горд во периодот на Вашиот мандат во својство на гувернер на НБРМ ?

Љ. Трпески: Јас дојдов на чело на НБРМ  во време кога нејзиниот углед беше значително нарушен по потресите настанати со аферата Тат. За неколку години успеавме НБРМ  да биде институција на која најмногу ѝ се верува. Имено, според анкетата направена од страна на УСАИД во 2003 година, 73 % од анкетираните се изјасниле дека најголема доверба од институциите имаат во НБРМ.
Втора работа на која сум посебно горд е кадарот кој се создаде во тој период. Имено, веднаш по моето доаѓање во НБРМ  донесов одлука да се примаат кадри само со просечен успех над 8, со одлично познавање на англискиот јазик. Втора одлука што ја донесов беше на секој семинар што го организираа ММФ и Светската банка во своите институти во Вашингтон и во Виена задолжително да испраќаме да учествуваат и вработени од НБРМ. Резултатот од таквата кадровска политика беше што во средината на мојот мандат НБРМ  од примател на техничка помош стана давател на техничка помош на други централни банки во светот. Имено, по препорака од Светската банка, кадри од НБРМ  даваа техничка помош за воведување на РТГС системите во централните банки во десет земји. Навистина беше големо задоволство, во преговорите со мисиите на ММФ и на Светската банка, како преговарачите од НБРМ рамноправно се носеа со нив бидејќи ги имаа истите семинари како и нив.
Трета работа на која сум посебно горд е Нумизматичкиот музеј кој, и покрај сите отпори што ги имав и во НБРМ  и надвор во институциите, успеавме да го направиме. Посебно ми е задоволство што за Музејот врвни нумизматички стручњаци имаат напишано и објавено во стручни списанија дека е тоа еден од најубавите нумизматички музеи во Европа и во светот. Но, уште поважно е што со неговото формирање успеавме да спасиме десетици илјади вредни монети, национално богатство, да не заврши во странски приватни колекции и музеи, туку да остане во Македонија.

Одржувањето на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото, претходно германската марка, на јавно прокламираното таргетирано ниво, е столбот на кој се потпира монетарната политика во нашава земја веќе долга низа години. Одвреме-навреме се јавуваат критичари на ваквата монетарна стратегија кои, сепак, не нудат аналитичка основа за критиката. Какво е Вашето видување за монетарната стратегија што се применува? 

Љ. Трпески: Монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс, која НБРМ  ја применува од октомври 1995 година наваму, даде извонредни резултати. Прашањето што се поставува е до кога таа стратегија ќе се применува и дали НБРМ  има излезна стратегија. Колку што знам, определбата на сегашното раководство на НБРМ  е да не се менува стратегијата сѐ додека курсот е реален. Што вели науката? Мнозинството релевантни научници сметаат дека оваа стратегија откако ќе се постигнат посакуваните резултати на ценовна стабилност да се замени со друга стратегија затоа што ако долго време се применува го задушува стопанството. Јас во повеќе наврати во изминативе години имам пишувано и предлагано НБРМ  да се подготвува за премин кон монетарна стратегија на таргетирање на инфлацијата и раководен флуктуирачки курс, но засега сум осамен. Постојната стратегија сѐ уште дава резултати, но факт е дека со неа се лишуваме од еден моќен инструмент за поттикнување на извозот. А таков поттик ни е насушно потребен.

Интересни се и глобалните монетарни случувања. Во годините по глобалната финансиска криза во 2008 година, ФЕД, Американската централна банка, и ЕЦБ, Европската централна банка, водеа монетарна политика насочена во истата насока. Но, од минатата година тие се движат во различна насока. Како гледате на ова? 

Љ. Трпески: Главна причина за тоа се дивергентните трендови на економско закрепнување во САД и во ЕУ. Поради повеќе фактори економијата на САД заздравува и има нагорни трендови. ФЕД ја запре експанзивната монетарна политика и почна да ги подига каматните стапки. Од друга страна, проблемите со кои се соочува ЕУ, како што се Брегзитот или имиграциската криза, потоа внатрешните несогласувања какви реформи треба да се преземат за излез од кризата, ја пролонгира примената на експанзивна монетарна политика проследена со негативни каматни стапки. Но, овие неконвенционални политики не можат да траат во недоглед и ако политичарите не постигнат согласност за потребните реформи во ЕУ, проблемите не само што нема да се разрешат туку и сѐ повеќе ќе се заоструваат.

Постои ли опасност од инфлаторна закана од пренапумпаните биланси на состојба на централните банки во развиените земји по водењето релаксирана монетарна политика во последниве десетина години?

Љ. Трпески: Иако малопродажните цени на производите и на услугите за широка потрошувачка не се во пораст каков што би се очекувал со оглед на магнитудата на монетарната експанзија, сведоци сме на зголемени инфлаторни појави во одредени сегменти на економијата, како на пример глобалниот пораст на берзанските индекси, пазарите на недвижностите, како и пораст на цените на инфраструктурните услуги. Само прашање на време е кога последователниот ефект на овие појави ќе се пренесе и на порастот на цените на производите за секојдневна потрошувачка. Од друга страна, процесот е малку забавен поради големиот пад на цената на нафтата и енергенсите и нивното пролонгирано одржување на ниско ниво што го забавува зголемувањето на цените. Пренапумпаните биланси се голем проблем и одложувањето на нивното решавање само ги зголемува проблемите и ги прави потешки за разрешување. За жал, не постојат лесни и безболни решенија. Она што мене посебно ме загрижува е што ЕЦБ и некои други централни банки ги намалија критериумите за откуп на хартии од вредност и ова според мене се опасни преседани на интервенција на централните банки со нејасна и нетестирана стратегија и начин за излез од овие инвестиции и нивно пласирање на пазарот.

Еден од модерните феномени во светот на парите е појавата на биткоинот. Што е според Вас заднината на неговата појава?

Љ. Трпески: Појавата на биткоинот како концепт е револуционерна иновација која стана возможна со сегашното ниво на развојот на глобалната комуникациска поврзаност и капацитет на компјутерската технологија и мислам дека значењето на биткоинот и генерално технологиите базирани на т.н. „block-chain” концептот допрва ќе стануваат дел од секојдневието. 

Иако самата технологија и секојдневната практична примена сѐ уште се во многу рана фаза, со многу отворени и нерешени прашања од практична и функционална природа, сведоци сме дека сѐ поголем број на влади и на централни банки, свесни за реалноста, вложуваат ресурси во разбирање на технологијата и проучување на можностите за нејзината примена. Мислам дека Владата и Народната банка, наместо да забрануваат нешто што ќе биде неминовна реалност, подобро е да се фокусираат на развивање на технологијата со цел нејзина потенцијална имплементација.

Во некои земји се зборува и за укинување на готовите пари и претворање на општествата во безготовински општества. Можно ли е да очекуваме такво нешто? Таквиот потег, на пример, дефинитивно би ја елиминирал сивата економија.

Љ. Трпески: Точно е дека со појавата на информациската револуција готовите пари посебно во развиените земји сѐ помалку се користат, а до израз доаѓаат платежните картички и електронските трансфери. Но, сивата економија не постои само поради големата употреба во плаќањата со готови пари. Во нашава земја на ова ниво на развој на кој сме ќе протече уште многу вода низ Вардар додека ние успееме учеството на готовите пари во паричната маса да го сведеме од педесетина посто на помалку од десет посто како што е во најразвиените земји во светот.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано