Финансии / Банкарство

КАКО ОПТИМИЗМОТ ДА СЕ ПРЕТОЧИ ВО ЕКОНОМСКИ РАСТ

Мирче Јовановски

Авторот е новинар

Анкетите одамна не покажувале толку позитивни очекувања и мислења дека работите се движат во позитивна насока – аналитичарите тоа го сметаат за вистински ветар во „едрата“ за носителите на економската политика во земјава да носат храбри одлуки.

 „Медениот месец“ – првите 100 дена од формирањето на новата Влада се зад нас, а погледите сега се свртени кон иднината: Дали владините мерки, но и оптимизмот кои го покажуваат анкетите на јавното мислење ќе се преточат во посакуваниот економски раст и во зголемување на животниот стандард? И дали приватниот сектор со сопствени проекти и инвестиции ќе биде кадарен да испорача резултати кои ќе овозможат одржлив раст и на тој начин да стане „моторот“ кој ќе ја движи економијата без премногу големо „дотурање гориво“ од страна државата, каков што беше случај досега? Работите во моментов се прилично измешани – од една страна се позитивните очекувања на повеќето граѓани, а од друга не баш поволната економска реалност. Кога на сево ова ќе му се додаде факторот време, односно потребата резултатите да дојдат пред да исчезне постојниот елан, тогаш неизвесноста станува уште поголема.

Оптимизмот дека иднината ќе биде посветла одамна не бил толку изразен како сега, барем ако се суди според анкетата на американскиот Републикански институт (ИРИ), која беше направена од 4 до 21 август, а беше презентирана на 19 септември. Секој трет испитаник, или 33 отсто, сметаат дека во наредните две години економијата во Македонија ќе биде подобра, што е најдобар резултат уште од декември 2009 година. Значително е намален бројот на оние кои сметаат дека ќе биде полошо – 23 отсто од испитаниците, што е убедливо најмал процент во последниве десетина, па и повеќе години. Преостанатиот дел од испитаниците (35 отсто) сметаат дека состојбата ќе остане иста, а 9 отсто не знаат или одбиле да одговорат. Во слична насока се и одговорите на прашањето дали Македонија се движи во вистинска или во погрешна насока. Дваесет и седум отсто сметаат дека се движи во вистинска насока, што е речиси како во јануари 2016 година (тогаш вака се изјасниле 28 отсто од испитаниците), но истовремено е значително повеќе во однос на март годинава кога само 14 отсто од анкетираните сметале дека правецот кој го има фатено државава е оној вистинскиот. Од друга страна, значително опаѓа бројот на „песимистите“ – оние кои сметаат дека земјава се движи во погрешна насока – од 56 отсто во март годинава на 40 отсто во август.

ДАЛИ ПРЕДЛОЖЕНИТЕ МЕРКИ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ МОЖАТ ДА ПРИДОНЕСАТ ПРИВАТНИОТ СЕКТОР СО СОПСТВЕНИ ПРОЕКТИ И ИНВЕСТИЦИИ ДА ИСПОРАЧУВА РЕЗУЛТАТИ И ДА СТАНЕ „МОТОРОТ“ КОЈ ЌЕ ЈА ДВИЖИ ЕКОНОМИЈАТА БЕЗ ПРЕМНОГУ ГОЛЕМО „ДОТУРАЊЕ ГОРИВО“ ОД СТРАНА ДРЖАВАТА?

Ваквите одговори, и другите, како на пример за економската ситуација во семејствата, за квалитетот на животот, како и на прашањата за политичката ситуација, стабилноста, приближувањето кон ЕУ и НАТО итн., аналитичарите ги сметаат за вистински „ветар во едрата“ за носителите на економската политика во земјава да носат храбри одлуки.
Владата тргна амбициозно – на изминувањето на првите 100 дена беше зголемена минималната плата, се укина радиодифузната такса, беше донесен Законот за стечајците, а беше презентиран и План за економски раст за кој дискутираа стопанствениците, академиците, претставниците на меѓународните финансиски институции, странските дипломати... Планот се темели на три столба – мерки за нови гринфилд инвестиции и за зголемување на конкурентноста на економските субјекти, за поддршка на извозот и за поддршка на малите и средни претпријатија. По исцрпување на јавните дебати, мерките ќе бидат преточени во официјална владина економска програма. Се нудат низа поволности за постојните и за новите инвеститори, а поддршката главно е насочена за успешните компании, за оние кои ќе произведуваат и ќе вработуваат повеќе, за малите и средни претпријатија, поддршката за странските инвестиции се врзува за соработката со домашните...
Генерално оцените за предлог-мерките се позитивни. Според Стопанската комора на Македонија „основата на овој план во одредена мера се совпаѓа со моделот на економски развој кој Стопанската комора на Македонија го промовираше во 2010 година и во кој беа наведени 10 клучни прашања како нов модел или стратегија за забрзан економски развој“.

ВЛАДАТА ТРГНА АМБИЦИОЗНО – НА ИЗМИНУВАЊЕТО НА ПРВИТЕ 100 ДЕНА БЕШЕ ЗГОЛЕМЕНА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА, СЕ УКИНА РАДИОДИФУЗНАТА ТАКСА, БЕШЕ ДОНЕСЕН ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИТЕ, А БЕШЕ ПРЕЗЕНТИРАН И ПЛАН ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ ЗА КОЈ ДИСКУТИРАА СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ, АКАДЕМИЦИТЕ, ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ, СТРАНСКИТЕ ДИПЛОМАТИ... ПЛАНОТ СЕ ТЕМЕЛИ НА ТРИ СТОЛБА – МЕРКИ ЗА НОВИ ГРИНФИЛД ИНВЕСТИЦИИ И ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ЕКОНОМСКИТЕ СУБЈЕКТИ, ЗА ПОДДРШКА НА ИЗВОЗОТ И ЗА ПОДДРШКА НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

„Идејата за тој модел беше да се поттикнат производството и извозот во чија основа ќе биде и економската поврзаност со претприемачите од малите земји, задолжителна консултација на бизнисот при донесување на законите и на подзаконските акти, поддршка и промоција на извозот како потреба на бизнисот, привлекување странски инвестиции како приоритет за зголемување на надворешно-трговската размена, а притоа ставајќи фокус и на домашните компании со соодветна поддршка“, соопштија од Комората. Од таму очекуваат при финалното конципирање и усвојување на мерките да се земат предвид и сугестиите кои ќе стигнат од бизнис-заедницата.
Од Институтот за економски истражувања и политика Фајнанс тинк сметаат дека мерките ќе им дадат позитивен финансиски импулс на компаниите на краток рок. „Стратегијата за ориентирање кон извозот, односно создавање нова вредност во економијата преку извоз би обезбедила подолгорочна стабилност на бизнис-секторот“, се вели во нивната анализа. Сепак, како што додаваат, треба да се води сметка и за унапредување на капацитетите на домашните компании од аспект на идентификување потреба и свесност за технолошки развој, иновативност и меки вештини за доближување до капацитетите на странските компании. „Ова е важно со цел на среден рок малите и средните компании да станат поконкурентни и самоодржливи“, велат од оваа тинк-тенк организација при што дава и повеќе препораки, меѓу кои и финансиската поддршка за извоз директно да биде сврзана со извозот на финални производи и производи со највисока домашна додадена вредност.
Веројатно клучен проблем со кој ќе се соочат од економскиот тим на Владата е факторот време. Статистичките податоци за првите шест месеци од годинава покажаа значително влошување на некои од најважните економски показатели – домашниот бруто-производ во вториот квартал беше помал за 1,8 отсто по нултиот раст во првите три месеци, индустриското производство во јули годинава беше помало за 2,2 процентни поени во однос на истиот месец лани, додека во периодот јануари – јули 2017 година, во однос на истиот период минатата година, е поголемо за само 0,7 отсто...
Сето ова не е поволна стартна основа за реализирање на среднорочната цел за пораст на БДП од 5 отсто на годишно ниво. Според статистичките податоци во вториот квартал годинава најмногу потфрли главниот „мотор“ на економскиот раст – градежништвото, кое во овој период забележа пад од 17,3 проценти, што само се надоврза на намалувањето од 6,3 отсто во првиот квартал годинава. Потфрлија и преработувачката индустрија (пад во вториот квартал од 1,6 отсто), рударството и вадењето камен, снабдувањето со електрична енергија... (пад од 1,4 отсто), но и некои дејности кои немаат толку големо влијание врз БДП како уметноста, забавата и рекреацијата и други услужни дејности каде што намалувањето изнесуваше 10,5 проценти, стручните научни и технички дејности (пад од 4,7 проценти) итн.
Ваквите показатели не се изненадување имајќи предвид дека во овој период кулминираше политичката криза во земјава, а по формирањето на новата Влада токму во градежниот сектор беа обелоденети низа пропусти во изградбата на најважните инфраструктурни објекти во земјава каде што државава е главниот инвеститор – делниците на автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, што резултираше со стопирање на градежните работи. Со изгласувањето на измените на законите во Собранието, пролонгиран е рокот за нивна изградба, па треба да се очекува во наредните месеци тоа да се одрази и на економскиот раст.
Во оваа насока се и оцените на мисијата на ММФ, кој во текот на септември беше во редовна посета, при што констатираа дека продолжената политичка неизвесност зеде замав и се одрази врз економскиот раст, а најмногу „настрадаа“ инвестициите. ММФ ја намали и проекцијата за растот на БДП на скромни 1,9 проценти годинава.

ОД ММФ ОЧЕКУВААТ ИНФЛАЦИЈАТА ДА ДОСТИГНЕ 1,2 ПРОЦЕНТИ СО ШТО ЌЕ ЗАВРШИ ТРИГОДИШНАТА ДЕФЛАЦИЈА, КАКО И ДЕКА СРЕДНОРОЧНАТА ПЕРСПЕКТИВА Е ПОВОЛНА ВО УСЛОВИ НА КОНТИНУИРАНА ПОЛИТИЧКА СТАБИЛНОСТ И СТАБИЛНА НАДВОРЕШНА ПОБАРУВАЧКА, ШТО ЌЕ РЕЗУЛТИРА И СО ПОВИСОК ПОРАСТ НА БДП ВО 2018 ГОДИНА И НА СРЕДЕН РОК ДА СЕ ЗГОЛЕМИ НА ОКОЛУ 3,7 ОТСТО КАКО РЕЗУЛТАТ НА ЗГОЛЕМЕНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ, ПРОШИРЕНИТЕ ИЗВОЗНИ КАПАЦИТЕТИ И ПОДОБРУВАЊЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

„Продолжената политичка несигурност резултираше со забавување на реалниот раст на БДП на 2,4 отсто во 2016 година, што е најниско од 2012 година. Податоците за првата половина од 2017 година укажуваат на економска контракција предизвикана од пад на инвестициите. Сепак, растот на извозот остана стабилен, а приватната потрошувачка е еластична со помош на растот на вработеноста и зголемувањето на платите и на пензиите“, се вели во завршната изјава по посетата. Од ММФ очекуваат инфлацијата да достигне 1,2 проценти со што ќе заврши тригодишната дефлација, како и дека среднорочната перспектива е поволна во услови на континуирана политичка стабилност и стабилна надворешна побарувачка, што ќе резултира и со повисок пораст на БДП во 2018 година и на среден рок да се зголеми на околу 3,7 отсто како резултат на зголемените инвестиции, проширените извозни капацитети и подобрување на пазарот на трудот.
Состојбата дополнително се компликува и со неработењето на дел од големите комбинати – по Југохром, кој практично подолго време е замрзнат до исполнувањето на условите за добивање А-интегрирана еколошка дозвола, клуч му се заканува и на кавадаречки Фени, еден од најголемите извозни капацитети во земјава, кој има и големо учество во севкупното индустриско производство. Овој индустриски капацитет веќе две години има проблем поради ниската цена на никелот. Покрај тоа се зборува и за промена на сопственичката структура, но и за големи обврски кон банките. Во комбинатот се вработени околу 800 лица, производството е намалено на минимум и се стравува дека доколку печките бидат изгаснати тоа ќе значи и крај за комбинатот со оглед дека повторното вклучување би чинело околу 15 милиони евра. Евентуалната неповолна разврска околу Фени, ќе влијае и врз работењето на многу помали фирми кои соработуваат со комбинатот, но и врз профитите на банките каде што е задолжен Фени, кои ќе мора да одвојат поголеми износи за резервации. 

Допрва треба да се види како предложените економски мерки на Владата ќе влијаат и врз привлекувањето на странски директни инвестиции. Една од нивните основни цели е целосно изедначување на странските и домашните инвеститори и елиминирањето дискрециски одлуки со кои, како што изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на едни странски инвеститори им се одобрувале едни износи за отворање работно место, по околу 1 000 евра, а на други многу повисоки, и десетпати повеќе.
Странските директни инвестиции, особено оние во слободните технолошко-индустриски зони, работат со полн капацитет. Иако релативно малку на број, тие остваруваат одлични деловни и финансиски резултати кои неколкукратно ги надминуваат оние на другите домашни фирми. Во изминатиов период бенефициите што ги добиваат и трошоците кои ги имаше државата за привлекување на овие директни странски инвестиции беа често на тапет на повеќе анализи, дебати и трибини. Дилемата дали новата Влада е за или против странските вложувања ја расчисти вицепремиерот Анѓушев кој во презентацијата на мерките за економски развој рече дека постојните договори во целост ќе се испочитуваат и дека државава нема проблем со средствата кои ги издвоила за бенефиции за овие фирми (околу 28 милиони евра), како и со ослободувањето од персоналниот данок на доход и данокот на добивка во износ од околу 50 милиони евра (приходи кои и онака би ги немало доколку овие фирми не би биле во земјава), туку со непотребните трошења за реклами во домашни медиуми, како и со нетранспарентноста и дискрециските права при одредување на висината на бенефициите. Целта на мерките, како што објасни, е со отприлика ист износ на средства од Буџетот да се добијат подобри резултати.
Главниот предизвик сепак ќе биде прашањето колку Македонија може да се префрли на економски раст кој е придвижуван од приватниот сектор, а не толку од буџетските трошења. Инвестициите во инфраструктурата и финансирани од Буџетот, несомнено, и во наредниот период би требало да имаат значајна улога, но целта на предложените мерки е да се зголеми капацитетот на приватниот сектор, неговата конкурентност, продуктивноста, технолошката опременост, а странските инвеститори да ја зголемат соработката со домашните доставувачи, која сега изнесува само еден отсто од нивните вкупни набавки. Нереално е да се очекува чудо преку ноќ, особено што технолошкото заостанување, подобрување на образованието или пак стекнувањето на сертификатите на кои инсистираат странските компании за да може некоја од домашните фирми да стане дел од нивниот синџир на доставувачи не се постигне за кусо време.
Со оглед дека една од целите е зголемување на конкурентноста, не е лошо да се фрли поглед и кон последниот Извештај за глобална конкурентност на Светскиот економски форум каде што Македонија беше рангирана на 68. место од 138 земји. Таму како најпроблематични фактори за водење бизнис во земјава се посочуваа политичката нестабилност, пристап до финансирањето, неадекватно образованата работна сила, лошата работна етика кај домашната работна сила, неефикасната владина бирократија, несоодветната инфраструктура, корупцијата итн. од што јасно произлегува дека мерките за економски раст треба да се гледаат и во еден поширок контекст кој ќе овозможи целосно преструктурирање на економијата и фаќање чекор со развиениот свет.

ПРВО РЕЗУЛТАТИ, ПА ПОДДРШКА

Компаниите ќе можат да аплицираат за поддршка по завршувањето на фискалната година и по предавањето на завршната сметка пред даночните власти, а ќе ја добијат само доколку покажат раст во приходите и доколку покажат ненамалување на бројот на вработени.

„Целта е да ги поддржиме здравите компании и компаниите кои можат да испорачаат раст на економијата“, изјави на презентацијата на владините мерки вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој појаснува дека програмата нема да важи за компаниите кои се веќе бенефицирани, односно за оние кои работат регулирани дејности, лиценцирани дејности и кои имаат добиено концесии и веќе имаат пристап до националното богатство на Република Македонија. „Ќе важи само за компаниите кои се изложени на слободниот пазар и кај кои се обидуваме да ја зголемиме нивната конкурентност за да можат да бидат конкурентни дома, но уште поважно на меѓународниот пазар“, вели тој.
Мерките се поделени во три групи – едните за поддршка на целата економија, односно ги опфаќаат сите субјекти без оглед дали имаат странски или домашни инвеститори или дали се наоѓаат во некоја од технолошко-индустриските развојни зони или надвор од нив.
Втората група мерки се насочени кон извозно ориентираните компании, за дополнителна стимулација на нивниот извоз. „Растот на македонскиот БДП е можен само доколку извозот во него достигне 65 – 70 отсто наспроти денешните 50 – 53 отсто“, вели Анѓушев.
Третата група мерки се насочени кон малите и средни претпријатија кои треба да бидат еден од основните генератори на развојот на македонската економија заедно со големите претпријатија.
Од своја страна, пак, премиерот Зоран Заев истакна дека се важни крајните резултати.
„Не е доволно да ги поставиме само принципите и критериумите. Ќе го мониторираме процесот до крајните резултати. Така ќе имаме насока парите на граѓаните на Република Македонија да ги вложуваме на вистински начин за да даваат вистински резултати“, изјави Заев.

 

УСЛУГИТЕ, А НЕ ПРОИЗВОДСТВОТО, ЌЕ КРЕИРААТ РАБОТНИ МЕСТА

Паралелно со барањето модел кој најмногу ќе ѝ одговара на македонската економија и кој ќе овозможи нејзино поставување на патеката на одржлив раст, не е лошо да се види и како размислуваат некои од лидерите во светот на бизнисот. Еден од нив, основачот и сопственикот на Али баба, кинескиот мултимилијардер Џек Ма, во рамките на Блумберг глобалниот бизнис форум што се одржа во септември во Њујорк, истакна дека во наредните 30 години најголеми придобивки од глобализацијата може да очекуваат малите фирми. Патем, на форумот, кој се одржуваше за време на Генералното собрание на ОН, присуствуваше и премиерот Зоран Заев. Покрај Џек Ма, за новите предизвици во светот дебатираа и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, првиот човек на Епл Тим Кук, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс... Еве неколку поенти од инспиративното излагање на Џек Ма.
„Луѓето се загрижени поради големите податоци, вештачката интелигенција, компјутерите, клауд системите... Мислам дека тоа помалку или повеќе е многу нормално. Производството никогаш повеќе нема да обезбедува многу работни места. Во изминативе 200 години производството обезбедуваше работа, но денес поради вештачката интелигенција, поради роботите, производството не е веќе главниот ’мотор‘ за креирање работни места. Главен двигател за креирање работни места ќе бидат услугите. Затоа зборувајќи за производството не треба да зборуваме за мејд ин Чајна, мејд ин Америка, ќе биде мејд ин интернет. Најголемиот број од малите бизниси ќе бидат моќни, најголемиот број мали бизниси ќе станат глобални. Во изминативе 30 години корист од глобализацијата имаа 6 отсто од бизнисите во светот, пред сѐ големите компании. Во следните 30 години најмалку 60 отсто од малите бизниси ќе имаат корист од глобализацијата“, изјави Џек Ма.

ПРЕПОРАЧАНО