Финансии / Банкарство

Горан Петревски: ПРАВНАТА ДРЖАВА И ЕФИКАСНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СЕ СУШТИНСКИОТ ПРЕДУСЛОВ ЗА КАКВИ И ДА БИЛО ЕКОНОМСКИ ПОТЕЗИ

Горан Петревски

Што мислите дека треба да остане непроменето од економските политики на претходната Влада?
Кои се клучните економски потези што треба да ги направи новата Влада?


Највредното наследство од економските политики на претходната
Влада, секако, се ниските даночни стапки. Мислам дека во догледно време даночните стапки треба да останат на сегашново ниво, барем за поголемиот дел од населението и бизнисите. Нема потреба да се нагласува дека ниските даночните стапки се многу корисни во поттикнувањето на претприемништвото, штедењето и инвестициите. Доколку новата Влада планира да воведе прогресивен данок на доход, тогаш повисоките даночни стапки треба да се однесуваат само на богатите луѓе и на крупните бизниси кои остваруваат големи профити благодарение на монополската положба на пазарот.

Во прв ред мислам дека основниот приоритет на новата Влада е од неекономска природа, а тоа е неопходната потреба од воспоставување на правната држава каде што законите ќе важат без исклучок и каде што криминалците ќе одговараат пред законот. Правната држава и ефикасните институции се суштинскиот предуслов за какви и да било економски потези. Во однос на економските потези мислам дека се издвојуваат два приоритета: прво, стабилизирање на јавниотдолг на сегашното ниво со искористување на секоја идна поволна состојба за негово намалување; второ, воспоставување систем за мерење на ефективноста и ефикасноста на јавните расходи. Продуктивноста на вработените во јавниот сектор е исклучително ниска и многубројните работници кои не работат ништо треба или да се отпуштат од работа или да се прераспределат на работните места каде што постои недостиг. Слично на ова, Владата треба да укине голем дел од бројните државни агенции за кои не е јасно какви резултати испорачуваат. Најпосле, потребен е систем за мерење на ефектите и на ефикасноста на јавните инвестиции.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано