Финансии / Банкарство
ЗАВРШУВА ЕРАТА НА ФИЗИЧКИТЕ ПАРИ, ВРЕМЕ Е ЗА БИНАРНИ ФИНАНСИИ ВО МАКЕДОНИЈА
Павле Гацов
Авторот е Претседател на Собранието на Сојузот на сметководители на Република Македонија
Накратко за оние што немаат време да прочитат сѐ:
... „Ја следиме трагата на парите“ е главна флоскула водич за оние кои прават истраги за финансиски криминал. Но, ... „На готовите пари им се губи секаква трага...“ е пак водилка на оние кои учествуваат во финансискиот криминал. Трагата на парите се губи откако ќе го напуштат трансакцискиот коридор и ќе влезат во физички паричник (хартиени пари и монети). Од овде натаму следењето на трагата станува невозможно... За почеток е доволно интригантно. Натаму нека читаат заинтересираните и оние кои ги креираат паричните политики.
Мини вовед
Секојдневието честопати е основна причина да не се забележат трендовите и да се пропушта шансата за фаќање навремен приклучок со нив. Вообичаено луѓето се занимаваат со она што го знаат, што им е познато и со она што им е блиско и рутинско за работење. Поради ваквата секојдневна рутина, неискористени можности поминуваат пред очи.
Но, ваквото „секојдневие“ не смее да ги затапува креаторите на политиките кои водат одредени државни „кластери“ и чиј работен ден не смее да биде обичен, познат или пак да биде рутински. Тоа можат да си го дозволат соработниците со делегирани обврски. Несекојдневието е всушност она што влече напред и што треба да го практикуваат креаторите на монетарните и фискалните политики во државата, односно менаџментот со јавните финансии на државата, како и некои други субјекти што ги водат приватните финансии на економските субјекти.
По ваквиот општ вовед да продолжиме со финансиски речник, впрочем и основната тема на овој текст се финансиите – бинарните финансии.
За што се работи?
Пред повеќе години „откривме топла вода“ – ја афирмиравме идејата Република Македонија да отвори процес на целосно укинување на готовите пари и да изврши нивна замена со дигитални (бинарни) пари. И на страниците на списанието Економија и бизнис елабориравме повеќе аспекти за потребата од спроведување на една ваква монетарна реформа, за ефектите што ќе се добијат од тоа, за олеснувањата и заштедите... Еден сложен процес со едноставна идеја водилка – наместо готови пари (банкноти-хартиени пари и монети) да се направи нивна целосна замена со бинарни пари – пари кои нема да го напуштаат трансакцискиот коридор. Некои ова ќе го препознаат и како плаќање со картичка, со токен, преку пос терминал, плаќање преку компјутер, телефон, банкарско плаќање и сл.
Да се разбераме, бинарните денари не се никакви крипто валути, туку македонски национални пари што немаат материјална форма, денари кои се под целосна контрола на Народната банка на Репубика Македонија.
Зошто пишуваме повторно за оваа идеја? Најпрво, зашто сѐ уште не е реализирана и второ, поради пропуштените користи за сите економски субјекти, а најмногу поради пропуштените можности на државата.
Вистинско време е за реафирмирање на оваа идеја особено по јасните насоки што доаѓаат од централните банки на развиените земји креатори на финансиските трендови, од финансиските и од научните центри, но и од автори и експерти од областа на монетарните, деловните и јавните финансии.
Централните банки низ светот отвораат различни форми на акции во насока на воведување суверени (национални) дигитални валути. Овие валути можат да ги трансформираат сите аспекти на монетарниот систем и да го олеснат систематското и транспарентно спроведување на монетарната политика. Дигиталната валута на централната банка може да послужи како практично бесплатен медиум за размена, сигурен заштитник на вредностa на реалните добра и стабилна пресметковна единица. За да се постигне ова, валутата ќе биде пресметковно базирана и каматоноснa, а рамката на монетарната политика би била насочена кон реална ценовна стабилност, како и досега.
Бинарните денари и понатаму со полн капацитет би ја извршувале функцијата на пресметковна единица, разменско средство што ќе ги олесни економските и финансиските трaнсакции и средство за чување на богатство (штедење). Употребната вредност и на националниот дигитален денар нема да зависи од неговата материјална вредност, која е нула, туку од зададената номинална вредност и стекнатата доверба на јавноста во капацитетот на монетарната власт, цврстината на монетарниот систем и силата на економијата.
Денес, откако дигиталните машини и интернет-мрежите добија употреблива брзина за целосно дигитализирање на парите, централните банки на Норвешка, на Канада, на Шведска, вклучувајќи ја и Европската централна банка, ја разгледуваат можноста за воведување суверени бинарни валути. Некои централни банки имаат и предвидени временски рамки за донесување одлуки за лансирање на дигиталните валути. Во оваа насока се движи и Народната банка на Кина и Банката на Англија. Во скандинавските земји и во Северна Америка (САД и Канада) во најголем број на продажните места веќе стои ознака дека плаќањето со готови пари не е можно.
Да се разбереме, еднакво како хартиените и металните денари, дигиталниот денар чиј емитент останува Народната банка на Република Македонија би бил фиксен во номинална смисла, универзално достапен и би важeл како законско средство за плаќање за сите јавни и приватни трансакции. Ваквата дигитална валута е суштински различна од концептот на интернационални виртуелни валути создадени од приватни субјекти (биткоин (bitcoin) и сл.). Евентуалната пасивност на централната банка во овој сегмент може да биде сатурирана со вакви приватни виртуелни валути.
Главни предности од целосното демонетизирање на економијата
При разгледување на главните предности од целосното дематеријализирање на паричната единица, тргнуваме од логичната претпоставка дека бинарната валута во целост ќе ги исполнува основните функции на секоја национална (јавна) валута – средство за размена, чувар на вредноста и пресметковна единица за извршување на економските и финансиските трансакции. Во ваков контекст, бинарниот денар ќе ги има следниве обележја.

Речиси бесплатен медиум за размена
Трансакциските трошоци за чување на бинарните денари се сведуваат на мал трансакциски надоместок што го наплатуваат комерцијалните банки. Овој трошок може дополнително да се намали со вклучување на бинарни депозитни тела кои можат да ја вршат функцијата на провајдери на трансакциските пари. Овие тела можат да работат со комерцијалните банки под надзор на Народната банка и да порамнуваат преку КИБС. Многу брзо во платниот режим би се вклучиле и големите дигитални компании, анонимни финансиски субјекти... поради што НБРМ мора на време да уреди правила на игра.
Трошоците за евентуални нови софтверски решенија ќе бидат анулирани со остварените заштеди на печатењето и ковaњето на физичките пари. Ваквите заштеди ќе ја зголемат ефикасноста на платниот систем.
Воведувањето на домашна дигитална валута претставува природно продолжување на тековните монетарни трендови.
Безбеден чувар на номиналната вредност
Бинарните денари се каматоносни еднакво како и сегашните физички пари. Поседувањето 100 дигитални денари е еднакво на поседувањето 100 физички денари. Ако вторите можат да се чуваат во депозит, и првите можат исто така, можат да се претвораат во краткорочни државни хартии од вредност, но и во обврзници, во акции и сл. Каматната стапка на дигиталните пари е декларирана цена на позајмената/депонираната парична главнина исто како и сега.
Медиум за водење на монетарната политика на централната банка и кредитните политики на деловните банки
Електронските пари ѝ овозможуваат полн капацитет на централната банка во водењето на монетарната политика. Овие пари ја овозможуваат примарната емисија на НБРМ како и досега. Овозможуваат користење на монетарните алатки: задолжителна резерва, благајнички записи, обврзници, референтна каматна стапка... и сл. И комерцијалните банки нема да бидат со ништо ограничени во водењето на своите кредитни политики. Впрочем, и сега исплатата на кредити во готово е раритет.
Поради застареност и непотребност, хартиените валути ќе бидат исфрлени од употреба
Дигиталните денари ќе бидат целосно достапни до економската и персонална јавност со постепен временски распоред на целосно воведување и со сооднос за какви било трансфери на физичките пари за дигитални во сооднос 1 : 1.
Збогување и со банкоматите за готовина
Поради нефункционалноста и немањето потреба од готовина, актуелните банкомати ќе заминат во историјата или ќе се користат како алатки за дигитално плаќање.
Анулирање на трошоците за манипулирање со физичките пари
Актуелните трошоци за манипулација со физичките пари ќе бидат целосно анулирани, ќе нема потреба за нивен транспорт, физичко обезбедување, броење, уништување, попишување и сл.
Трезорските служби во комерцијалните банки и во НБРМ ќе добијат значително повеќе професионално слободно време кое, најверојатно, ќе го трошат во други сектори, на друга работа или дома.
Опасноста од инфлација не се зголемува поради променетата форма на парите
Дигиталните пари не го зголемуваат квантумот на пари во оптек само затоа што ја промениле својата форма. Напротив, масата на паричните агрегати не се менува ако не се менуваат политиките. Сепак, поради можноста за забрзување на трансакциските процеси, монетарниот мултипликатор веројатно ќе се зголеми, што може да создаде привид за повеќе пари во оптек и можност за почетна слаба инфлација. Централната банка може многу брзо ваквиот привид да го анулира.
Монетарна статистика во реално време
Дигиталните пари можат дигитално да се следат во реално време. Ова ќе овозможи подобрување на монетарната статистика и намалување на можностите за грешки. Истовремено ова создава можност за целосно автоматизирање на сметководството на комерцијалните банки и на НБРМ и можност за континуирано финансиско известување. Ваквите придобивки ќе ги „погодат“ и економските субјекти.
Поедноставување и поевтинување на прекуграничните трансакции
Дигиталните пари ќе овозможат побрзо и сигурно решавање на прекуграничните финансиски трансакции, како и јасно дефинирање на трошоците за конверзија.
Поевтинување на секојдневието
Дигиталните денари ќе бидат особено корисни за малите бизниси и за домаќинствата кои имаат тенденција да се потпираат во најголема мерка на готовина, кои се соочуваат со високи трошоци за чување на бескаматната готовина и високи трошоци за размена, домашна и прекугранична конверзија, подигање на готовина, плаќања со дебитни и кредитни картички и сл.
Намалување на криминалот
Дигиталните пари оставаат дигитална трага. И нивната кражба исто така би оставила трага. Дигиталната трага дефинитивно никогаш не се губи зашто постојано е во зоната на бинарните цифри. Поради ова политичарите ќе мора да се збогуваат со паричното мито и со паричната корупција зашто секој паричен трансфер ќе биде видлив и проверлив. И работодавачите нема да можат без да остават трага да бараат од вработените да им вратат дел од платата, да им исплатат К-15 што овие ќе го подигнат од банкомат и ќе им го вратат... и сл.
Фискалните користи се сепак најголема придобивка
Дигиталните денари ќе го обесхрабрат даночното затајување, перењето пари и другите нелегални активности што се олеснуваат со хартиената валута.
Дигиталните пари при секоја комерцијална трансакција ќе ги „алармираат“ даночната управа и финансиската полиција за направениот промет за кој задолжително ќе мора да се плати пропишаниот данок, исто така при исплатата на приходите на физичките лица... Со еден збор, можноста за даночна евазија мултиплицирано ќе се намали, а приходите во Буџетот сразмерно на тоа ќе пораснат. Сивата економија ќе „обели“ целосно. Замислете, и на мајсторот за поправка на чешмата ќе мора да му платите со бинарни денари (кеш ќе немате), а тој за заработеното ќе си плати персонален данок. На мали градежни фирми кои сега работат главно за готовина ќе им се плаќа трансакциски, а тие ќе платат даноци и нема да имаат можност да исплатуваат плата на вработените на црно, без платени јавни давачки.
Ова ќе значи и дека најавената владина мерка за враќање на 15 % ДДВ на граѓаните ќе стане демоде и непотребна. Зошто? Затоа што ефектите од таа мерка ќе бидат повеќекратно надминати со користите од целосната дигитализација на македонските национални пари – денари.
Еј, фискални убавини...