Финансии / Банкарство
БОГАТИ И СИРОМАШНИ - ВТОР ДЕЛ
Горан Петревски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ете, што е иронија на судбината! Ако нешто не можам да поднесам, тоа е холивудската практика од еден филм да се прават по неколку продолженија, се разбира, со цел да се заработат повеќе пари. Меѓутоа, изгледа дека и јас паднав во истата стапица зашто за оваа статија го позајмив насловот од претходната, иако овде зборувам за друга тема која е поврзана, но не идентична со претходната.
Непосредниот повод за оваа статија е тоа што, конечно, добивме нова Влада предводена од социјалдемократите кои веќе најавија некои приоритети и политики кои се типични за социјалдемократската идеологија. На почетокот ќе направам две мали дигресии: прво, добро е што имаме случај на партија која предлага политики што се соодветни на нејзиното име и идеологија зашто претходно имавме работа со партија која се декларираше како десничарска, а спроведуваше некои ултра левичарски (па дури и болшевички) политики; второ, за да нема недоразбирање, веднаш ќе кажам дека не сум приврзаник на социјалдемократската идеологија така што немам намера да ги „бранам“ социјалдемократите.
Покрај борбата за демократизација на Македонија, во центарот на предизборната кампања на социјалдемократите беа прашањата како што се: социјалната праведност, еднаквоста, распределбата на доходот, сиромаштијата итн. Како што споменав, добро е што овие прашања се ставаат „на маса“ и што тоа го прават оние од кои природно се очекува (левичарите). Целта на мојата статија е да укажам на некои аспекти поврзани со еднаквоста, а кои во поново време ги изнесуваат политичките философи и економистите.
Кога зборуваме за економската (не)еднаквост добро би било најпрвин да го расчистиме самиот поим, т. е. да разбереме на што всушност мислиме кога зборуваме за нееднаквоста. Традиционално и економистите и јавноста економската нееднаквост ја поврзуваат со богатството (имотот) или со заработката (доходот) на луѓето. На пример, во секојдневниот живот за некого се вели дека е богат ако има три стана, скап автомобил, пари на банка итн. Економистите, пак, кога зборуваат за нееднаквоста вообичаено мислат на распределбата на доходот, каков што е случајот со познатиот коефициент „Џини“ кој покажува колкав дел од вкупниот доход го присвојуваат одделните делови од населението. Во секој случај, кога се зборува за тоа кој е богат, а кој сиромашен вообичаено се мисли на материјалните добра и на финансиските средства кои ги заработуваат или ги поседуваат луѓето, но не на начинот на кој дошле до богатството или до доходот.
ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ, КОГА СЕ ЗБОРУВА ЗА ТОА КОЈ Е БОГАТ, А КОЈ СИРОМАШЕН ВООБИЧАЕНО СЕ МИСЛИ НА МАТЕРИЈАЛНИТЕ ДОБРА И НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА КОИ ГИ ЗАРАБОТУВААТ ИЛИ ГИ ПОСЕДУВААТ ЛУЃЕТО, НО НЕ НА НАЧИНОТ НА КОЈ ДОШЛЕ ДО БОГАТСТВОТО ИЛИ ДО ДОХОДОТ. Е, ТОКМУ ТУКА Е СУШТИНАТА НА ПРОБЛЕМОТ. ДАЛИ Е ФЕР НЕКОЈ ДА ЗАРАБОТУВА 100 000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, А ДРУГ ДА ЗАРАБОТУВА САМО 10 000? ДАЛИ Е ФЕР НЕКОЈ ДА ИМА ТРИ ЛУКСУЗНИ СТАНА, А НЕКОЈ ДА ЖИВЕЕ ВО КОЛИБА КРАЈ ВАРДАР? ДАЛИ Е ФЕР НЕКОЈ ДА ВОЗИ „БМВ“, А НЕКОЈ ДА НЕ МОЖЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ НИТУ ВЕЛОСИПЕД?
Е, токму тука е суштината на проблемот. Дали е фер некој да заработува 100 000 денари месечно, а друг да заработува само 10 000? Дали е фер некој да има три луксузни стана, а некој да живее во колиба крај Вардар? Дали е фер некој да вози „БМВ“, а некој да не може да си дозволи ниту велосипед? Во поново време, најпрвин политичките философи, а потоа и економистите започнаа да го преиспитуваат прашањето на (не)еднаквоста укажувајќи дека горните прашања се од морална природа, односно дека постои разлика меѓу морално прифатлива и морално неприфатлива нееднаквост. На пример, да го разгледаме првото прашање: ако некој неспособен човек успеал со помош на роднински или на политички врски или со мито да си обезбеди месечен приход од 100 000 денари, а истовремено некој одличен студент немал среќа и „заглавил“ во пропадната фирма земајќи плата од 10 000 денари, оваа нееднаквост е морално неприфатлива. Меѓутоа, ако некој способен човек отворил свој бизнис и по цел ден се „убива“ од работа, па благодарение на тоа има три стана и вози „БМВ“, додека истовремено некој мрзелив човек претпочита да си лежи под сенка крај реката, во тој случај нееднаквоста е морално прифатлива.
Како што може да се забележи, кога зборуваме за нееднаквоста не е доволно да ги набљудуваме крајните резултати, т. е. крајната состојба во која се наоѓаат луѓето, туку е потребно да се знае и предисторијата на таа состојба, односно причините поради кои луѓето се сиромашни или се богати. Во таа смисла, традиционалниот егалитаријански концепт на еднаквост на исходот сè повеќе се заменува со новиот концепт на еднаквоста на можностите. Во тие рамки, современите политички философи и економисти посочуваат дека успехот во животот зависи од неколку фактори: биолошките и социјалните околности во кои се родил и се развивал човекот, неговиот работен напор и среќата. Во однос на првото, успехот во животот зависи од „околностите“ како што се генетските фактори (на пример, коефициентот на интелигенција и другите психофизички карактеристики) и социјалните околности во кои се развивал човекот (селско или градско семејство, семејство со малку или со многу деца, образовани или необрзовани родители, богати или сиромашни родители итн.). Во однос на второто, јасно е дека материјалната благосостојба во голема мера зависи од напорот што го вложува човекот (години на формално образование, дополнителни професионални обуки, број на работни часови итн.). Најпосле, за успех во животот е потребна и среќа (на пример, да ви се укаже поволна можност, да сретнете соодветен човек, да добиете пари на лото итн.). Според тоа благосостојбата на човекот зависи од некои фактори врз кои тој не може да влијае (генетските фактори, среќата и околностите) и од фактори за кои е одговорен самиот тој (напорот).

Оттука благосостојбата на човекот е резултат на повеќе фактори така што воопшто не треба да нè чуди тоа што некој е сиромашен, а некој богат. Меѓутоа, како што кажавме, клучното прашање е дали нееднаквоста е праведна или не. Според новата егалитаријанска теорија одговорот на ова прашање зависи од тоа од каде произлегуваат економските разлики меѓу луѓето. Во таа смисла, ако некој е богат затоа што добил пари на лото, затоа што се родил многу убав или затоа што неговите родители се богати, таквата нееднаквост се смета за морално неприфатлива, т. е. за „неправедна“. Но, ако некој е богат затоа што поминал многу време во учење и работа, таквата нееднаквост е „праведна“, т. е. морално прифатлива.
Сега се поставува прашањето: Што може да направи владата за намалување на нееднаквоста? Одговорот лежи во поимот „еднаквост на можностите“. Имено, според современите теории, владата треба да обезбеди еднакви, т. е. рамноправни услови за стекнување доход. Или кажано метафорично, владата треба да го „израмни теренот за игра“ (leveling the playing field) или да обезбеди „еднаквост на влезната порта“ (starting-gate equality). Ако поединците имаат еднакви можности во животот, од таа точка натаму нивниот животен успех ќе зависи само од нивото на вложениот напор, а тоа значи дека разликите меѓу луѓето ќе бидат целосно „праведни“ во согласност со народната „што си дробел, тоа ќе си сркаш“. Значи еднаквоста на можностите подразбира такви јавни политики и институции кои ќе ги неутрализираат ефектите на среќата и на „околностите“, но ќе ги толерираат економските разлики кои произлегуваат од факторите за кои се одговорни поединците (напорот). Така некои автори предлагаат дека владата треба да ги гарантира граѓанските слободи и да воспостави институции кои ќе ги алоцираат „примарните добра“ кон луѓето кои се наоѓаат во најлоша положба во општеството. Притоа под „примарни добра“ се подразбираат инпутите кои се неопходни за успех во животот. Според овој концепт, со помош на оданочувањето, на социјалните трансфери, на образовната и здравствената политика, поединците би добиле еднакви ресурси потребни за успех во животот, а понатаму нивната економска благосостојба ќе зависи само од напорот што се подготвени да го вложат.
За крај, од овие теоретски концепти (за некого апстрактни и утописки) да се префрлиме на „македонцките работи“. Според моето скромно и некомпетентно мислење, еден од приоритетите на новата Влада во борбата против нееднаквоста треба да биде создавањето еднакви можности за луѓето. Поинаку кажано, социјалдемократите треба да се борат против корупцијата, непотизмот и клиентелизмот како форми кои некои луѓе ги прават „поеднакви“ од другите. Мислам дека ќе биде повеќе од доволно ако, за почеток, Владата ги отстрани околностите кои на некои луѓе им овозможуваат да остварат доход на начин кој не само што е крајно нефер и неморален туку е и многу сомнителен (да не речам криминален). На пример, на кус рок, Владата треба веднаш и остро да ја прекине практиката на партиски вработувања и наместени тендери, а на среден рок да форсира мерки кои ќе создаваат еднакви можности како што се: воспоставување правна држава (еднаквост на сите пред законот), борба против монополите, либерализација на пазарите, поттикнување на претприемништвото и достапност на образовни и здравствени услуги.
Се разбира, во согласност со социјалдемократската идеологија, соодветна улога во таа насока може да имаат даноците и разните форми на трансфери. На пример, богатите слоеви во општеството (меѓутоа, само оние кои навистина се богати) би можеле да се оданочуваат со даночни стапки што се прилично повисоки од сегашните, да речеме данок на имот од 10 % и данок на доход од 30 %. За да нема недоразбирање, не сакам читателите да стекнат впечаток дека јас го предлагам ова, но воопшто не ми пречи ако оваа идеја им се допадне на оние со социјалдемократски идеи. Во таа смисла, по формирањето на новата Влада бевме сведоци дека самото споменување на прогресивното оданочување беше анатемизирано како да се работи за ѓаволска работа. Тоа само го отсликува нашиот недостиг на култура на дебатирање при што секоја идеја однапред се жигосува. Иако не сум приврзаник на прогресивни даноци и на субвенции, знам дека штом Бог може да биде тема на дискусија, тоа се однесува и на која и да било друга идеја.