Општество
ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА КАКО ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ЕКОТУРИЗАМ
Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор
Екотуризмот – инструмент за постигнување одржлив развој
Екотуризам како термин првпат го употребил мексиканскиот екологист Хецер (Hetzer) дефинирајќи ги во 1965 година четирите основни компоненти. Според него екотуризмот треба да има минимален одраз врз природата, минимален одраз и максимална добивка за културата со максимален економски бенефит за локалната заедница – која ги прифаќа туристите на нивно задоволство и релаксација. Екотуризмот како концепт е воведен во 60-тите години, дискутиран од страна на еколозите во 70-тите години, прифатен од истражувачите од областа на туризмот во 80-тите години, сметан како сегмент кој има големи потенцијали и бележи брз развој од 90-тите години, а денес се развива со голема брзина генерирајќи сѐ поголем број патувања на светската мапа.
Препознавајќи ги потенцијалите на оваа форма на туризам, Светската туристичка организација (UNWTO) ја прогласи 2002 година за меѓународна година на екотуризмот со можност за колективно дејствување, учество на сите заинтересирани страни за начинот како треба да се развива, да се менаџира, да се регулира и да се надгледува за да придонесе за одржлив развој на заедницата.
Неодамна по покана на Амбасадата на Франција Македонија ја посетија двајца експерти за локален развој од Франција, менаџери на невладината организација Тетрактис – успешна, интернационална кооперација за хармоничен и одржлив развој на териториите со почит кон локалната култура и животна средина.
Разговарам со господинот Рафаел Трује, директор на асоцијацијата.
ТЕТРАКТИС – ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ ЕКСПЕРТИ ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Кои се Вашите заклучоци од престојот во Македонија? Каква е актуелната состојба и каков е потенцијалот на местата кои ги посетивте?
Амбасадата на Франција во Македонија ја покани Тетрактис да оствари мисија на дијагонстицирање на потенцијалите за развој на рурален туризам. Оваа кратка мисија ни овозможи да се запознаеме со неколку интересни луѓе на прекрасни места во западниот дел на Македонија – Скопје, Нациналниот парк „Шара“, Националниот парк „Маврово“, езерото Преспа и Битола. Оттука произлезе идејата да се осмисли еден пилот-проект кој би ги канализирал иницијативите за туристички развој на западниот дел на Македонија, но исто така и еден проект за вреднување на локалитетите на подземните води (конзервација, уредување и промоција на пештерите).
Дали сметате дека би постоел интерес за Македонија како дестинација за екотуризам?
Секако. Македонија располага со сите адути да стане земја на екотуризам. Природното опкружување е сѐ уште сочувано, бројните национални паркови, планините, езерата, реките, шумите, пештерите, кањоните – сето тоа се места кои можат да се развијат во туристички активности. Македонија била под влијание на многу култури и се смета за лулка на православието и на словенската писменост. Ова културно наследство е исто така еден од основните чинители за развој на одржлив туризам. Целиот влог за Македонија во годините кои доаѓаат би бил да ги направи добрите чекори и правилниот избор за сочувување и уредување на природните и културните локалитети за да може оваа раскошна и дарежлива природа да се пренесе и на следните генерации за да се гордеат со овој убав регион на светот.

Кои се главните активности на Вашата организација?
Тетрактис произлегува од потребата и желба на една територија – Алпите – да го извезува своето територијално искуство на интернационален план. Идејата е жителите да можат да располагаат со клучните елементи за живот во нивните земји, да се групираат и да решат да го валоризираат нивното наследство, да ја свртат во обратна насока динамиката на рурален егзодус и да им дадат иднина на своите деца. Со 22 години пионерско и иновативно искуство, ние развивме разни компетентности, имаме богата мрежа која секојдневно се шири, па денес располагаме со колективи на разни нивоа и капацитети за нови проекти, територијални интервенции и партнерства.
Со нашите активности придонесуваме да се обликуваат пејзажите на хумано и географско ниво со локалните актери, ја браниме идејата за придружба која не се коси со локалната култура и менталитет. Работевме на проекти во Палестина, во Мароко, во Лаос, во Буркина Фасо и секогаш имаме предвид дека нашите способности се во служба на територијално уредување како средство за одржлив развој.
Која е Вашата територијална стратегија?
Во срцето на нашата работа е управување со проекти за развој во секоја фаза, потрага за финансирање, комуникација со учесниците, креирање документација, следење, евалуација заедно со постоечките партнерства, но и со цел да се изградат нови. Мобилизирани сме на проекти/производи, но и на проекти/програми сѐ со цел да се валоризира природното и културно наследство заедно со создавање на регионална туристичка стратегија.
Каков е Вашиот однос кон сочувување на животната средина?
Презервацијата на животната средина е една од вредностите кои се подразбираат во нашите проекти. Нашиот пристап за туризам со хумана димензија ни ги отвори вратите на интернационално ниво. Оваа тематика стана една од нашите главни компетентности и е дел од нашите активности за туристичко планирање, особено за развој на чувствителни зони. Како консултанти имавме интервенции во Националниот резерват во Сенегал, на локалитетот Рамсар на езерото Нокуе во Бенин, во Камуан во Лаос...
Животната средина е исто така и дел од нашите едукативни активности.
Дали во Вашите активности е вклучена и промоцијата?
Комерцијализацијата на дестинациите, како и создавање врски со интернационалните туристички агенции оди паралелно со нашите технички капацитети. Имаме добри искуства во промоција на интернет и развивање на териториите преку нашата мрежа на туристички агенции.
Имаме добри примери за тоа во Сенегал, во Лаос и во Палестина каде што француските тур-оператори се сретнаа со локалните партнери и отворија перспективи за комерцијализација на среден рок.
http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21755 (втор дел)
http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21756 (трет дел)