Финансии / Банкарство
ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ЌЕ ФОРМИРААТ РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ
Златко Ветеровски
Царинска управа на Република Македонија
Кон регионалната економска област...
Во 2003 година на земјите од Западен Балкан им беше ветено дека нивната иднина претставува членството во Европската Унија. Додека Европјаните еднаш ги насочија своите надежи за трансформација на регионот на Западен Балкан што го сочинуваат 20 милиони жители во процесот на пристапување, денес тие нивната верба и надеж ја ставаат на трговијата и на инвестициите.
Земјите од Западен Балкан се соочуваат со низок степен на раст и високо ниво на невработеност, особено кај младите. Додека во претходната декада просечниот бруто домашен производ (БДП) по жител во регионот на ЦЕФТА се приближи за речиси 8,5 % поблиску до просекот во Европската Унија, ова приближување како да запре стеснувајќи го јазот за само 1 % во првата половина на оваа декада. Самитот од Трст, во рамките на Берлинскиот процес за Западен Балкан, што се одржа во јули 2017 година во Трст и на кој присуствуваа и лидерите на Германија, на Франција и на Италија имаше цел да се справи со овие проблеми со прифаќање на идејата за создавање регионална економска област и ЕУ-фондови за поддршка на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.
Создавањето на регионалната економска област е поткрепено со консолидиран повеќегодишен план на активности, индикативни временски рокови за остварување на овие активности. Во планот, исто така, се наведени одговорните институции/тела за негово спроведување, како и начините на координација заедно со крајниот резултат што треба да биде постигнат во создавањето на регионалната економска област. Според овој план регионалната економска област треба да се финализира за период од шест години, односно најдоцна до 2023 година.
Заради остварување на овие цели, земјите членки на Западен Балкан на состанокот во Трст ја потврдија нивната определба дека за остварување на консолидираниот повеќегодишен акциски план потребно е солидно управување со јасни правила за комуникација и постојан мониторинг на напредокот. Институционалната структура што треба да го поддржи спроведувањето на консолидираниот повеќегодишен акциски план е двострана. Од една страна, тоа се надлежните органи во земјите членки на Западен Балкан, надлежните министерства и институции, што треба да бидат водечки тела во напорите за примена на овој план на сите нивоа (во таа насока, земјите членки на Западен Балкан се обврзале да назначат еден единствен координатор за секоја земја членка за следење на примената на консолидираниот повеќегодишен акциски план). Од друга страна, надлежни за примена на овој план треба да бидат постоечките регионални структури што имаат надлежност за координација на активностите и следење на напредокот како што се Секретаријатот на ЦЕФТА и Регионалниот совет за соработка.
Со консолидираниот повеќегодишен акциски план не е предвидено создавање на какви било нови институции или организации. Примената на консолидираниот повеќегодишен акциски план и создавањето регионалната економска област во никој случај не треба да се поистоветува со создавање на царинска унија бидејќи таа нема да претставува царинска унија и земјите членки на ЦЕФТА и понатаму ќе можат водат автономни трговски политики и да имаат индивидуални царински тарифи со автономни царински стапки кон трети земји. Тоа практично значи дека нема да постои хармонизирана заедничка царинска тарифа за цела ЦЕФТА, туку и понатаму како досега секоја земја членка ќе има сопствена автономна царинска тарифа.
Што претставува регионалната економска област и кои се основните компоненти што ја сочинуваат? Развојот на регионалната економска област, како што е предвидено во повеќегодишниот акциски план, предвидува примена на многу дејствија и активности во периодот 2018 – 2023 година во следниве четири области: трговија, инвестиции, мобилност и дигитална интеграција.

ЦЕФТА ПРЕТСТАВУВА ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА КАДЕ ДОГОВОРНИ СТРАНИ СЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, АЛБАНИЈА, СРБИЈА, БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА, КОСОВО, ЦРНА ГОРА И МОЛДАВИЈА.
1. Трговија
Трговската политика што се применува од телата во земјите членки на ЦЕФТА врз основа на ЦЕФТА-договорот и нивните билатерални договори за слободна трговија со другите трговски партнери обезбедуваат значително ниво на отвореност во трговијата во ЦЕФТА. Трговијата со стоки е либерализирана и степенот на трговската отвореност кај земјите членки е многу висока. Паралелно, за време на преговорите на дополнителниот Протокол 6 кон ЦЕФТА-договорот, постигнато е значително ниво на либерализација на трговијата со услуги.
Земјите членки на ЦЕФТА треба да ги применат овие активности според областите од Акцискиот план во областа на трговската политика со цел да се исполни целта за создавање регионална економска област во Западен Балкан врз основа на почитувањето на условите на ЕУ за поддршка на напорите за привлекување повеќе инвестиции, намалување на трошоците за трговијата и елиминирање на бариерите за пристап на пазарот со цел да се оптимизираат трошоците за производство. Целта на оваа активност е да се претвори регионот во област каде што стоките, услугите и инвестициите и обучените работници треба да се движат слободно без плаќање царини, квоти или други непотребни бариери, каде што трговијата е олеснета на повисоко ниво од правилата на СТО со цел признавање на сите гранични документи, онаму каде што може да се примени.
Секретаријатот на ЦЕФТА треба да продолжи да ги мониторира нецаринските мерки низ целиот регион. Со цел да се постигне тоа, секоја година ќе се изработува годишен извештај што треба да ги содржи главните пречки во трговијата. Во извештајот треба посебно да се содржани постоечките препреки со кои се соочуваат компаниите и нарушувањата во трговијата што ги пријавиле компаниите во регионот.
Во рамките на регионалната економска област важна улога треба да има приватниот сектор во систематското набљудување на нецаринските мерки во трговијата со услуги, каде што Инвестицискиот форум на стопанските комори од Западен Балкан треба значително да придонесе за подобрување на постоечката структура. Исто така е предвидено понатамошно продлабочување на соработката во областа на решавањето на спорови, олеснување на трговијата, либерализацијата на трговијата со услуги, електронска трговија, движење на високообучен кадар, создавање атрактивна регионална област за привлекување странски инвестиции, целосна кумулација на потеклото на стоките и можност за враќање на увозните давачки.
Практично со целосното воспоставување на регионалната економска област треба да се постигне еден вид заеднички единствен пазар каде што движењето на стоките во рамките на земјите членки на ЦЕФТА ќе биде значително олеснето бидејќи транспортните средства треба да ги минуваат границите без никакви задржувања и чекања. Ова треба да се постигне преку следниве активности што се наведени во консолидираниот повеќегодишен акциски план: зајакнување на механизмите за набљудување и спроведување на законите, меѓусебно прифаќање на сите гранични документи, воведување на концепт за регионални овластени економски оператори, создавање заеднички платформи за размена на податоци меѓу сите гранични агенции. Слободното движење на стоките во рамките на регионалната економска интеграција треба да се постигне и преку подобрување на заеднички профили на ризик на царинските органи и другите гранични органи, заедничко управување со анализа на ризикот и создавање заеднички гранични премини, потоа преку развој на заедничка соработка и меѓусебно признавање на документите што ги издаваат телата за надзор на пазарот во рамките на ЦЕФТА.
Регионалната економска област треба да биде дел на паневромедитеранската зона на кумулација на еднаква основа за сите договорни страни каде што треба да се применува целосна кумулација на потеклото на стокит, со додавање производствени операции наместо надополнување со потеклото на стоките, што како крајна цел треба да овозможи подобри услови за добивање статус на потекло на стоките.
Во рамките на регионалната економска област предвидена е анализа на потенцијалното приближување на царинските стапки од царинските тарифи на земјите членки на ЦЕФТА со царинските стапки на заедничката царинска тарифа на Европската Унија, елиминирање на дискриминаторските практики во постапките на јавните набавки и постојано мониторирање на нецаринските бариери во трговијата со стоки и со услуги.
2. Инвестиции
Поголема регионална хармонизација на инвестициските политики претставува значителен потенцијал за економиите на Западен Балкан во развојот на потенцијалот за раст, создавањето нови работни места и економска конвергетност со ЕУ и повисок раст. Постои значителен потенцијал за забрзување на регионалната економска интеграција во сите држави на Западен Балкан преку создавање агенда за регионална инвестициска реформа. Отстранувањето на бариерите за регионални инвестиции овозможува можност за економии на обем, географски диверзификувани бизниси и севкупно поефикасна алокација на ресурсите во рамките на регионалниот пазар и на тој начин постигнување забрзување на интеграцијата на компаниите од регионот во меѓународниот вредносен синџир. Покрај тоа, земјите од Западен Балкан се обврзаа да создадат и да имплементираат регионална инвестициско-реформска агенда што треба да води кон поголема хармонизација на регионалните инвестициски политики, што се усогласени со стандардите на ЕУ и меѓународните стандарди и да придонесат за значителни нови можности за приватниот сектор.
Примената на агендата за инвестиции треба да придонесе за побрз развој на економиите на Западен Балкан и да ги поттикне стратегиите за економски развој поврзани со т.н. „паметен раст“ што се базира на знаење и на иновации, со употреба на искуството на ЕУ и платформи за паметни специјализации, зелен раст, развој на вредносните синџири, трансфер на технологијата и изградба на дигитална економија што се базира на знаење.

РЕГИОНАЛНАТА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ НЕ ПРЕТСТАВУВА АЛТЕРНАТИВА ЗА ПРОЦЕСОТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ НА ЧЛЕНСТВО ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА. ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЦЕФТА ТРЕБА ДА ЈА ГЛЕДААТ ОВАА РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА КАКО ОТСКОЧНА ШТИЦА КОН ЧЛЕНСТВОТО КОН ЕУ И ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ КРИТЕРИУМИ ОД КОПЕНХАГЕН
3. Мобилност
Локалните економски придвижувања произлегуваат од регионалното агломерирање на активности – што произлегуваат од индустриите што се водат од иновации, како и од другите услужни индустрии што следат и применуваат високи технологии. За да може да се создаде и да се одржи меѓународната конкуретност, задржување и дополнително зголемување на човечкиот интелектуален капитал е од фундаментална важност за развојот на економиите што се базираат на знаењето во областа на Западен Балкан. Во растечката глобална економија, степенот до кој меѓународните високообучени канали на мобилност се формирани во регионот и меѓу регионот и ЕУ е прашање од суштинска важност. Подобрата интеграција на високообучени професионалци и научници во професионалните и во истражувачките мрежи, во Европската истражувачка област и во Европската област на високо образование треба да придонесе за значителни погодности за миграцискиот регион на Западен Балкан.
Во таа насока Агендата за мобилност што е дел од консолидираниот повеќегодишен акциски план треба да придонесе за отстранување на пречките за мобилност на професионалците преку договори за меѓусебно признавање на професионалните квалификации во сектори од обостран интерес (лекари, стоматолози, архитекти и градежни инженери), отстранување на бариерите за мобилност на висококвалификувана работна сила, посебно преку заеднички стандарди и постапки за автоматско признавање на академските квалификации и отстранување на препреките за мобилност на студентите, истражувачите и професорите преку заеднички политики, мерки и инструменти што се наменети да придонесат за зголемување на академската и на истражувачката мобилност и соработка.
Агендата за мобилност треба да биде поддржана со подобрена соработка меѓу науката и индустријата, вклучувајќи трансфер на технологија и создавање стартапи, стратегии за паметна специјализација, соработка со регионалните центри за знаење и платформи за образование на млади научници и инженери. Практичните чекори, како што се отстранување на визите, треба значително да придонесат за постигнување на целите од Агендата за мобилност.
4. Дигитална интеграција
Дигиталната трансформација го менува начинот на кој комуницираме, работиме, учиме и живееме. Таа го менува начинот на кој ги извршуваме деловните активности и соработката со органите на земјите од Западен Балкан. Употребата на дигиталната технологија може да придонесе за создавање значителни погодности во поглед на брзината, на ефикасноста и на транспаретноста преку границите во многу различни сектори. Искористувањето на потенцијалите на дигиталната интеграција обезбедува понуда на иновативни и конкуретски услуги за потрошувачите и бизнис-заедницата и дејствува како важен лост за општествено-економскиот развој, создавање високовреднувани работни места и општество што е базирано на знаење.
Во рамките на консолидираниот повеќегодишен акциски план треба да биде усвоена дигиталната агенда каде што земјите членки треба да го поддржат регионалниот пристап за побрза меѓувладина соработка во дигиталната област и олеснување на интеграцијата во Европскиот дигитален единствен пазар. Таа треба да придонесе за развој на дигиталната инфраструктура и подобрена регионална поврзаност, координирани политики во областа на слободен регион без роаминг, подобрена компјутерска сигурност и заштита на податоци, подобрени дигитални вештини и забрзана дигитализација, како и развој на паметни технологии во ЦЕФТА-регионот.
За примената на консолидираниот повеќегодишен акциски план и создавањето регионална економска област што треба да биде создадена до 2023 година потребно е силно партнерство меѓу сите надлежни тела и институции во земјите членки на ЦЕФТА, приватниот сектор, меѓународните организации и донаторите во обезбедување поддршка за постигнување на целите заедно со Европската Унија.
Целосната примена на консолидираниот повеќегодишен акциски план и создавањето регионална економска интеграција треба да придонесе земјите од Западен Балкан во областа на економската интеграција да бидат слични на земјите членки на ЕФТА (Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн). Тоа за нив ќе придонесе за значително подигнување на нивото на економска интеграција и обезбедување слобода на движење на стоки, на работници, на услуги и на капитал.
Регионалната економска област не претставува алтернатива за процесот за пристапување на членство во Европската Унија. Земјите членки на ЦЕФТА треба да ја гледаат оваа регионална економска интеграција како отскочна штица кон членството кон ЕУ и исполнување на економските критериуми од Копенхаген. Примената на консолидираниот повеќегодишен акциски план треба да го забрза процесот на пристапување кон ЕУ за секоја од земјите членки на ЦЕФТА.