Општество
ВЕВЧАНИ – ПРИМЕР ЗА ЕКОТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА
Интервју со Насте Богоевски – сопственик на ресторанот „Кутмичевица“
Како ја започнавте оваа авантура?
Ресторанот „Кутмичевица“ во Вевчани е отворен за гости во 2006 год. како етноресторан во традиционален македонски стил. Станува збор за стара македонска куќа која преку проект финансиран од Светската банка и Министерството за култура на РМ за ревитализирање на македонското културно наследство, а понатаму со сопствени инвестиции прерасна во атрактивен и оригинален угостителски и сместувачки објект во регионот. Идејата е преку презентација на она што е наследено од дедо и од прадедо – оригинална македонска градба, надополнета со превкусна домашна храна, заедно со неизмерно убавата природа на Вевчани, да се оформи нова понуда на туристичкиот пазар – комбинација на еко и рурален туризам која е сѐ уште во почетна фаза во нашава земја.
Екотуризмот наметнува стандарди за дејствување кои значат почит кон животната средина. Какви производи користите во Вашата кујна?
Ресторанот е спој на руралната сценографија и вевчанската специфична архитектура, беспрекорно вклопена со традиционалната кујна, се употребуваат исклучиво домашни производи, приготвени и послужени на оригинален начин. Вевчанскиот гулаш, луканците, свинското од фурна, полжавите, селските манџи и тави, салатите од свеж зеленчук од вевчанските бавчи се вистинско, несекојдневно уживање за многубројните гости од цел свет. Со таквата понуда ресторанот „Кутмичевица“ претставува пионер, но и веќе 10 години вистински бренд на македонскиот еко и рурален туризам.

Дали сте задоволни од посетеноста на ресторанот и дали имате реакции од гостите?
Во текот на целата година редовни се гостите од Македонија, додека во летните месеци ресторанот е неодминлив за Холанѓаните, за Белгијците, за Полјаците, за Русите и за сите оние кои барем на еден ден дошле до Охрид. За ова сведочат многубројните пофалби, препораки и перфектните оценки на реномирани сајтови како Трип едвајзор (Trip Advisor). Во склоп на ресторанот се наоѓаат и два апартмана чиј етноентериер се надополнува со целокупниот објект и претставува спомен на одамнешните стари македонски одаи.
Единствениот до недоглед поглед од Јабланица, преку Охрид, па сѐ до Пелистер воодушевува, но и потсетува на раскажувањата на постарите дека на ова место, пред 10 векови, свети Климент работел и уживал гледајќи ја својата Кутмичевица како капка роса на дланка пред себе.
Разговараше Лидија Георгиева
http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21755 (прв дел)
http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21756 (втор дел)