Финансии / Банкарство
ПСИХОЛОГИЈАТА НА ЕКОНОМСКОТО ОДНЕСУВАЊЕ И ЛИБЕРТАРИЈАНСКИОТ ПАТЕРНАЛИЗАМ НА ДРЖАВАТА
Владимир Филиповски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Нобеловата награда за економија за 2017 година му е доделена на американскиот економист Ричард Талер (Richard Thaler) од Универзитетот во Чикаго. Во официјалното соопштение на Нобеловиот комитет стои дека Талер ја добива Нобеловата награда за економија за „неговите придонеси во бихејвиоралната економија“.
Економистите одамна забележале дека однесувањето на луѓето во реалниот живот често отстапува од моделот на рационална калкулација базирана на располагање со сите потребни информации и со земање предвид на бројните алтернативи за алокација на ресурсите. Психолошките феномени, во форма на ограничувања во когнитивните способности и во содржината на преференциите на поединците, можат да доведат до отстапувања од моделот на рационалниот хомо економикус. Нобеловецот Ричард Талер дава фундаментален придонес во анализата на прашањата поврзани со отстапувањата од принципот на економска рационалност како што се: ограничените спознајни способности, тешкотиите во остварувањето самоконтрола и постоењето на социјални, т. е. општествени преференции[1].
Еден од психолошки заснованите феномени кои ги истражува Талер е т.н. ефект на расположливото богатство (endowment effect). Имено, емпириската опсервација покажува дека луѓето различно вреднуваат едно исто добро во зависност од тоа дали доброто го поседуваат или не. Односно цената која едно лице е подготвено да ја плати за да се стекне со едно добро е значително пониска од цената по која истото лице е подготвено да го продаде истото добро (кога го поседува него). Бихејвиоралното објаснување е дека самото откажување од некое добро што го поседуваме го сметаме како некој вид загуба, додека самото стекнување на истото добро го сметаме како некој вид добивка. Во овој контекст, експериментот на Талер и на соработниците се состоел од соочување на две, еднакви по број, групи случајно избрани испитаници при што испитаниците во едната група добиваат декорирани шолји за кафе, а оние од другата група не. Притоа оние кои ги поседуваат шолјите можат да им ги продадат на оние од групата која не поседува шолји. Статистички гледано, бидејќи примерокот е случаен, очекувано сценарио е дека во просек двете групи еднакво ќе ги вреднуваат шолјите, па оттука дека половина од шолјите ќе бидат продадени/купени. Но, резултатите од експериментот покажале дека фактички биле разменети многу помалку од половина од шолјите. Тоа индицира дека продавањето на шолјите се смета за еден вид загуба. Талер тоа го поврзува со психолошкиот феномен на аверзија кон загуба (loss aversion).
Вториот придонес на Талер е поврзан со една специфична теорија наречена ментално сметководство. Тоа е психолошка теорија која се обидува да објасни како ограниченоста на спознајниот капацитет на човекот влијае при носење одлуки за потрошувачка, за штедење, за купување/за продавање финансиски имоти и сл. Менталното сметководство се базира на опсервацијата дека луѓето честопати мисловно ги групираат издатоците во различни категории по намени (исхрана, облека, домување). Секоја од овие категории се врзува за посебна ментална сметка, а секоја ментална сметка „си има“ свој буџет и сопствена референтна точка, па оттука парите за различни сметки „не се мешаат“ меѓу себе. Со оваа теорија се објаснува, на пример, ситуацијата кога едно лице има истовремено и штедна сметка и кредитна картичка. Бидејќи кредитната картичка има повисока каматна стапка во однос на штедната сметка, изгледа како ваквата ситуација да е спротивна на принципот на економска рационалност. Бихејвиоралното објаснување е дека поседувањето штедна сметка е начин за справување со проблемот на недоволна самоконтрола во потрошувачката, во смисла дека одржувањето на заштедите на одредено „референтно“ ниво е начин да го самоограничи поривот за прекумерно трошење.

Ричард Талер, добитник на Нобеловата награда за економија за 2017 година
Друг пример за ментално сметководство е поврзан со однесувањето на луѓето во казино. Често човекот-коцкар прави дистинкција меѓу сопствените пари со кои почнува да се коцка и парите кои евентуално би ги остварил во текот на коцкањето при успешен облог. Овие две суми на пари ги распределува во две посебни ментални сметки. Притоа парите добиени при успешен облог играчот ги смета како пари добиени од „куќата“, т. е. казиното (т.н. house money), па кон тие пари играчот има поинаков однос отколку кон сопствено вложените. Со парите од „куќата“ тој е подготвен да влезе во многу поголем ризик (со нив тој станува „трагач по ризик“), додека со сопствените пари тој е аверзичен кон ризикот, т. е. настојува да го минимизира ризикот.
Друга психолошка димензија при одлучување за економски прашања е постоењето ограничена моќ за самоконтрола. Луѓето се најчесто преокупирани со користите кои можат да ги остварат денес, а многу малку ги земаат предвид користите кои би можеле да ги остварат во некој подалечен иден период. Или како што тоа го формулираат Талер и соработниците, кај човекот постои тензија меѓу двете битија вклучени во неговата личност: битието на планер (оној кој гледа на долг рок и прави предвидувања за идниот период) и битието на извршувач (оној кој гледа на краток рок и спроведува економски активности денес, во сегашниот момент). Недостигот на самоконтрола е резултат на доминацијата на импулсивност на битието на извршувачот во однос на промисленоста, рационалноста на битието на планерот. Оттука луѓето често имаат проблем да се откажат од пушењето, иако се свесни за позитивностите од таквата постапка за нивното долгорочно здравје. Или луѓето најчесто недоволно издвојуваат за штедење за пензионерските денови, иако се свесни дека и по пензионирањето ќе треба да имаат обезбедено пристоен животен стандард. Талер и соработниците одат чекор понатаму со тоа што предлагаат посебни типови политики со кои можат да се поттикнат луѓето да носат одлуки кои ќе бидат оптимални и од аспект на нивната долгорочна благосостојба. За таквите политики Талер го користи специфичниот англиски термин Nudging, чие значење во контекст на економските политики може да се опише на следниот начин: тоа се минимално инвазивни политики кои со „благо поттикнување“ го насочуваат поединецот да го избере она што според него е во негов најдобар интерес; тоа се политики со минимално ограничување на слободата на дејствување на поединците од страна на државата. Природата на ваквите политики може да се опише и со синтагмата либертаријански патернализам.
Во овој контекст, Талер и соработниците излегуваат со конкретен предлог-дизајн за приватните пензиски шеми со цел зголемување на пензиското штедење и со тоа надминување на бихејвиоралниот проблем на недоволна самоконтрола во врска со тоа. Нивната програма „Заштеди повеќе во иднина“(“SaveMore Tomorrow”, (SMarT)) се базирала на следниве елементи: 1) вработените - осигурениците одлучуваат дали да ги зголемат своите пензиски придонеси значително време пред порастот на нивните плати со кој е врзан порастот на придонесите; 2) првиот пораст на пензискиот придонес е однапред поврзан со првиот пораст на платата; 3) стапката на придонес расте при секој иден пораст на платата, сѐ додека не го достигне претходно утврдениот минимум; 4) вработените доброволно влегуваат во планот и, што е многу важно, можат да излезат од пензискиот план во секое време.
ИНКОРПОРИРАЊЕТО НА СОЗНАНИЈАТА ОД ПСИХОЛОГИЈАТА ВО СТАНДАРДНАТА ЕКОНОМСКА АНАЛИЗА ДОВЕДОА ДО СОЗДАВАЊЕ НА ЦЕЛ ЕДЕН ПРАВЕЦ НАРЕЧЕН БИХЕЈВИОРАЛНА ЕКОНОМИЈА, КОЈ ПАК ИМА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ МНОГУ ПОДРАЧЈА НА ЕКОНОМСКАТА НАУКА. НОБЕЛОВЕЦОТ РИЧАРД ТАЛЕР ЈА ПРЕТВОРИЛ БИХЕЈВИОРАЛНАТА ЕКОНОМИЈА ОД МАРГИНАЛНО ПОДРАЧЈЕ ВО ДЕЛ ОД МЕЈНСТРИМОТ НА СОВРЕМЕНАТА ЕКОНОМСКА НАУКА ПРЕКУ СВОИТЕ ТЕОРЕТСКИ И ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИ ИСТРАЖУВАЊА, НО И СО ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ДИЗАЈНИРАЊЕ НА МИКРОЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ
Уште една клучна карактеристика на ваквиот пензиски план е постоењето на т.н. дифолт (default) опција. Тоа е претходно дефинирана, стандардна опција на програмата за висината на пензискиот придонес и за инвестициската стратегија со која ќе се инвестираат пензиските заштеди. Таквата опција практично претпоставува дека со зачленувањето осигуреникот автоматски ја прифаќа таа опција (automatic enrollment). Иако ваквата опција значи редуцирање на изборот на осигурениците, емпириските истражувања покажале дека таа, всушност, ја зголемила партиципацијата во компаниските пензиски шеми од 49 % на 86 %. Користењето предетерминирана опција чие прифаќање е автоматско при зачленувањето претставува апликација на идејата дека е многу важно каква е архитектурата на изборот, т. е. во какво окружување, дизајнирано од носителите на политиките, слободните поединци носат сопствени одлуки бидејќи честопати постои бихејвиоралниот феномен на тежнеење кон статус кво, т. е. прифаќање на она што е постојна понудена програма.
Третиот аспект на човековата психологија, кој има влијание врз економското однесување, е поврзан со релацијата: општествени (т. е. социјални) наспроти тесните приватни преференции кај луѓето. Тука се работи за отстапувања од стандардната претпоставка дека економските субјекти го следат само индивидуалниот сопствен интерес и не се грижат за благосостојбата на другите луѓе. Спроведувајќи експерименти со групи студенти - испитаници, Талер и соработниците доаѓаат до заклучок дека, на пример, кога на испитаниците им е дадена сума од $20 и треба да изберат дали да ја поделат со друг испитаник во сооднос $18 за себе и $2 за другиот или да ја поделат на еднакви два дела (по 10 на секој), тогаш мнозинството (76 %) ја избира опцијата на еднаква распределба. Понатаму, кога екпериментот е структуриран и на поинаков начин – на пример, кога првиот учесник предлага одредена поделба на богатството, а вториот учесник има опција да прифати или да одбие (со тоа што ако одбие и двајцата не добиваат ништо) – тогаш, повторно, резултатите од експериментите покажуваат значајно влијание на идејата за правичност и порамномерна распределба на богатството, а не преокупираност со максимизирањето на индивидуалниот материјален интерес.
Во контекстот на идејата за социјална правичност, за потрошувачите е поприфатливо кога фирмите ги зголемуваат цените поради пораст на трошоците отколку поради краткорочен пораст на побарувачката. На пример, кога по голема снежна бура фирмата би ја зголемила цената на лопатите за чистење снег за да профитира од краткорочниот скок на побарувачка, потрошувачите тоа би го сметале за нефер однесување на фирмата, т. е. за обид за експлоатирање на потрошувачите преку злоупотреба на пазарната моќ на фирмата. Ова може да се поврзе и со проблемот на ограничената рационалност поради когнитивните лимити. Имено, ако порастот на цената е „обликуван“ (framed) како намалување на дисконтот во однос на основната цена, тоа за потрошувачите е поприфатливо и се смета за пофер отколку ако порастот на цената е изразен како пораст на самата основна цена. Тука е на дело психолошкиот феномен на т.н. аверзија кон загубата – намалувањето на дисконтот се перципира како намалување на добивката, а зголемувањето на цената се перципира како чиста загуба за потрошувачот. Слично на ова работниците полесно би „прифатиле“ намалување на реалната плата преку комбинација на непроменета номинална плата и позитивна стапка на инфлација, отколку намалување на номиналната плата кога инфлацијата е, на пример, нула.
Инкорпорирањето на сознанијата од психологијата во стандардната економска анализа доведоа до создавање на цел еден правец наречен бихејвиорална економија, кој пак има влијание врз многу подрачја на економската наука. Нобеловецот Ричард Талер ја претворил бихејвиоралната економија од маргинално подрачје во дел од мејнстримот на современата економска наука преку своите теоретски и експериментални истражувања, но и со препораките за дизајнирање на микроекономските политики.
[1] Во овој прилог се користени информации од: The Committee for the Prize in Economic Sciences in Memory of Alfred Nobel, “Richard H. Thaler: Integrating Economics with Psychology”, Scientific Background on the Sveriges Riksbank Prize in Economic Sciences in Memory of Alfred Nobel 2017, 9. October, 2017.