Финансии / Банкарство
Тања Јакоби: ИНДЕКСИ И ШАМПИОНИ
Авторот е економски новинар од Белград, Србија
Градот Крушевац, на југозападот од Србија, со своите 127 649 жители е прогласен за најуспешен европски град во втората половина од 2016 година по бројот на креирани работни места од гринфилд инвестиции. Овој податок што го објави ФДИ интелиџенс (FDI Intelligence), аналитичкото крило на Фајненшл тајмс (Financial Times), во тој момент го направи Крушевац шампион во однос на второпласираниот Лондон, третопласираната Москва и четврто и петтопласираните Санкт Петерсбург и Букурешт.
Оваа вест, објавена во март 2017 година, не е забележена во српските медиуми, но ФДИ интелиџенс е извор што често и со задоволство се цитира во Србија. Така, во 2014 година управата на Врање објави дека Врање е еден од 10 градови со најповолни услови за работење во категоријата европски градови со иста големина. Поточно кажано, во конкуренција на 468 градови и региони Врање го зазеде седмото место, а од српските градови Заечар беше шести, додека по Врање беа Зрењанин, Сремска Митровица и Рума. Во 2015 година ФДИ ја прогласи слободната зона во Зрењанин за најдобра во Европа според поттикнувачите за инвеститори, а во 2016 година, според истиот извор, Србија го зголеми нивото на странски директни инвестиции (СДИ) за 90 % бидејќи една арапска фирма соопшти дека во „Белград на вода“ ќе вложи 4 милијарди евра. Во август годинава, според индексот на ФДИ за остварување гринфилд СДИ, Србија била најуспешна земја на светот по обемот на привлечени гринфилд инвестиции во однос на својот БДП. Втора била Камбоџа, трета Македонија, а потоа следуваат низа земји што припаѓаат на групата неразвиени земји во развој, со исклучок на две земји, Сингапур и Литванија. Со оглед на тоа што минатата година е вклучен поголем број земји (вкупно 94), Србија го замени на тронот Виетнам кој беше на првото место во претходните две години.
ФДИ интелиџенс постои од 2001 година, индексот за остварување гринфилд СДИ е развиен пред три години врз основа на методологија на УНКТАД и со него се мери привлечноста на некоја земја како дестинација за гринфилд СДИ гледано според големината на нејзиниот бруто домашен производ (БДП). Покрај овој, ФДИ има уште десет различни индекси со кои врз основа на различни показатели ја мери атрактивноста на дестинации во светот, вклучувајќи ги тука и најатрактивните слободни зони во светот.
Во реалноста, според проценките што ги даде Министерството за економија на Србија, годинава Србија ќе оствари прилив од околу две милијарди инвестиции. Според тој показател оваа година нема да биде ниту многу подобра ниту многу полоша од претходните пет или десет (ако се изземат поодделни скокови по една голема приватизација како што е влезот на Теленор или на пример Фијат). Домашната статистика не ги води посебно гринфилд инвестициите, но може да се претпостави дека голем процент на СДИ е токму од тој вид. СДИ што доаѓаа преку приватизација на претпријатија (во облик на спојување и припојување) завршија во првата половина на 2000-тите години, а Белградската берза може да се смета за речиси мртва.
За споредба, земјите со слична големина на населението како Србија, како што се Чешка и Унгарија, остваруваат речиси тројно поголеми СДИ годишно (околу 6 милијарди евра просечно во последните три години), а Бугарија, која долго беше значително пред Србија, имаше инвестиции од околу 1,5 милијарди евра минатата година.
За четирите милијарди евра инвестиции во „Белград на вода“ се водат големи дебати за тоа колку е или дали е воопшто нешто вложено, се снимаат документарни филмови и се демонстрира на улицата на Белград.
Што се однесува до Крушевац, тој како и многу други градови во Србија беше девастиран во времето на распадот на Поранешна Југославија, а потоа и во транзицијата, кои ја уништија индустријата и оставија голем број луѓе без работа. Според податоците објавени во Србија се очекува дека во наредните пет години Крушевац би можел да добие околу 3 000 нови работни места ако се остварат најавите на инвеститорите кои се моментно активни во овој град, значи петпати помалку од она што го објави ФДИ.
Од податоците што ги објавува ФДИ би се рекло дека ги регистрира најавените инвестиции, а според овој извор такви имало 77 во 2016 година наспроти 55 во 2015 година. Во Србија не постои јасна статистика за тоа колку ваквите најави ќе бидат реализирани, а колку од нив се производ, меѓу другото, на предизборни кампањи. И покрај тоа тешко е да се замисли како ФДИ дошол до бројката за 13 692 бизниси во Крушевац во само едно полугодие на 2016 година. За споредба треба да се каже дека во евиденцијата на Одделението на Националната служба за вработување во Крушевац има меѓу 15 400 и 15 900 луѓе, што би значело дека минатата година речиси сите овие луѓе се работно ангажирани или дека бројот на невработени во областа на која припаѓа Крушевац е преполовен (29 000 невработени).
Накусо, индексот за остварување на ФДИ интелиџенс и другите индекси што ФДИ ги објавува даваат изолирани (во случајот на Крушевац и проблематични) податоци што мораат внимателно да се толкуваат и да се ставаат во контекст. Како и другите индекси, од кои најчесто се цитира Дуинг бизнис листата на Светска банка, и овој ги мери, суштински гледано, малку важните „реформски поместувања“ што ги прават земјите во нашиот регион или даваат податоци што всушност кажуваат нешто друго. Така, на пример, минатата година на EУ листата Србија беше на високо место по бројот на работни места додадени низ процесот на инвестирање, што всушност зборува дека привлекла инвеститори од трудоинтензивни гранки со мала додадена вредност. Тоа се, пред сѐ, монтажата на електронски и автомобилски компоненти (на пример кабли), недвижнини и текстилна индустрија.
Во меѓувреме, Дуинг бизнис индексот доживеа значајни критики, па веќе неколкупати е поправан, но и понатаму произведува „шампиони“ кои на неговата листа скокаат поради бизарни измени на закони со кои на пример се намалува основачкиот капитал за претпријатијата или се скратуваат некои од процедурите (во случајот на Србија додуша не толку безначајни како што е времето за добивање градежни дозволи).
Кога ќе се повлече црта и ќе се погледне колку земјите што „отскокнуваат“ привлекуваат странски инвестиции во милијарди евра, и воопшто економски напредуваат, резултатите остануваат разочарувачки реалистични.
Причините за тоа можат да се најдат и во објаснувањето на она по што (и) ФДИ ја препозна Србија како атрактивна дестинација. Тоа се пред сѐ усвојувањето на европска регулатива (но, за жал, не и ефикасна и доследна примена на закони), ниска стапка на оданочување на профитот и пристап до европскиот и до други пазари, што Србија ја вбројува во географски добро позиционираните платформи за извоз. Пред сѐ, тука е ниската цена на работната сила. Така, на пример, според ФДИ, во Србија трошоците на компанија за производство на автоделови со 400 вработени се повеќе од двојно пониски во споредба со Унгарија или со Турција. Слични податоци се изнесени и во текот на штрајкот на работниците во фабриката на Фијат во Крагуевац. Епилогот на тој штрајк е познат. Обидот на работниците по заработката барем малку да им се приближат на колегите од овие земји е скршен, платите се незначително зголемени (меѓу 5 и 9 % во зависност од тоа кој ги дава податоците, Владата или Синдикатот), а работниците потпишаа дека во наредните три години нема да штрајкуваат. Со тоа Владата на Србија испрати силна порака до инвеститорите дека умее и може да ја контролира ниската цена на работната сила.