Финансии / Банкарство

НAJДOБРО Е КОГА ДРУГИ ЗБОРУВААТ ЗА ТВОЈОТ БРЕНД

Дарко Булдиоски

@darko156 newmedia.mk

Маркетингот со т.н. инфлуенсери е навистина нешто на што треба да се посвети сериозно внимание.

Една од темите за која се одлучивме да ја покриеме на претстојната AllWeb конференција е т.н. influencer marketing или маркетинг со луѓе кои се влијателни онлајн. Поради полесна комуникација, иако знам дека не е баш најсоодветно, во понатамошниот дел од текстот ќе ги „крстам“ инфлуенсери.
Зборот инфлуенсер во последно време често се слуша во маркетингот, но и надвор од овие кругови. Овој збор може да асоцира на позитивен, но и на негативен контекст, односно да се врзува со успех или со неуспех (fail) на некој бизнис, па затоа некои го сметаат и како поризичен дел во својата бизнис-стратегија.
Дискусиите за разликата меѓу влијателни и популарни одамна се актуелни, дури и јас ги имам обработувано во некоја од моите претходни колумни овде, но сепак во 2017 година оваа тактика стана супер актуелна на глобално ниво, па затоа решив да навлеземе малку во историјата на зборот и што всушност значи инфлуенсер маркетинг.
Инфлуенсери се луѓе кои имаат способност да влијаат врз други луѓе и нивните одлуки, ставови и мислења за одредени работи. Инфлуенсер маркетинг значи маркетинг преку овие луѓе наречени инфлуенсери. Овој тип маркетинг треба да е суптилен затоа што потрошувачите се веќе запознаени со оваа т.н. тактика и еден погрешен потег може да значи неволја или намален ефект за твојот бизнис.

Како до инфлуенсер маркетинг?
Доколку сакаш да го промовираш својот бизнис на овој начин, мора прво да знаеш што точно сакаш да постигнеш.
Прво и основно, биди многу претпазлив во изборот на инфлуенсери. Не секој е инфлуенсер и не секој што е инфлуенсер ќе ја заврши работата како што треба и ќе ти донесе профит. Мора да ги поврзеш твојот производ/услуга и инфлуенсерот за да создадеш приказна која ќе го фати „окото“ на потрошувачот и ќе ја разбуди потребата за твојот производ кај нив.
Дефинирај ги целите кои сакаш да ги постигнеш, твоите очекувања и точниот опис на работата заедно со условите и со роковите за нејзино извршување. Но, не заборавај да им дадеш слобода на креативноста и биди спремен да им дозволиш тие да го имаат последниот збор. Многу е важно инфлуенсерите да го задржат својот стил и начин на обраќање кон своите фанови. Нека го видат твојот производ со свои очи.

Можни предизвици
Во сѐ има и добра и лоша страна. Најголемиот предизвик кај овој вид маркетинг е дека мора да бидеш многу, многу претпазлив во сѐ што правиш. Мора да внимаваш да не одбереш инфлуенсер чии следбеници се лажни профили. Потрошувачите можат веднаш да забележат кога содржината не е оригинална.
Друга работа е што на социјалните мрежи има луѓе кои живеат за да „хејтаат“ и да провоцираат. Твитер, за жал, е познат по ваквото однесување уште од многу одамна. „Хејтот“ понекогаш и знае да продаде, но ништо лошо не е добро ако во иднина стане референца на твојот бренд.
Постојат повеќе различни пристапи во работата со инфлуенсерите – еднократно, краткорочно, кампањски или подолгорочна соработка. Секако најпрепорачлива е долгорочната соработка преку која може навистина да се пренесат квалитетот и сериозноста на она што го работите и го нудите, особено затоа што на тој начин брендот и инфлуенсерот заемно си помагаат во градење на својата комуникација кон јавноста. Секако, ова е и најпредизвикувачкиот модел. Она што е полесно, условно речено, и секако малку поризично, е краткорочната активација за одредена кампања или промоција. Во ваква ситуација еден инфлуенсер е ретко доволен за да има соодветен ефект, па затоа препорачливо е да се вклучат повеќе. Следен предизвик во овој пристап е соодветна комуникација со сите нив, соодветно вклучување во самата акција и секако компензацијата. Во светот сѐ повеќе почнуваат да се употребуваат различни платформи кои нудат брз и ефективен пристап до инфлуенсери. Но, колку се добри, толку може и да ве залажат овие платформи и да ви „продадат” многу убави бројки со мал реален ефект.
Како и да е, и во Македонија веќе голем број брендови соработуваат со инфлуенсери и ако судиме според нивната континуирана надградба на соработката тогаш навистина овие соработки имаат ефект. Она што може да биде подобро е да се стимулираат инфлуенсерите посериозно да го развиваат своето онлајн присуство и наместо да се фокусираат само на објава на Инстаграм и статуси да инвестираат повеќе време и ресурси за да креираат содржина која ќе трае малку подолго и ќе остави посериозен белег зад себе, за самиот инфлуенсер и секако за брендот.

ПРЕПОРАЧАНО