Финансии / Банкарство

Глигор Бишев: ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД ЗАВИСАТ ОД ФАКТОРИТЕ НА ПОНУДАТА

Глигор Бишев

Што мислите дека треба да остане непроменето од економските политики на претходната Влада?
Кои се клучните економски потези што треба да ги направи новата Влада?


Од осамостојувањето на Република Македонија се изгради консензус дека макроекономската стабилност е најдобар амбиент за алокација на средствата и економскиот раст. За мала економија како македонската, изложена на голем број шокови, фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото успешно ја реализираше оваа функција: обезбедуваше долгорочно одржлив раст и ефикасно се справуваше со шоковите. Сметам дека овој модел на обезбедување макроекономска стабилност треба да продолжи и во иднина.

Малите економии мораат да бидат интегрирани бидејќи не можат да го движат растот само врз основа на домашната потрошувачка. Формалната интеграција на економијата: креирање или пристапување кон одредени економски блокови, пример кон Европската Унија, ја реализира политичкиот дел на Владата. Меѓутоа, суштинската, де факто интеграцијата ја прават економскиот дел на Владата и приватниот сектор преку зголемување на конкурентноста на македонската економија. Гледано од тој аспект, за Македонија, како мала и отворена економија, со договори за слободна трговија со ЕУ и со голем број други земји, побарувачката и домашниот пазар не се ограничувачки фактори на економскиот раст. Единствен фактор од кој зависат економскиот раст и животниот стандард се факторите на понудата: квалитетот на стоките и услугите, дизајнот, инвестициите, квалитетот на работната сила, иновациите, пристапот до странските пазари (инфраструктурата, царинскиот систем), зголемување на продуктивноста, ефикасноста на институциите, вредносниот систем во економијата, пристапот до финансиски средства, учеството на трошоците на државната администрација во цената на стоките и услугите и сл.

Тоа се фактори што не се менуваат преку ноќ, ниту пак може да ги реализира Владата сама. Ќе треба да ги зголемиме ефикасноста и конкурентноста на економијата во целина. Тоа е натпревар што ја игра целата нација, секој граѓанин на Македонија. Клучно е Владата да ги идентификува предностите и слабостите што ги има македонската економија во погореспоменатите сегменти и со соодветни мерки да го мотивира и да го координира напорот на секој поединец, на приватниот сектор кон реструктурирање и зголемување на ефикасноста и на конкурентноста. Притоа Владата ќе треба најмногу да биде фокусирана на зголемување на ефикасноста на јавниот сектор и државната администрација, јакнење на институциите, ефикасен и едноставен царински и даночен систем, ефикасна инфраструктура и градење на вредносен систем на почитување на приватната сопственост бидејќи таа единствено создава работни места, економски раст и го зголемува животниот стандард.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано