Финансии / Банкарство
Што очекувате од 2018 година? Бранко Азески: РЕЛАКСИРАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ОДНОСИ МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН
Претседател на Стопанската комора на Македонија
По долг турбулентен период исполнет со низа неизвесности на економски и политички план, бизнисот во 2018 година треба да очекува создавање нормални услови на стопанисување на пазарот на стоки и услуги, непречено владеење на правото и отстранување на сите фактори што го нарушуваат нормалното функционирање на пазарниот начин на стопанисување. Приоритетните заложби мора да бидат насочени кон зголемување на економскиот раст преку зголемување на производството, извозот и инвестициите за да се постигне намалување на невработеноста и зајакнување на конкурентноста на македонската економија. Заложбите на бизнис-заедницата се во голема мера инкорпорирани во предвидените владини мерки за економски раст, но потребно е да се постават јасни и дополнително разработени критериуми за мерките да станат оперативни уште на почетокот на годината и да ја постигнат целта за која се креирани. Тоа не ја исклучува потребата паралелно да се разговара за креирање долгорочна стратегија за економски развој имајќи ги предвид потенцијалите на нашата економија, а за да се постигне стапка на раст меѓу 5 и 7 % во наредниве десет години. Во 2018 година не помалку важно ќе биде натамошното релаксирање на економските односи меѓу земјите од Западен Балкан, кои ќе се реализираат преку Коморскиот инвестициски форум како инструмент кој ќе ја поттикне економската соработка и ќе биде кохезиски фактор на политичкото и економското функционирање на Балканот, а кој директно ќе влијае и на поттик на македонската економија.