Финансии / Банкарство
Владимир Ефтимоски: ЗАТВОРАЊЕ И СТЕГАЊЕ НА ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ БИДАТ ПОГРЕШНИ ПОЛИТИКИ
Владимир Ефтимоски
Претседател на УО на Стопанска банка ад Битола
Што мислите дека треба да остане непроменето од економските политики на претходната Влада?
Кои се клучните економски потези што треба да ги направи новата Влада?
Во изминатава деценија бевме сведоци на турбулентни промени при што дел од нив се одразија позитивно, но дел и негативно врз економијата во земјава. Македонската економија беше под константно влијание на глобалната економска криза. Добро е што за целиот тој период стимулирањето на домашниот економски раст даде позитивни ефекти. Но, дел од тие мерки придонесоа и за зголемување на долгот на државава, што не треба да биде проблем ако не е резултат на финансирање непродуктивни инвестиции кои не креираат додадена вредност и нови вработувања.
Затоа доколку Македонија сака да го задржи трендот на постојан економски раст, што пак е задолжително и тоа во насока на остварување уште поголеми стапки на раст, мора да се задржат мерките за стимулирање на инвестициите. Треба да се поддржи политиката на зголемување на инвестициите во приватниот сектор. Особено треба да се засилат и поддржат капиталните инвестиции кои ќе генериират зголемување на бруто домашниот производ и отворање нови работни места. Без инвестиции и технолошки развој, Македонија ќе остане неконкурентна во регионалната и глобалната пазарна трка.
Потребно е стимулирање на економскиот раст и развој бидејќи никако не смее да се дозволи стагнација и нова неизвесност. За таа цел треба да има максимална рестрикција на државните непродуктивни трошења и максимална поддршка на државните капитални продуктивни инвестиции за што треба да се искористат кредитните линии на меѓународните финансиски институции. Во последниве три години приватниот сектор максимално се пасивизираше во однос на вложувањето во нови проекти. Треба повторно да се разбуди со нови стимулативни мерки. Владата не смее да носи мерки кои ќе ги дестимулираат и обесхрабруваат одлуките за нови инвестиции без разлика дали доаѓаат од надвор или од домашните компании.Затворање и стегање на економијата ќе бидат погрешни политики.