Финансии / Банкарство
МАКЕДОНИЈА И ПЕЈПАЛ: (НЕ)ВОЗВРАТЕНА ЉУБОВ
Мирче Јовановски
Авторот е новинар
Бизнисмените, фриленсерите, политичарите – сите тие сакаат соработката со Пејпал да премине на повисоко ниво, но како и во секој деловен однос тоа зависи, пред сѐ, од интересите, а не од емоциите.
Ќе стане ли пејпал еден од најпопуларните онлајн сервиси за пренос на пари целосно функционален и во нашата земја? Односно дали освен за плаќање кон странство, кога на пример ќе се порача некој производ од интернет, конечно ќе може да се одвиваат и трансакции во обратна насока – што би им овозможило на домашните фирми и поединците полесно да ги наплаќаат продадените производи или дадените услуги за некој купувач или клиент во светот. Вакво нешто посакуваат многумина – од бизнисмените кои сметаат дека нивните производи полесно ќе го најдат патот до купувачите во светот, преку сѐ поголемата армија фриленсери, ИТ-програмери, бизнис-аналитичари, уметници, графички дизајнери... кои ги нудат своите услуги преку интернет, па сѐ до политичарите кои таквиот потег би го сметале и за сопствен успех. Со еден збор, сите тие сакаат „љубовта“, односно соработката со Пејпал да премине на повисоко ниво, но како и во секој деловен однос дали ќе биде возвратено со иста мера зависи, пред сѐ, од интересите, а не од емоциите.
Во меѓувреме, во светот се појавија и многу други онлајн сервиси за трансфер на пари и за меѓусебни плаќања од кои некои најдоа начин како да ги заобиколат македонските законски пречки и ваквите интернет-платформи се користат и во нашава земја. Но, сепак, пејпал е пејпал.
„Врската“ меѓу Македонија и Пејпал не трае многу – нешто повеќе од три години (официјално овој сервис кај нас стана оперативен на 17 јуни 2014 година), како што се тврди, меѓу другото благодарејќи и на личните контакти кои ги имал тогашниот министер за информатичко општество, со важни луѓе од ИТ-индустријата и во самата компанија.
Но, и по толку време работите останаа на најосновното ниво што го нуди компанијата – сенд онли ( Send only) или можност на оние кои имаат пејпал сметка само да извршуваат плаќања што, во време кога во светот, а и кај нас електронската трговија зема сѐ поголем замав, а ИТ-иновациите стануваат двигатели на севкупниот економски развој, и не може да се смета за голем успех.
Дали се создадени услови за премин кон нова фаза? Ако се суди според последната информација од иницијаторите на онлајн петицијата, која во почетокот на летово го сврте вниманието на јавноста, но и на новата Влада, работите се движат во позитивна насока. Според соопштението кое беше дистрибуирано од Логин системи, непосредно пред овој текст да биде предаден во печат, „Министерството за финансии започнало комуникација со Пејпал за воведување на пејпал за продажни места и прием на уплати во Македонија“.
„Ова се неофицијални информации и според наша слободна проценка воведувањето на пејпал не може да се случи пред октомври оваа година“, велат организаторите на иницијативата која потоа беше прифатена од Министерството за финансии.
Ваквите очекувања се оптимистички имајќи предвид дека октомври е прилично блиску. Од друга страна, според кореспонденцијата која се одвиваше меѓу Министерството за финансии и Пејпал, излегува дека работите не се премногу оптимистички. Иако од Пејпал велат дека Македонија за нив е важен пазар и дека нивната цел е да им помогнат на локалните потрошувачи целосно да имаат корист од она што глобалната е-трговија може да го понуди, тоа, како што нагласуваат, вклучува и пристап до услуги од над 14 милиони бизниси низ целиот свет, што ја овозможува најпознатата интернет-платформа за плаќање која ужива високо ниво на заштита.
„Функционалноста ‚Испрати само‘ не значи дека овој пазар е исклучен од нашите најважни глобални ажурирања на потрошувачите“, порачуваат од Пејпал, додавајќи дека нашите власти ќе бидат информирани за сите случувања во овој поглед.
Според одговорот произлегува дека македонските граѓани кои имаат пејпал сметки и натаму ќе можат само да плаќаат преку нив, но не и да добиваат пари. Како што навеле од Пејпал, одлуката за проширување на нивните услуги во која било земја е „резултат на детална анализа извршена внатре во компанијата во компанијата“. Од таму предочуваат дека тие се веќе во контакт со македонското Министерство за информатичко општество и администрација во врска со идните можности за нивниот бизнис во нашава земја. „Сепак, иако ја сметаме Македонија како земја со големи можности и во иднина сакаме подобро да им служиме на трговците и на потрошувачите, за жал засега немаме што да објавиме во врска со какво било можно продолжување на нашите услуги во оваа земја“, се вели меѓу другото во дописот кој го добило нашето Министерство за финансии од Пејпал како одговор на македонската иницијатива.
Останува да се види дали можеби аргументот кој од страна на Министерството за финансии им бил предочен на Пејпал, во однос на валутата, би можел да направи пресврт. Имено, за разлика од порано кога претходната Влада, односно Министерството за информатичко општество кое ги водеше разговорите со Пејпал беа заинтересирани за воведување на услугата пеј пеј рисив (PayPay Receive) во Македонија со користење на македонскиот денар, сегашната Влада, односно Министерството за финансии смета дека воведувањето на услугата пејпал примање може да биде во некоја од меѓународните валути.
Од Министерството порачуваат и дека се подготвени да разговараат за ова прашање во понатамошни детали.
Овој аргумент несомнено може да биде силен адут од наша страна имајќи предвид дека големите компании тешко прават отстапки од нивните востановени правила за мали пазари, како што е македонскиот, поради тоа што може да им носи дополнителни ризици и трошоци.
Овој заклучок всушност произлегува од состанокот кој претходно се одржа во Министерството за финансии и на кој присуствуваа и претставници на четирите најголеми банки во земјава, како и на Народната банка на Македонија и на министерствата за информатичко општество и администрација и за економија. „Бидејќи македонската валута ја нема на листата на валути во Пејпал, истакнувањето на цените на продажните места најверојатно би било во евра. Со тоа би се создала евентуална пречка за користењето на пејпал во рамките на Македонија меѓу македонските резиденти (субјекти). Затоа, ако не се смени дел од регулативата за девизен режим, пејпал прво би се користел за прием на пари при продажбата на странските граѓани и фирми”, беше соопштено по состанокот.
За потсетување, Министерството за финансии се вклучи во иницијативата која ја покренаа домашни бизнисмени и фриленсери кои ги нудат своите услуги преку интернет, но кои не се во можност да ги наплаќаат преку водечката интернет-платформа. Министерството презеде обврска да контактира со Пејпал, но и со други слични сервиси кои се застапени во поголем дел од земјите во Европа како што се Скрил, Пејонир, Стрип (Skrill, Payoneer, Stripe) и сл. со цел и тие да бидат присутни на пазарот во нашава земја.
ЗА РАЗЛИКА ОД ПОРАНО КОГА ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА, ОДНОСНО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО КОЕ ГИ ВОДЕШЕ РАЗГОВОРИТЕ СО ПЕЈПАЛ БЕА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА УСЛУГАТА ПЕЈ ПЕЈ РИСИВ (PAYPAY RECEIVE) ВО МАКЕДОНИЈА СО КОРИСТЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ДЕНАР, СЕГАШНАТА ВЛАДА, ОДНОСНО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ СМЕТА ДЕКА ВОВЕДУВАЊЕТО НА УСЛУГАТА ПЕЈПАЛ ПРИМАЊЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ВО НЕКОЈА ОД МЕЃУНАРОДНИТЕ ВАЛУТИ
Сепак, Пејпал е „шлагот на тортата“. Оваа компанија, која е основана пред 18 години, присутна е на 202 пазари во светот и има 197 милиони активни, регистрирани сметки. Минатата година остварила вкупни приходи во износ од 10,8 милијарди американски долари, а нето-приходот изнесувал 1,4 милијарди долари. Во седиштето во САД и во подружниците низ светот вработени се 18 100 лица. Занимливо е и тоа што во матичната држава Пејпал има лиценца за трансмитер на пари, но и покрај тоа што не е класификуван како банка, компанијата е предмет на регулативата која важи за финансиската индустрија, вклучувајќи ја и онаа за заштита на потрошувачите. Нејзината подружница во Европа, пак, Пејпал Јуроп, е со седиште во Луксембург, има банкарска лиценца од оваа земја и е под надзор на тамошните институции за супервизија. Ваквата лиценца, според законодавството на Европската Унија, ѝ овозможува да извршува банкарски работи на целата територија на ЕУ, односно во сите нејзини земји членки.
Дека работите не одат подмачкано покажува и примерот со Индија каде што тамошните власти од 2010 година забраниле авторизација на трансферот на пари преку граница. Како што образложиле од индиската централна банка, за таквите трансакции потребна е претходна авторизација од централната банка за што Пејпал немал овластување.

Сепак, и покрај спорадичните пречки, развојот на новите начини на плаќање и трансфер на пари зема сѐ поголем замав. Тоа веројатно беше и причината зошто домашната бизнис-заедница, по иницијатива на Венко Глигоров, основачот и еден од сопствениците на Логин системи, преку интернет-петиција побара од надлежните во државава да се ангажираат Македонија да стане дел од ваквите глобални платежни сервиси, каде што пејпал е најпознат, иако не и единствен.
„Со отворање на можноста за прием на уплати преку пејпал се отвораат нови хоризонти за продажба на македонските производи во светот, а посебно на тие уникатните. Своја иднина ќе може да изградат бројни мали производители, уметници, луѓе од услужната дејност, како и традиционалните компании во Македонија“, се вели во петицијата која ја поддржаа околу илјада потписници, како физички, така и правни лица.
Според Глигоров, сервисот за примање пари на пејпал е битен за македонските фирми и претприемачи бидејќи тие се мали и слаби да отвораат скапи маркетинг и продажни канали низ светот. „За ваквите земји и економии од посебно значење е електронската трговија и можноста странските купувачи да можат да плаќаат безбедно за македонските производи и услуги со безбедни платежни платформи каква што е пејпал”, образложуваат иницијаторите на петицијата.
Инаку, според достапните податоци на онлајн енциклопедиите, Пејпал им овозможува на клиентите низ целиот свет да испраќаат, да примаат и да задржуваат средства во 25 валути. Но, услугите што ги дава не се исти во сите земји. Така, услугата „Испрати само“ (која овозможува само испраќање пари) е валидна во 97 земји, пејпал зеро ((PayPal Zero) пакетот овозможува запишување, влез и повлекување средства во странска валута, но корисникот не може да го задржи билансот на пејпал сметка) функционира во 18 земји, додека она што нас најмногу нѐ интересира – SRW (Send - Receive - Withdrawal), односно влез - излез и повлекување на средства, како и можноста да се задржи билансот на пејпал сметката во валутата и да се префрли на картичката кога корисникот смета дека е соодветен, работи во 41 земја. Дополнително, во уште 21 земја оваа услуга е проширена со користење на нивните локални валути (SRW, односно влез - излез и повлекување плус можност да се спроведат трансакции во локална валута).
На речиси сите семинари или конференции кои се одржуваат во рамките на банкарската индустрија, темата за финтек зазема доминантно место. Секојдневно никнуваат нови стартапи кои нудат нови или ги развиваат постојните услуги, но и етаблираните компании воведуваат новитети. Така на пример, од неодамна Пејпал се поврза со Скајп со што во одделни земји пари можат да се префрлаат и на овој начин.
Како е во соседството?
Во соседна Србија Пејпал е присутен од 9 април 2013 година. Во првата фаза корисниците кои беа регистрирани во Србија можеа да ги користат само услугите за праќање пари за интернет-купување (за физички лица). Опцијата за прием на пари е воведена на 14 април 2015 година.
Бугарија, пак, беше вклучена во системот на Пејпал на 10 мај 2007 за плаќање, а од 1 октомври истата година услугата беше проширена и со можноста имателите на пејпал сметки да примаат пари.
Во Хрватска примањето пари беше овозможено во март 2011 година.
На 17 јуни 2014 година, Пејпал објави дека неговите услуги се прошируваат во уште десет земји – покрај Македонија и Камерун, Белорусија, Црна Гора, Нигеријa и Парагвај…, но, слично како и во другите земји, во почетокот без можност да продаваат или пак да префрлаат пари од еден на друг корисник, туку само опцијата за испраќање пари, односно за плаќање при купување на интернет, а не и за примање пари.
Од друга страна, Македонија во ерата на глобализација и бум на нови начини на плаќања и натаму има прилично рестриктивни законски одредби според кои, на пример, не само што треба да се наведе основот кога се плаќа кон странство туку и кога се примаат пари од надвор треба да се елаборира врз основа на што е таквиот девизен прилив. Тоа, како што велат упатените, меѓу другото се прави и заради заштита од „перење“ пари, но во практиката се случуваат непријатни, па и апсурдни ситуации нашинци кои престојувале подолго време надвор да не можат да ги префрлат легално заработените пари. Пејпал, пак, како глобален лидер во индустријата за онлајн плаќања не сака да има какви било законски пречки во земјите во кои е присутен, па за нив е најлесно да не ги нудат услугите кои можат законски да бидат спорни за националните законодавства. Во тие рамки се и одредбите во Законот за платен промет кои налагаат преносот на пари да биде во националната валута, што значи ако се два македонски субјекти, плаќањето не може да биде на пример во евра. Тука се и недореченостите со виртуелните сметки…
Очигледно претстои многу работа да се изнајдат решенија кои ќе овозможат легално работење на вакви интернет-платформи. Примери за такво нешто има и во соседството каде што сервисот работи непречено со полн капацитет и во земји кои не се членки на ЕУ, како Албанија и Србија. Од минатата година кај нас изработен е и нов закон за платен промет (на кој работел тим од десетина експерти од ЕУ) кој ги има применето најновите европски директиви за платен промет, но законот треба да биде усвоен што исто така ќе помогне да се надминат пречките за компаниите како Пејпал.
Многумина посакуваат промените да се случат што побрзо и Македонија да го напушти друштвото во кое сега се наоѓа кај Пејпал – во групата земји под „посебен режим“ заедно со: Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Узбекистан, Иран, Ирак, Либан, Либија…