Финансии / Банкарство
КОМПАНИИТЕ ЧЛЕНКИ НА МАКЕДОНСКО-ГЕРМАНСКОТО СТОПАНСКО ЗДРУЖЕНИЕ НА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕМИЕРОТ НА РМ, ЗОРАН ЗАЕВ И ВИЦЕПРЕМИЕРОТ КОЧО АНЃУШЕВ
Македонско-Германското стопанско здружение денес за своите компании членови организираше работна средба со премиерот на РМ, Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.
На настанот присуствуваа повеќе од 150 претставници на компании членови и истиот го отвори Патрик Мартенс, директор на Германската стопанска комора во Македонија и раководен член на Управниот Одбор на Македонско-Германското стопанско здружение.

Мартенс соопшти дека Македонско-Германското стопанско здружение ја надмина бројката од 200 компании членови и со тоа е дефинитивно најголемото билатерално стопанско здружение во Македонија. Но, не е во подем само бројот на членови, туку од година во година расте и трговската размена помеѓу Македонија и Германија. Во моментов, германските инвеститори во Македонија вработуваат повеќе од 15.000 лица, и ние искрено се надеваме дека на новата влада на РМ, економскиот развој ќе и биде во фокусот-соопшти Мартенс.

Пред присутните гости се обрати и премиерот Заев, кој на стопанствениците им ги соопшти плановите на новата влада за економски развој на земјата. Тој говореше дека владата ќе се залага да создаде стабилна бизнис клима со економски политики кои се темелат на принципи на транспарентност, како и еднаков третман на домашните и странските инвеститори - соопшти Заев.
Целта е исто така да се зголеми конкурентноста на приватниот сектор, како и забрзување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард. За таа цел, со државна помош ќе се поттикнат нови инвестиции, ќе се даде поддршка на извозно ориентираните компании, но најголеми залагања ќе се направат за помош на домашните мали и средни претпријатија- информираше Заев.
.jpg)
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев пред компаниите членови на Македонско- Германското стопанско здружение, најави дел од новата програма на мерки која ќе ги превеземе владата за јакнење на економскиот сектор. Тој соопшти дека владата работи на реализација на капитални инвестиции во инфраструктурата и енергетиката со цел да се обезбеди побрз и побезбеден транспорт, но и поевтини енергенси за компаниите.
150 претставници на компаниите членови ја искористија оваа средба за вмрежување, но и можност да ги запознаат новиот премиер на РМ, како и новиот вицепремиер со кои ќе соработуваат во иднина. Исто така им беше дадена можностда постават бројни прашања директно до премиерот и вицепремиерот, да дадат свои предлози и идеи кои може да допринесат за економскиот развој.