Општество
ГЕРТРУДА БЕЛ - ЖЕНАТА КОЈА БУКВАЛНО ГИ ПОМЕСТИ ГРАНИЦИТЕ
Нина Дечева
ученик во НОВА Меѓународни училишта
Во последно време најневралгична точка на планетава се земјите од Блискиот Исток, како на пример Сирија и Ирак, каде што се водеа тешки војни со многубројни жртви. Ирак често е асоциран со Садам Хусеин. Но, какви биле почетоците на оваа држава; како воопшто биле создадени нејзините граници? Можно ли е една Англичанка која патем била против борбата за женското право на глас, со изговор дека жените уште не биле доволно едуцирани да прават политички одлуки, да има таква сериозна привилегија и да ги дефинира границите на една држава?
Гертруда Бел е родена на 14 јули 1868 година во Дурам, Англија. Нејзиниот дедо бил член на Парламентот и работел заедно со тогашниот британски премиер Дизраели. Тој бил нејзината прва допирна точка со политиката. Во нејзиното време, што сè уште може да се смета за викторијанското доба во Англија, општествените норми ги лишиле жените од формална едукација и мнозинството универзитети не примале жени. Сепак, нејзината фамилија многу ја поддржувала Бел во нејзиното развивање како личност и затоа таа отишла да студира историја на Оксфорд, и воедно била првата жена која ги завршила тие студии со најголеми почести. Откако го завршила своето образование научила персиски, а подоцна и арапски јазик и отишла да го посети својот вујко кој работел како британски офицер во Техеран, Иран. На ова патување таа за првпат се заинтересирала за средноисточната култура. Во годините до почетокот на Првата светска војна, Гертруда Бел се фокусирала на планинарење, на патување, на пишување и на археологијата.

Фотографија со учесниците на конференцијата во Каиро во 1921 година. Гертруда Бел е единствената жена учесник
За време на Првата светска војна, кога Отоманската Империја ја зазела областа која го претставува денешен Ирак, Британците правеле планови како да ја вратат назад територијата и да ги истераат отоманските власти. Тие создале операција во која ги викнале Т. Е. Лоренс, попознат како Лоренс од Арабија, Гертруда Бел и други британски археолози на служба во Каиро. Арапите конечно почнале да се борат против турската окупација откако биле убедени дека на крајот ќе ја добијат својата слобода. Гертруда сакала да им помогне на Арапите и го напишала делото „Самоодлучност на Месопотамија“ кое било дискутирано на Париската мировна конференција во 1919 година. Наредната година на Британците им бил даден мандат од страна на Друштвото на народите, кој им овозможувал Ирак да им биде колонија, иако самата држава требала да биде независна. Не многу подоцна британскиот премиер Винстон Черчил свикал конференција во Каиро на која учествувала и Бел, која истовремено била и единствената жена присутна таму.
Во периодот по Втората светска војна, Гертруда Бел ја имала улогата да ја среди ситуацијата на Блискиот Исток. Таа поминала многу време одлучувајќи и цртајќи ги новите граници на Ирак кои се сè уште останати исти и во денешно време. Бел исто така успешно помогнала претходно избраниот Фејсал I (Faisal I) да стане монарх на Ирак. Таа решила да остане во Багдад со цел да го основа арехеолошкиот музеј таму. Била назначена за позицијата директор на антиквитети од страна на новиот монарх, и ги посветила последните години од својот живот на развојот на музејот. Како резултат на нејзиниот труд Археолошкиот музеј во Багдад ја поседувал најголемата колекција на месопотамски артефакти во светот, сè до 2003 година, кога САД извршија окупација на Ирак. Бел починала во Багдад во 1926 година поради предозирање со апчиња за спиење.
Гертруда Бел била многу трудољубива и образована жена која многу вешто направила компромис меѓу Британците и Арапите така што на крајот сите биле задоволни. Откако ѝ се развил интересот за Блискиот Исток, таа се грижела за локалното население кое живеело во тие предели. За возврат, таа исто така била обожувана од страна на арапскиот народ. Во Ирак била позната како „Khatun“ што значи „дама од почит“; атрибут кој го добила особено поради фактот што е жена. Доста други атрибути се поврзани со неа, а „кралица на пустината“ и „женскиот Лоренс од Арабија“ се само некои од нив. Во период кога во Британија не можело да се замисли да ѝ се даде дозвола на една жена да се едуцира, а не пак и да има пристојна работа, Бел била активно вклучена во политиките на својата држава и била способна да донесе одлуки чии исходи сè уште ги чувствуваме денес. Во тоа е нејзината величина.