Финансии / Банкарство

БОГАТИ И СИРОМАШНИ: НЕ Е СÈ ВО БДП

Горан Петревски

Кога се зборува за тоа која земја е богата, а која сиромашна, како вообичаена мера се применува бруто домашниот производ, економска категорија кога скратено треба да се изговара БДП, а не „џи ди пи“ како што милуваат голем дел од македонските економисти и новинари. Предноста на БДП е во тоа што претставува збирен показател на економската активност во земјата во текот на еден период, односно приближно точно ја одразува вредноста на сите производи и услуги што ги произвела една економија. Се разбира, економистите одамна знаат дека БДП никако не претставува прецизна, а уште помалку идеална мера на економската активност поради проблемите поврзани со домашното производство, сивата економија, непазарните услуги итн. Сепак, во оваа статија ќе стане збор за еден друг недостаток на овој показател – мерењето на економската благосостојба на луѓето.

На пример, очигледен недостаток на БДП е тоа што не е заснован врз еден од основните концепти во микроекономијата – ползата на поединецот, која горе-долу се состои од два елемента: потрошувачката и слободното време. Според овој темелен економски концепт, човекот живее подобро ако троши повеќе производи и услуги и ако има повеќе слободно време. Во однос на првото, веројатно многумина не би се согласиле со ставот дека поголема потрошувачка значи подобар живот, но за економистите претставува очигледен факт дека е подобро ако имате три кошули отколку една или дека е подобро да имате автомобил отколку да немате. Во однос на второто нема сомнение дека за човекот е подобро ако има повеќе слободно време во кое може да се посвети на себе или на своите блиски.

Во секој случај, економската теорија вели дека благосостојбата на луѓето треба да се мери преку количеството на потрошените производи и на слободното време на поединците, а не преку вкупното количество производи што ги создава економијата. На пример, БДП во себе ги вклучува инвестициите кои, навистина, создаваат услови за поголемо производство во иднина, меѓутоа значат помала потрошувачка денес. Со други зборови, инвестициите значат откажување од потрошувачка со што директно ја намалуваат денешната благосостојба на луѓето. Исто така БДП воопшто не води сметка за слободното време на луѓето, кое се добива така што тие ќе поминат помалку време во производството на производи и услуги. Во продолжение, БДП во себе не вклучува и неколку други многу важни елементи на економската благосостојба како што се: распределбата на производите меѓу поединците (нееднаквоста), смртноста, т. е. животниот век на луѓето, смртноста на новороденчињата, степенот на криминал, квалитетот на животната средина итн.

Поради сето ова, со текот на времето, економистите настојувале да изнајдат други показатели на животниот стандард и на квалитетот на животот како што се: индексот на човековиот равој, индексот на среќата итн. Минатата година двајца економисти од Универзитетот Станфорд, Чарлс Џонс и Питер Кленоу,[i] предложија нов начин на мерење на економската благосостојба заснована токму врз микроекономската функција на ползата (utility function) како комбинација на личната потрошувачка, слободното време, смртноста (очекуваниот животен век) и нееднаквоста во потрошувачката и во слободното време. Притоа, врз основа на податоци земени од анкетите на домаќинствата во 13 земји, како и врз основа на макроекономски податоци за повеќе земји, тие прават споредба меѓу традиционалната (БДП) и новата мера на благосостојбата при што доаѓаат до неколку интересни сознанија:

1. Во основа, БДП по жител е добар показател на животниот стандард кога се прават споредби меѓу земјите. Поинаку кажано, богатите земји се богати, а сиромашните земји се сиромашни независно дали благосостојбата се мери со помош на БДП или на некој друг, алтернативен начин.

2. Меѓутоа, БДП дава искривена слика на вистинската благосостојба на луѓето во една земја, а тоа се одразува и на меѓународните споредби меѓу земјите. Така авторите пресметуваат дека животниот стандард во развиените земји од Западна Европа е многу поблизок до оној во САД отколку што може да се заклучи само врз основа на БДП. На пример, БДП по жител во Британија изнесува само 75 % од aмериканскиот, а во Франција само 67 %, што сугерира дека луѓето во овие земји се прилично посиромашни од Американците. Но, благодарение на повисокиот животен век, поголемото слободно време и пониското ниво на нееднаквост, економската благосостојба во овие земји изнесува 97 % и 92 % од онаа во САД.

3. Од друга страна, токму овие дополнителни показатели прават економската благосостојба во земјите во развој (Јужна Азија, Кина, Африка и Латинска Америка) да биде уште пониска, што значи дека БДП го преценува животниот стандард во овие земји. Така, во многу земји новата мера на благосостојбата е пониска за 25 до 50 % во споредба со нивото на БДП по жител, а кај некои земји разликите се драстични. На пример, мерено според БДП по жител, Сингапур е побогат од САД за 17 %, но според овој начин на мерење благосостојбата на неговите жители изнесува само 57 % од нивото во САД! Сличен пример е Јужна Кореја чиј БДП по жител изнесува 58 % од оној на САД, но благосостојбата е прилично пониска – само 45 %. Рускиот БДП изнесува 37 % од американскиот, но Русите уживаат многу пониска благосостојба – само 20 % од онаа на Американците. Притоа благосостојбата во неразвиените земји е ниска претежно поради високата стапка на смртност (нискиот животен век) и поради екстремната нееднаквост. На пример, споменатата разлика во Јужна Африка се должи на нискиот животен век од околу 60 години како последица на многубројните заболени од СИДА. Од друга страна, високата нееднаквост во потрошувачката ја намалува благосостојбата во Бразил за 20 %, а во Јужна Африка за 30 %. Драстичен пример за тоа како нееднаквоста ја намалува благосостојбата се арапските земји-извознички на нафта, кои имаат многу поголем БДП по жител од САД, но економската благосостојба е за половина пониска! Најпосле, како дополнителен фактор за ниската благосостојба се јавува и ниското учество на потрошувачката во доходот (на пример во Норвешка). Овде ќе потсетиме дека економската теорија вели дека благосостојбата на човекот зависи токму од потрошувачката, а не од доходот.

4. Најпосле, новиот начин на мерење на економската благосостојба ја менува и вообичаената слика за стопанскиот растеж кој во многу земји е повисок за еден процентен поен во споредба со стапката на растеж на БДП. Но, од друга страна, ако растежот се мери според благосостојбата наместо според БДП, многу брзорастечки економии (Сингапур, Хонг Конг, Кина, Ирска итн.) би имале понизок растеж за еден процентен поен. Понискиот растеж на благосостојбата во овие земји се должи на фактот дека нивниот растеж се темели врз повисоки стапки на инвестиции и врз поголем број работни часови. Сето тоа се одразува во повисоки стапки на растеж на БДП, но за сметка на намалување на слободното време и на потрошувачката, што пак влијае на намалување на благосостојбата. Се разбира, овие разлики во стапките на растеж понатаму имаат долгорочни последици зашто ако стапката на растеж изнесува 3 % наместо 2 % годишно, животниот стандард би се удвоил за 24 години наместо за 36 години, односно во периодот од еден век животниот стандард би се зголемил за 20 пати наместо седумкратно.

Како илустрација, Џонс и Кленоу ги споредуваат Франција и САД. Мерено според БДП, Франција е посиромашна од САД за една третина, т. е. францускиот БДП по жител изнесува само 67 % од американскиот. Ако благосостојбата ја мериме само според потрошувачката, тогаш испаѓа дека Французите живеат уште посиромашно од Американците зашто нивната потрошувачка по жител изнесува само 60 % од онаа во САД, дури и кога кон приватната потрошувачка ќе се додаде владината потрошувачка. Меѓутоа, наспроти тоа, Французите живеат подобар живот набљудувано според другите показатели: нивниот очекуван животен век е 80 години наспроти 77 години во САД; тие имаат далеку повеќе слободно време зашто Американците работат дури 877 часа годишно наспроти 535 часа во Франција; исто така потрошувачката е порамномерно распоредена во Франција отколку во САД каде што, во просек, луѓето трошат повеќе, меѓутоа некои луѓе трошат многу, а другите трошат многу помалку. Оттука, според новиот показател, благодарение на поголемото слободно време, повисокиот животен век и поголемата еднаквост благосостојбата по жител во Франција изнесува дури 92 % од онаа во САД за разлика од оние 67 % мерено според БДП. Со други зборови, мерено според БДП, Французите се прилично посиромашни од Французите, но според новата мера, нивниот животен стандард е малку понизок од оној на Американците.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано