Финансии / Банкарство
САМИТ 100 ВО СКОПЈЕ
ЖИВКО МУКАЕТОВ
Генерален директор/Претседател на УО на Алкалоид АД Скопје Претседател на Одборот на Самит 100 2017
На 16 и 17 октомври оваа година во Скопје ќе се одржи врвен меѓународен настан, Собирот на регионалната иницијатива Самит 100. Кажете ни нешто повеќе за оваа иницијатива, за нејзината цел и досегашна историја.
Ж. Мукаетов: Самитот на 100 бизнис-лидери на Југоисточна Европа е уникатна бизнис-иницијатива основана во 2011 г., која на едно место собира над 100 еминентни бизнис и политички лидери од регионот. Преку Аранѓеловац, Бечиќи, Цавтат, Порторож и Сараево, шестиот по ред собир ќе се одржи во Скопје. Уште на првиот собир во Србија, под закрила на Самит 100, се формираше градежен конзорциум т.н. Феникс во кој над 40 компании од регионот се одлучија за заеднички настап. На собирот во 2016 г. во Босна и Херцеговина се издвои проектот Едисон кој прерасна во иновативна платформа за зелената мобилност. Годинава во Скопје планираме потпишување договор за соработка со регионалните стопански комори.
Кои беа главните теми на досегашните собири? Која ќе биде темата на овој Самит 100?
Ж. Мукаетов: Она по што Самит 100 е уникатен се конкретните заклучоци и решенија кои ги нуди за реални теми, актуелни за земјите од регионот како: Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија. Заклучоците од претходните собири беа дека на регионот му се потребни значителни инвестиции во инфраструктура, транспорт, енергетика, дигитализација, брендирање на автохтони видови храна и пијалаци, развој на туризмот, подобрена мобилност на работната сила, едукација во согласност со трендовите на пазарот на труд и сл. Во согласност со таквите заклучоци, кои ќе бидат застапени и годинава, решивме клучниот збор во Скопје да биде „ПОВРЗУВАЊЕ“ на регионот. Во таа насока наш главен гостин на настанот на 16 октомври ќе биде еврокомесарката за транспорт и мобилност Виолета Булц.
Како ги оценувате досегашните активности во рамките на Самит 100? Какви ефекти очекувате за регионалните економии во иднина?
Самит 100 е прва иницијатива од овој вид, која е дизајнирана да послужи како силна кохезиона сила за идна економска соработка меѓу компаниите во Југоисточна Европа, чија цел е да придонесе кон подобрување на конкурентноста на економиите во регионот и подобрување на квалитетот на животот воопшто.