Општество
ЗАХА ХАДИД - Салвадор Дали во архитектурата
Нина Дечева
Ученик во НОВА Меѓународни училишта
Во денешно време границата меѓу „типичната“ машка и женска работа станува сè послаба, иако е сè уште многу далеку од невидлива. Сепак не било секогаш вака како што е сега. До скоро времињата биле потешки, особено во периодот кога Заха Хадид пробувала да се издигне на светската сцена. Денес, повеќе од година по нејзината смрт, може слободно да се заклучи дека таа успеала во тоа и покрај фактот дека била жена која потекнува од Ирак.
Родена во Багдад во 1950 година, Заха Хадид пораснала во многу угледна фамилија каде што татко ѝ Мохамед бил економист и лидер на Прогресивната демократска партија на Ирак (Iraqi Progressive Democratic Party). Тој бил школуван на Лондонската школа за економија и бидејќи сакал и неговите деца да бидат квалитетно едуцирани како него ги испратил неговите двајца синови и Заха да се школуваат во интернат во Англија. Заха уште од млади години знаела дека сака да стане архитект и многу уживала да црта цело детство. Завршила математичка насока на Американскиот универзитет во Бејрут и во 1972 година, на возраст од само 22 години, се преселила во Лондон за да стане член на Архитектонското здружение (Architectural Association). Во 1977 година, кога ја завршила својата обука во здружението, веднаш била поканета да предава таму. Во истиот период работела и во Канцеларијата за градска архитектура (Office of Metropolitan Architecture) на нејзиниот професор и ментор Рем Колхас (Rem Koolhaas).
Во наредните две децении Хадид неуморно пробувала да се пробие со некој значаен проект и учествувала во многубројни натпревари кои би ѝ донеле работа. За жал, и покрај нејзиниот беспрекорен талент и амбиција, нејзините обиди биле безуспешни. Во 1983 година Хадид победила на натпревар за изградба на рекреативен центар во Хонгконг (The Peak Leisure Club). Иако проектот на крај не бил реализиран бидејќи инвеститорите банкротирале, Хадид ја отворила својата фирма „Заха Хадид архитекти“ со парите кои ги заработила со тоа што победила на натпреварот. Дури десет години подоцна, во 1993 година, Хадид ја реализирала својата прва градба – пожарната станица Витра во Германија (Vitra Fire Station). По некое време грубата геометрија на зградата се покажала непрактична за пожарникарите и тие набрзо се отселиле. Сега просторот служи за организирање настани.

Galaxy Soho in Beijing
Во 1995 година Хадид победила на интернационален натпревар за дизајнира ње на оперската куќа во Кардиф, Велс (Opera House), којa целосно го сменила текот на нејзината кариера. На британските политичари не им се допаѓал дизајнот на Хадид и решиле да одржат нов натпревар. Таа повторно победила. На некој начин нејзиниот проект повторно пропаднал со објаснување дека предвидениот фонд повеќе не бил достапен, но Заха ја припишала оваа одлука на предрасудите дека е жена и, згора на тоа, странец. На местото на нејзиниот проект бил изграден Милениумскиот центар (Millennium Centre). Овој настан бил многу контроверзен и скандалозен, доволно за фирмата на Хадид да остане без значителна работа во следните 5 до 6 години.
Долго време по случувањата поврзани со Кардиф, сè до крајот на деведесеттите, Заха Хадид била позната како „архитектка на хартија“ или познатата архитектка која сè уште нема ништо изградено. Во тој период дури и почнала да размислува да се откаже од архитектурата. Својата компанија одвај продолжувала да ја одржува во живот преку приходи кои ги добивала со предавања или од натпревари. Иако целата фамилија безрезервно ја поддржувала, татко ѝ на Заха тогаш сè уште бил инволвиран во политика, па тие не можеле да изнесат пари надвор од Ирак за да ѝ помогнат финансиски. Сепак таа не изгубила надеж и без престан изработувала цртежи за нови, хипотетички проекти кои изгледале многу тешко изводливи главно поради нејзината страшно бујна фантазија.
По кратко време нејзиниот бизнис-партнер, Патрик Шумахер, ја запознал Заха со нова технологија која ѝ помогнала да добие пореалистична репрезентација на нејзините нови идеи, земајќи предвид фактори како гравитацијата, на пример. Така кариерата на Заха Хадид тргнува во вистинската насока.
Многу луѓе кои досега ја имале можноста да соработуваат со Заха ја опишуваат како „комплицирана“. Но, таа всушност се залагала за анализирање и за решавање на одреден проблем наместо правење компромис. Целосно се вложувала во секој проект одделно и преферирала да ја оствари својата лична замисла за тоа како би изгледал одреден простор без да прави многу измени по желбите на нејзините клиенти. Од нив барала да ѝ веруваат и да ѝ ја препуштат работата кога веќе одлучиле да ја одберат неа. Естетиката ја вреднувала повеќе од практичноста. Но, бидејќи сè доаѓа со своја последица, за ваквиот различен начин на однесување Хадид била многу критикувана. Најпрвин на посетителите (особено оние кои се длабоки ентузијасти) во Поречниот музеј во Глазгов (Riverside Museum in Glasgow) не им се допаѓал начинот на кој биле изложени делата, кои виселе од таванот и биле предалеку за блиска анализа. За време на Олимписките игри во 2012 година, во Лондонскиот акватички центар (London Аquatics Centre) имало потреба да се додадат значителен број на столови. Активисти изјавиле дека изградбата на културниот центар Хејдар Алијев во Баку (Heydar Aliyev Cultural Center in Baku) приморала фамилии да се иселат од местото, додека пак со комплексот Галакси Сохо во Пекинг (Galaxy Soho in Beijing) срамнила улички од историска важност. Понатаму нејзиниот дизајн за стадион кој требал да биде изграден за наредните Олимписки игри во Токио беше суспендиран со изговор дека цената за реализација била превисока. За крај, Заха исто така била одговорна за изгледот на еден од главните стадиони кои треба да се градат во Катар за Светскиот куп во 2022 година. Кога го виделе дизајнот голем број критичари прокоментирале дека им наликува на одреден дел од женското тело. Ова најмногу ме насмеа, а уште повеќе нејзиниот одговор на ваквите мислења: „Што сакаат да кажат? Дека сè што има дупка е дел од женското тело? Тоа е апсурдно.“ Меѓутоа, Заха имала развиено теорија од три дела за тоа што е тоа кај неа што предизвикува најголем дел од таквиот бурен критицизам: тоа што е жена, тоа што доаѓа од странство и тоа што има необичен начин на размислување, и сите три се валидни аргументи.

Qatar World Cup Stadium
Сепак, иако била многу критикувана и привлекувала контроверзии со својот изглед и со своите постапки и одлуки, Заха Хадид имала добиено и неколку престижни награди кои биле јавни признанија за нејзиниот талент. Таа ја има добиено наградата Стирлинг на Кралскиот институт на британски архитекти (Royal Institute of British Architects - RIBA) двапати, а во 2016 година, една година пред нејзината смрт, ѝ бил доделен Кралскиот златен медал од страна на институтот, со што станала првата жена која го добила медалот по своја сопствена заслуга. Во 2012 година се здобила со дамство (damehood) од страна на кралицата Елизабета, а исто така била и првата жена која ја добила Прицкер (Pritzker) наградата за архитектура (која е еквивалент на Нобелова награда во архитектурата).
Заха Хадид навистина била невообичаена жена. Таа била силна и не попуштала сè додека не го остварила својот план, и во животот и во работата. Во животот исто така била трпелива и имала многу голема верба во архитектурата. Иако поголемиот дел од нејзината кариера бил многу тежок и мачен, последните петнаесетина години ѝ биле многу продуктивни. Во нејзиниот животен век Заха реализирала околу 13 проекти, но уште педесетина други нацрти остануваат допрва да бидат реализирани. Jас ја гледам Заха Хадид како инспирација за младите жени кои сакаат да успеат како архитектки. Таа е перфектниот човек на кого можат да се угледаат бидејќи нејзината приказна покажува дека патот до успехот и славата не е лесен и дека треба да се биде многу мотивиран и издржлив во ситуации кога мора да се функционира под голем притисок. Исто така таа е доказ дека една обична жена која е и муслиманка може да се пробие во професија во која генерално доминираат европски мажи и да стане најдобрата женска архитектка која ја има слободата да ги остварува своите фантазии секогаш кога за тоа ќе добие можност.