Интервјуа
Павле Гацов: РИГИДНОТО БУЏЕТСКО ШТЕДЕЊЕ НЕ Е РАЗУМНА ОПЦИЈА
Павле Гацов
Сопственик и управител на Агенцијата „Про Агенс“
Павле Гацов го знам повеќе од три децении, уште од студентските денови. Тој е од оние луѓе кои никогаш не го креваат гласот, а доколку го прашате за сметководствен или даночен совет, влева доверба и не одите да прашате некој друг. Со него разговараме за јавните финансии во земјава, за економските политики, за тоа што треба да се направи во овие области. Гацов е од оние кои малку зборуваат, а многу кажуваат.
Да започнеме со јавните финансии, веројатно најактуелната економска тема во Република Македонија веќе подолг период. Која е Вашата генерална оценка за тековната состојба?
П. Гацов: За разлика од корпоративните и персоналните финансии, јавните финансии го овозможуваат функционирањето на државата преку механизмот на прибирање на јавните приходи и нивно трошење. Редовното прибирање на изворите на финансирање и трошењето на прибраните финансиски средства во согласност со планираните државни приоритети е главна задача што треба да се оствари преку управување со јавните финансии. Тоа е работа на Владата и на Министерството за финансии како нејзин агент, затоа и јавните финансии се всушност владини финансии.
Темата за јавните финансии секогаш се актуелизира во услови на дефицити и на задолжувања, а интересот на јавноста за државните финансии се засилува во услови на промена на власта. Тогаш економските субјекти и граѓаните отвораат дискусии најчесто насочени кон оправданоста на трошењата, односно кон расходниот дел од јавните финансии. Се бара рационализација на трошењата и економска оправданост за направените и најавените инвестиции. Приходниот дел од јавните финансии станува интересен за јавноста заради најавите за можно зголемување на фискалниот товар.
Актуелното дефицитно финансирање е долготрајна состојба која не може брзо да се промени во македонски услови без да се предизвикаат сериозни негативни импликации врз функциите на државата. На пример, ригидните мерки на штедење што би се применувале по секоја цена ќе предизвикаат дисторзии во системот. Тоа во моментов не е разумна опција.
Да заклучиме – владата се смени, но состојбата со јавните финансии – не. Промената допрва треба да следува, овој пат како комплексен процес за заздравување на јавните финансии, а не со палијативни решенија.
Кога ќе погледнете наназад, што би покажала една објективна стручна оценка, што е она што во изминативе десетина години претходната влада успеа, а што не успеа да го направи кај јавните финансии?
П. Гацов: Континуитетот во јавните финансии е важен услов за доброто функционирање на државата. Секоја нова влада ги продолжува јавните финансии на „остатоците“ од старата. Дефицитите стануваат нејзин проблем, впрочем рековме дека јавните се всушност владини финансии.
Водењето на јавните финансии старата влада го правеше прилично успешно во првите неколку години од владеењето. На рака ѝ одеа позитивните движења во европската и светската економија, релативно добрата состојба со тогашните јавни финансии, добриот економски раст, но и преземените реформски политики. Ваквите констелации влијаеа на намалување на дефицитите и консеквентно на намалување на јавниот долг. Затечениот суфицит паметно беше искористен за раздолжувања и отстранување на екстерните влијанија врз водењето на автономна економска политика. За жал, ваквата слобода подоцна беше користена премногу волунтаристички.
Веројатно очекувајќи продолжување на позитивниот тренд следуваше период на зголемено трошење кое, за жал, не се темелеше на поголеми буџетски приходи, односно на подобрување на економската состојба на државата, туку на зголемување на задолжувањето. Долговите се правдаа со ниската цена на задолжувањето во услови на поволна финансиска конјуктура дома и надвор. Во насока на правдање на ваквите политики се вршеа споредувања преку индикаторите на задолженост со држави кои можат заради силината на своите економии да се „носат“ со состојбите на висока задолженост. Опиумот на финансирањето со долгови продолжи под влошени услови и со високи цени (камати).
Заради ваквото интуитивно, а не економетриско водење на јавните финансии, старата влада не се ни обиде да воспостави процедури и правила за водење на финансиите како брана од волунтаризмот на поединци од највисоките позиции во јавните финансии. Дополнително на ова и нетранспарентноста ја засилуваше перцепцијата дека се троши без мерка и неоправдано за сметка на зголемувањето на јавниот долг.

НЕ СУМ ПРОТИВНИК НА ПРОГРЕСИВНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ. СМЕТАМ ДЕКА ФЕР ПРИСТАП Е ПОБОГАТИТЕ ДА ДАДАТ МАЛКУ ПОВЕЌЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ПОТРЕБИ. НА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ПРОГРЕСИВНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ ИМ ПРЕДЛАГАМ УШТЕ „ПОРАМЕН ДАНОК“ ОД 5 %, НО ТОГАШ ДА ПРЕСТАНАТ ОПРАВДАНИТЕ КРИТИКИ ЗА ЛОШИТЕ ЈАВНИ УСЛУГИ, КРПЕНИТЕ ПАТИШТА, ЛОШОТО ЗДРАВСТВО...
Од неодамна Македонија има нова Влада. Кои се, според Вас, најважните три приоритети за новата Влада во поглед на јавните финансии?
П. Гацов: Во рапортна форма кажано, според мене, приоритетите се следни: а) започнување на процесот на консолидација на јавните финансии како среднорочен процес, б) замена на системот на финансиско известување на буџетските корисници на готовинска основа со систем на финансиско известување на пресметковна основа и в) воспоставување на систем на буџетско планирање темелено на висината на реално остварливите буџетски приходи за сметка на списокот на желби кој секогаш завршува со потфрлање на планираните капитални расходи.
Кој од овие приоритети е остварлив на краток рок, а за кој е потребно подолго време?
П. Гацов: По скенирањето на состојбата и утврдувањето на реалните обврски на државата кон компаниите и финансиерите на Владата, домашни и странски, најитна е потребата од ребаланс на Буџетот за 2017 година. Буџетот е алатка за спроведување на владините политики, а овој Буџет го предложи старата влада. За брзиот ребаланс е потребно и менување на сет на закони кои се однесуваат, пред сѐ, на остварувањето на даночните приходи како важен сегмент на јавните финансии, но и на сет на закони поврзани со реализацијата на Буџетот. За познавачите нема дилеми дека е потребно извесно зголемување на јавните приходи во наредниот период. Имено, индикаторот даночни приходи во однос на БДП кај нас е пренизок. Одвај надминува една третина, додека за Словенија на пример овој индикатор е преку 50 %.
Веднаш потоа треба да започне процесот на утврдување на Буџетот за 2018 година кој ќе биде всушност прв буџет кој целосно ќе го креира новата Влада и кој ќе претставува израз на сите владини политики темелени на владината програма.
Владата мора да утврди политики, процедури и индикатори кои ќе го оневозможат волунтаризмот во водењето на јавните финансии. Да се отвори процес на зголемување на јавните приходи, пред сѐ преку намалување на сивата економија преку разни афирмативни мерки и алатки, но и со соодветни репресивни политики за оние кои нема да ги почитуваат прописите. Да се редефинираат приоритетите на расходите, во функција на зголемување на ставката за капитални расходи, поддршка на најсиромашните слоеви од населението итн.
Да се осврнеме и на некои конкретни прашања. Новата Влада најавува напуштање на досегашниот концепт на рамен данок и воведување на прогресивен данок. Каков е Вашиот став за тоа?
П. Гацов: Не сум противник на прогресивното оданочување. Сметам дека фер пристап е побогатите да дадат малку повеќе за финансирањето на јавните потреби. На противниците на прогресивното оданочување им предлагам уште „порамен данок“ од 5 %, но тогаш да престанат оправданите критики за лошите јавни услуги, крпените патишта, лошото здравство... По оваа логика најдобрата опција е воведување даноци на доход со стапка НУЛА проценти за сметка на руинираните функции на државата. Се разбира дека за разумни луѓе ова не претставува сериозна опција.
Рамниот данок го применуваме од 2007 година, но досега не беа евалуирани неговите постигнувања. Тој не придонесе за побрз развој на економијата, тоа е факт, како што е факт дека неговите благодети ги почувствуваа богатите и главно бизнисмените.
Профитите на компаниите кај нас за првпат имаат поголемо учество од платите во однос на бруто домашниот производ, факт кој не е за голема пофалба имајќи предвид само еден податок – бројноста на субјектите кои ги делат апсолутните износи на овие две различни големини, на една страна армијата работници, а на другата – познат број на сопственици.
Прогресивното оданочување треба да овозможи зголемени приходи во Буџетот, но од друга страна не треба да биде причина за даночна евазија. Затоа границите на прогресијата треба да се постават исклучително внимателно и со сет на други мерки кои ќе ја елиминираат можноста за евазија. Висината на даночните стапки треба последна да се примени врз алтернативен (варијантен) економетриски модел конструиран според структурата на приходите што ги остваруваат македонските даночни обврзници. Значаен дел од граѓаните остваруваат премали приходи за да бидат сериозен извор на издашен даночен облог. Токму нив државата треба да ги заштити.
Кај компаниите и сега се применува режим на прогресивно оданочување. Имено, компаниите со годишен приход до 3 милиони денари не плаќаат данок, оние од 3 до 6 милиони денари имаат право на избор – наместо данок на добивка да плаќаат 1 % данок на годишниот вкупен приход и сите останати компании со приход над 6 милиони денари се обврзници на данокот на добивка. Кај самостојните вршители на дејност прогресивно се утврдени најниските основици за пресметување на социјалните придонеси итн.
Долго време во земјава постои перцепцијата дека даночните стапки се ниски и долго време непроменети. Но, „под радарот“ се случуваа промени кај т.н. парафискални давачки со што сепак се зголемуваше фискалниот товар за фирмите. Објаснете го тоа.
П. Гацов: Фискалните давачки се само еден сегмент од вкупните давачки кои го товарат бизнисот. Преку формата на разни регулаторни тела кои главно беа продолжена рака на Владата се воведуваа разни тарифни давачки кои ја имобилизираа економијата. Малата армија на бирократи во овие тела за да го оправдаат своето постоење измислуваа „топла вода“ за која главно требаше да се плати во форма на лиценци, на тарифни надоместоци, на акредитации и сл. И притоа исплатуваа надоместоци на членовите во своите одбори, главно партиски војници, од кои глава боли.
Давачки за влез, за прегледи и за резервни фискални каси за кои не постоеше реално потреба, за лектори и за разни задолжителни акредитации, за комори, за адвокати, за нотари, за извршители, ... без мерка.
Новата власт треба многу брзо да направи регистар на сите парафискални давачки, одбори, комисии, совети, институти и слични тела, и едно по едно, со исклучок само на неопходните, да ги укинува притоа внимателно контролирајќи го нивното минато финансиско работење и евентуалните злоупотреби. На економските субјекти им треба слобода. Со парафискалните намети слободата се задушува, се оневозможува конкуренцијата, се затвора пазарот – сите се губитници за сметка на групата „заслужни“ за кои одработуваат сите економски субјекти.

НОВАТА ВЛАСТ ТРЕБА МНОГУ БРЗО ДА НАПРАВИ РЕГИСТАР НА СИТЕ ПАРАФИСКАЛНИ ДАВАЧКИ, ОДБОРИ, КОМИСИИ, СОВЕТИ, ИНСТИТУТИ И СЛИЧНИ ТЕЛА, И ЕДНО ПО ЕДНО, СО ИСКЛУЧОК САМО НА НЕОПХОДНИТЕ, ДА ГИ УКИНУВА ПРИТОА ВНИМАТЕЛНО КОНТРОЛИРАЈЌИ ГО НИВНОТО МИНАТО ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ И ЕВЕНТУАЛНИТЕ ЗЛОУПОТРЕБИ
Сега многу се зборува за најавата за зголемување на минималната плата. Каква е Вашата оценка за таа најава? Дали мислите дека зголемувањето на минималната плата потоа верижно ќе ги зголеми и сите други плати?
П. Гацов: Зголемувањето на минималната плата ќе има позитивно влијание во економијата во делот на зголемувањето на потрошувачката, но од друга страна ќе го зголеми товарот за компаниите што пак треба да биде амортизирано со владини мерки. Со оглед дека повеќе од 40 илјади работници земаат минимална плата, што е нешто помалку од 1/10 од вкупниот број на вработени, ефектите ќе се почувствуваат и врз зголемувањето на просечната плата на ниво на државата. Да потсетиме дека во многу анкети младите кои заминуваат во странство висината на платите ја наведуваат како главна причина за барањето работа надвор од земјава.
Зголемувањето на минималната плата треба да биде проследено и со доследно применување на концептот на основна плата утврден со колективните договори според кој основната плата е производ на минималната плата и соодветниот коефициент на сложеност, кој главно зависи од степенот на образование, односно од квалификациите. Треба да следува и ослободување на горната граница за плаќање на социјалните придонеси од плата заедно со сет на мерки што ќе ги затворат можностите за пренасочување на исплатите кон други извори – од добивката, потоа во форма на хонорари и на надоместоци и сл. Паралелно со ваквите мерки е потребно затворање на можностите за законска евазија што ги даваат другите – неданочни закони.
Процесот на зголемување на платата, од една страна, ќе ги зголеми и приходите по основ на персонален данок на доход и социјални придонеси, но од друга страна ќе влијае на намалување на данокот на добивка со оглед дека зголемените трошоци ќе ја намалат добивката на компаниите – плаќачи на овој данок.
Границата на приходи за физички лица со кои се станува ДДВ обврзник е еден милион денари годишно. Каков е Вашиот став во врска со ова?
П. Гацов: Сметам дека ваквото воведување на граѓаните во системот на ДДВ беше погрешно и нетранспарентно водено, со селективна примена. Пренискиот праг за регистрација, најнизок во регионот, ги стави граѓаните онаму кај што не им е местото, во систем кој се однесува на стопански субјекти кои вршат бизнис-активности. Прогресивното оданочување на доходите што ги остваруваат граѓаните ќе создаде услови за редефинирање на нивната позиција во однос на вклучувањето во режимот на данокот на додадена вредност.
Да погледнеме и пошироко кон македонската економија. Што е она што евентуално треба да се менува во водењето на досегашната економска политика? Што би сугерирале Вие?
П. Гацов: Недостасува долгорочна државна стратегија за одржлив економски развој која ќе биде усвоена по широка политичка, експертска и научна дискусија. Стратегијата би ги утврдила приоритетите од типот земјоделие и еколошко производство и/или рудници, електрични капацитети и струја од домашни обновливи извори или увоз на струја, изградба на инфраструктура – патишта и железница, модел на туристички услуги, квалитет на образованието и здравството, фискални таргети, состојба со работната сила и нејзино менување, модел на привлекување на странските директни инвестиции, зачленување во меѓународни асоцијации и организации и сл. Врз основа на ваква стратегија да се утврдат среднорочните цели што треба да ги остварат владите во рамките на мандатот и на своите политики. Да се застане на патот на волунтаризмот и на интуицијата во економијата. Да се свртиме кон економетриското водење на економијата и кон мерење на ефектите од применетите политики.
ПОВЕЌЕ ОД 27 ГОДИНИ СУМ СО СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ. ГИ БРАНЕВ НИВНИТЕ ИНТЕРЕСИ И ПРЕД КОМИСИЈАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ ВО СОБРАНИЕТО НА РМ ВО 2012 ГОДИНА КОГА СЕ ДОНЕСУВАШЕ ЗАКОНОТ. И СЕГА СУМ СО НИВ. ИМЕНО, ТИЕ СЕ И ГЛАВНИТЕ ДАНОЧНИ СОВЕТНИЦИ НА СВОИТЕ КЛИЕНТИ
Вие сте и претседател на ИО на Заедницата на општинските здруженија на сметководители на Град Скопје и претседател на Собранието на Сојузот на сметководители на Република Македонија. Кажете ни нешто повеќе за работата на здружението, неговите планови и предизвици со кои се соочува.
П. Гацов: Заедницата на општинските здруженија на сметководители на Град Скопје и Сојузот на сметководители на РМ работат во согласност со своите програмски цели, финансиска сила и кадровска екипираност. Мојот ангажман е целосно волонтерски. Успеавме да го обновиме редовниот годишен Симпозиум на Сојузот на сметководители на РМ, одржувајќи четиригодишен континуитет во неговото одржување, да ја обновиме соработката со сите асоцијации на сметководителите од државите произлезени од Поранешна Југославија, да ја прошириме соработката со Бугарската асоцијација на ревизори итн. Симпозиумот доби меѓународен димензија со учеството на голем број колеги од странство. Во овој четиригодичен циклус бев претседател на Програмскиот одбор на Симпозиумот, повторно на волонтерска основа.
Во меѓувреме, по барање на овие две асцијации и други заинтересирани страни, беше донесен нов Закон за вршење на сметководствени работи и основан Институт на сметководители и овластени сметководители. Засега работата на овој Институт е посветена кон подобрување на условите за водење бизнис на сметководствените друштва, а помалку на подобрување на позицијата на поединецот во сметководствената професија. Времето што претстои треба да биде искористено во таа насока.
Имате и сопствен бизнис, давате стручни сметководствени совети и организирате советувања за промени во сметководствената регулатива. Како ја проценувате иднината на сметководствената професија?
П. Гацов: Јас сум и претседател на Здружението на даночни советници на Република Македонија и координатор на едно тело во рамките на Управата за јавни приходи, Одбор на даночни обврзници. Бев член и на Комисијата за сметководствени стандарди во рамките на Министерството за финансии, во периодот на нивното прво објавување во Македонија. Повеќе од 27 години сум со сметководителите. Ги бранев нивните интереси и пред Комисијата за финансирање во Собранието на РМ во 2012 година кога се донесуваше Законот. И сега сум со нив. Имено, тие се и главните даночни советници на своите клиенти.
Во иднина ќе се засилува нивната советничка улога за сметка на улогата на евидентичари на деловни настани што ќе ја преземаат софистицираните софтвери. Овој процес е во тек. Времето за престројување започна. Визионерите во професијата што се свесни за ваквиот неодминлив процес имаат шанси да се позиционираат подобро.
Зоран Јовановски