Финансии / Банкарство

ЌЕ ИМА ЛИ ГОЛЕМА ПРЕСЕЛБА НА БАНКИТЕ ОД ЛОНДОН ПО БРЕГЗИТ (BREXIT)?

Игор Давков

По Брегзит и по формалното започнување на постапката за раздружување на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ), повеќето глобални банки кои работат во Лондонски Сити се изложени на ризик да го изгубат „пасошот“ за работа на територијата на ЕУ. Имено, во согласност со ЕУ-директивите која било банка која е лиценцирана на територијата на ЕУ може прекугранично да работи во која било друга земја членка на Унијата преку основање на своја филијала. Притоа не е потребна постапка на лиценцирање, туку само нотификација на националниот супервизор во земјата во која се отвора филијалата. Притоа супервизијата на работењето на филијалата останува во надлежност на земjата во која е основана банката, додека супервизорот на земјата во која е основана филијалата има ограничена супервизорска надлежност, само во делот на управувањето со ликвидноста на филијалата. Ваквата можност во минатото беше искористена од многу глобални банки кои преку своите банки во Лондон работат на финансиските пазари на територијата на ЕУ. Лондонски Сити во моментов е најголем финансиски центар на територијата на Европа каде што се лоцирани најголемите финансиски пазари и куќи за порамнување на финансиските инструменти деноминирани во евра и центар во кој се случува најголем волумен од т. н. големопродажни операции на инвестициските банки во евра вклучувајќи овде тргување со оваа валута, тргување со изведени финансиски инструменти, како и други финансиски инструменти деноминирани во евра.
Имајќи го предвид волуменот на трансакции деноминирани во евра кои денес се случуваат во Велика Британија за глобалната финансиска инфраструктура, а посредно и за финансиската стабилност, од клучно значење ќе биде дали банките во Лондон ќе продолжат да имаат директен пристап до платните системи и системите за порамнување во евра како што се TARGET 2 и LCH Clearnet. Во случај Велика Британија да не остане во ЕЕА, банките сосема е извесно дека нема да имаат директен пристап до овие системи. Ова ќе значи дека банките ќе мора да работат преку подружници или можеби филијали во случај Велика Британија да добие третман на територија која е еквивалентна на ЕЕА во смисла на регулатива. Но, ова значително ќе ги поскапи трансакциите во евра кои ќе се извршуваат преку банките во Велика Британија со што сосема е извесно дека ќе се намали атрактивноста на Лондон како финансиски центар и дестинација за глобалните банки кои не потекнуваат од територијата на ЕЕА да имаат седиште, односно да бидат основани и лиценцирани во Велика Британија.
Доколку се направи анализа на дистрибуцијата на средствата на банките во Велика Британија може да се види дека најголем дел од нив, дури 3 570 милијарди фунти, отпаѓаат на активата на четири големи глобални банки: ХСБЦ, РБС, Барклиз и Стандард чартид (HSBC, RBS, Barclays и Standard Chartered). Стандард чартид (Standard Chartered) работи примарно во Азија, но првите три се многу активни во Европа. ХСБЦ и РБС (HSBC и RBS) веќе се присутни со подружници на територијата на ЕЕА, односно веќе се лиценцирани на територијата на Континентална Европа: ХСБЦ (HSBC) во Франција и РБС (RBS) во Холандија, но Барклиз (Barclays) работи преку филијали во Италија и во Франција. Оттука само Барклиз (Barclays) од овие три банки можно е да има потреба да го помине процесот на лиценцирање пред Европската централна банка (ЕЦБ) и со тоа да може да работи на територијата на ЕЕА по Брегзит. Доколку се навлезе подлабоко во билансите на овие банки може да се види дека приближно една третина од билансната актива на овие банки е концентрирана во портфолијата за тргување и портфолијата инвестирани во изведени финансиски инструменти. Вкупната билансна актива на меѓународните инвестициски банки, претежно американски и швајцарски банки, во Велика Британија тежи приближно 1 730 милијарди фунти. Овие банки во моментов го користат Лондон како центар за своите операции во Европа. Така, на пример, дури 90 % од трансакциите и бројот на вработени на петте големи американски инвестициски банки (Голдман Сакс, ЏП Морган, Сити груп, Морган Стенли и Банк оф Америка Мерил Линч (Goldman Sachs, JP Morgan, Citigroup, Morgan Stanley и Bank of America Merrill Lynch)) се лоцирани во Лондон. Овие инвестициски банки во моментов го користат британскиот „пасош“ (банкарската лиценца во согласност со CRD IV (Capital Requirements Directive) и лиценцата за инвестициски услуги во согласност со MiFID (Markets in Financial Instruments Directive)) за да работат на територијата на ЕЕА. Истите банки ќе бидат соочени со потреба да бараат нови лиценци на територијата на ЕЕА. Во овој момент може само да се претпостави колкав дел од операциите на американските банки ќе се пресели на територијата на Континентална Европа, но очекувањата се дека миниимум 20 % од обемот на тековните операции кои се случуваат во Лондон најверојатно ќе бидат реалоцирани. Доколку настанат ограничувања во пристапот до TARGET 2 и LCH Clearnet очигледно е дека ликвидноста на одредени пазари исто така ќе биде реалоцирана од Лондон на територијата на ЕЕА.


Во Лондон како главен финансиски центар во Европа, во моментов се лоцирани најголемите финансиски пазари на кои се тргува со: изведени финансиски инструменти, девизи, приватни и јавно тргувани обврзници, капитални инструменти и стоки. Доколку како резултат на Брегзит се ограничи пристапот на банките до пазарите и за порамнување и ликвидност во евра најголем удар може да се очекува врз пазарите на обврзници и изведени финансиски инструменти. Во согласност со „BIS Triennial Central Bank Survey of foreign exchange and derivatives market activity “ (BIS, 2015), OTC трансакциите (трансакциите преку шалтер) со изведени финансиски инструменти во поединечни валути и каматни стапки сочинуваат приближно 79 % од глобалниот OTC пазар на изведени финансиски инструменти. Пазарите во Лондон учествуваат со приближно 70 % во трансакциите деноминирани во евра, нешто слично како учеството на пазарите во Њујорк кога се работи за трансакции деноминирани во САД долари. Овие статистики укажуваат дека Лондон во моментов е главен финансиски пазар за тргување со овие финансиски инструменти и постои ризик еден значаен дел од овој пазар постепено да се реалоцира во Континентална Европа.
Во однос на пазарите на кои се тргува со државни обврзници, најголем дел од нив се порамнуваат преку LCH Clearnet. Лондон е примарниот пазар на кој се порамнуваат трансакциите со државни обврзници издадени од: Австрија, Белгија, Холандија, Германија, Ирска, Финска, Португалија, Словачка, Словенија, и нормално обврзниците издадени од Владата на Велика Британија. Куќата за порамнување во Франција е местото каде што се порамнуваат трансакциите со италијанските, француските и шпанските државни обврзници. Оттука LCH Clearnet е главното место каде што се порамнуваат обврзниците деноминирани во евра и постои ризик тргувањето и порамнувањето со евро обврзниците на деветте држави кое сега се случува во Лондон да се реалоцира во Париз, Брисел или во Франкфурт каде што исто така преку Euroclear, односно Clearstream се порамнува значаен волумен на трансакции со државни обврзници деноминирани во евра.
Доколку Велика Британија во преговорите со ЕУ не успее да обезбеди слободен пристап до ЕЕА, слично на договорот кој ЕУ го има со Норвешка, банките основани во Лондонски Сити ќе го изгубат правото да работат на територијата на ЕЕА. Гувернерот на Банката на Англија (БоА) Марк Карни (Mark Carney) во една неодамнешна изјава, откако беше активиран членот 50 од Лисабонската спогодба, односно кога веќе беше јасно дека почна да отчукува двегодишниот период во кој треба да се случи раздружувањето од ЕУ, ги повика банките да донесат планови за вонредна состојба во кои ќе ги предвидат можните сценарија по нивните стратегии и деловни планови како резултат на сите потенцијални исходи од Брегзит. Според гувернерот на БоА процесот на транзиција претставува ризик за финансиската стабилност и доколку дојде до сценарио на т. н. „тврдо“ раздружување во кое Велика Британија повеќе нема да има слободен пристап до пазарите од ЕЕА, односно доколку добие третман на т. н. „трета земја“, тоа ќе предизвика значајни негативни последици по растот на економијата и вработеноста. Во контекст на ова, БоА веќе има испратено писмо до банките кои имаат прекугранични активности на територијата на ЕЕА во кое се бара објаснување од банките како планираат да постапат во случај на можните исходи на Брегзит. На ова писмо банките се обврзани да дадат одговори не подоцна од 14 јули оваа година.


Соочени со ризикот од можноста да го изгубат „пасошот“, односно да не можат да работат во еврозоната, откако Велика Британија ќе ја напушти Унијата во 2019 година, повеќе глобални банки со седиште во Лондонски Сити не седат со скрстени раце, туку веќе ја разгледуваат опцијата за реалокација на своите операции во некои од останатите финансиски центри во зоната како што се Франкфурт, Париз, Мадрид, Даблин и некои други помали финансиски центри. Во одговор на ваквиот интерес покажан од околу четириесетина глобални финансиски институции со седиште во Лондон, ЕЦБ како наднационален супервизор на системските банки во зоната (банки со актива над 30 милијарди евра) на 12 април оваа година објави генерални насоки за тоа како планира да го води процесот на лиценцирање на банките кои ќе одлучат да основаат свои банки на територијата на еврозоната. Очигледно е дека претстои интензивен период, пред сѐ пред ЕЦБ, но веројатно и пред некој од националните супервизори од зоната во случаите кога се работи за реалокација на несистемски банки со актива помала од 30 милијарди евра во кои ќе се одвиваат постапките на лиценцирање на банките кои ќе одлучат да ги реалоцираат своите операции од Лондон на територијата на еврозоната. Во контекст на ова ЕЦБ веќе на 4 мај оваа година одржа работилница на која го презентираше пристапот, односно процесот во постапките на лиценцирање. Се работи за комплексен и за обемен по документација процес кој, во согласност со она што го најавува ЕЦБ, нема да трае пократко од шест месеци откако секоја од банките кои планираат да аплицираат ќе ја поднесат комплетната документација до регулаторот. Како и да е, периодот на лиценцирање не може да трае подолго од дванаесет месеци од датумот на поднесување на апликацијата. Покрај правните аспекти на основањето на новите ентитети, ЕЦБ посебен фокус става на внатрешното управување и управувањето со ризиците, вклучувајќи овде прашања поврзани со бизнис-моделот на банките, управувањето со капиталот, користењето на централизирани инфраструктури за управување со ризиците кои се лоцирани надвор од банката, можностите за екстернализација (outsourcing) на одредени активности и сл. Исто така важно прашање на кое ЕЦБ ќе посвети посебно внимание е одобрувањето на интерните модели за пресметка на потребниот регулаторен капитал што во согласност со релевантната регулатива за адекватноста на капиталот мора да бидат лиценцирани од страна на супервизорот. Од она што првично е објавено од ЕЦБ, ЕЦБ нема ан блок да ги прифати интерните модели за кои британскиот Financial Services Authority (FSA) има дадено согласност, односно банките ќе треба да поминат соодветен процес на лиценцирање на интерните модели пред новиот супервизор. Во контекст на ова ЕЦБ планира да дозволи користење на постоечките интерни модели, кои се лиценцирани од британскиот FSA, во еден краток лимитиран временски период сѐ додека моделите не бидат одобрени од страна на ЕЦБ. Користењето на постоечките интерни модели ќе биде предмет на договор меѓу ЕЦБ и секоја банка поединечно и ќе вклучува редица стриктни услови кои ќе треба да бидат исполнети. Овие услови пред сѐ се однесуваат на обемот и на опфатот на моделите и нивната соодветност и апликабилност на портфолијата на новиот ентитет при што ќе бидат земени предвид сите препораки на постоечкиот регулатор во однос на нивниот квалитет и евентуалните веќе дадени препораки за нивно подобрување.
Сето погоре упатува на тоа дека ЕЦБ нема да дозволи на територијата на зоната да се формираат банки на хартија за само да се стекнат со правото да работат во еврозоната, туку ќе бара да бидат исполнети сите потребни услови за издавање дозвола за основање банка.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано